еМагазин
Image default
БАШ НИ Е ЌЕФ

Уникатоста на „вранецот“ ги отвора вратите на македонското вино кон светските вински пазари

Винската сорта „вранец“ е нераскинлив дел од винскиот идентитет на земјава, но и на целиот регион. Уникатноста на оваа автохтона сорта, неjзините карактеристики и потенцијал се основа која може да се искористи како платформа за уште поголема промоција на „вранецот“, но и на другите сорти и вина од Македонија на странските пазари. Ова беа само дел од поентите истакнати на настанот „Светски ден на вранецот 2019“ (Vranec World Day 2019) кој во саботата се одржа во Скопје, во организација на здружението „Вина од Македонија“.

Овој настан првпат се организира во светот и тоа во нашата земја и застана рамо до рамо со другите меѓународни денови кога се слават различни сорти вино низ целиот свет. Врвни вински професионалци, специјализирани новинари, вински судии, сомелиери, вински фотографи и блогери, како и многубројни љубители на виното, беа дел од големиот настан.

Зборувајќи за „вранецот“, претседателот на здружението „Вина од Македонија“, Светозар Јаневски, истакна дека секој странски вински експерт и љубител на виното што имал можност да проба вино направено од оваа сорта се воодушевил од длабоката и интензивна боја, аромите, потенцијалот за грациозно стареење на овие вина, нивната структура, карактер и комплексност.

– Се работи за „голема“ винска сорта која има потенцијал да застане рамо до рамо со веќе етаблираните и добро познати „каберне совињон“ или „мерло“ и да ужива меѓународна репутација. Сега е вистинското време да се посветиме на регионалната компонента и на она што нѐ прави различни, уникатни и ни овозможува да обезбедиме заслужено место во винската индустрија во глобални размери токму преку оваа значајна иницијатива – „Светски ден на вранецот“. Целта е, не само нашата земја, туку и сите земји кои се денес овде присутни со нас преку своите претставници, да имаат бенефит при промоцијата на вината создадени од „вранец“, како и да ја отвориме вратата и за останатите автохтони сорти на светскиот пазар – истакна Јаневски на свеченото отворање на настанот.

Здружението „Вина од Македонија“ е економски и социјален партнер на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во државава, со кое вложуваат заеднички напори за стратешка промоција и позиционирање на оваа сорта на светската винска сцена. Како што истакнаа од „Вина од Македонија“, за овие активности за позиционирање и промоција досега се вложени повеќе од два милиона евра само за промоција на „вранецот“ како сорта.

– Нашите мерки за развој на оваа индустрија веќе даваат позитивни резултати. Република Северна Македонија станува препознатлива по производството на квалитетно вино и на квалитетен „вранец“, што нѐ етаблира како винска земја – изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски.

Тој ја поздрави иницијативата за организирање „Светски ден на вранецот“, како и за формирањето на „Балканската винска мрежа“. Оваа мрежа официјално беше формирана пред неколку дена во Скопје на иницијатива на здружението „Вина од Македонија“ и е замислена како регионална мрежа за соработка во винската индустрија на земјите од Западен Балкан.

Во рамките на „Светскот ден на вранецот“ беа организирани панел-дискусии и мастер-класови со светски вински професионалци кои го истражуваат „вранецот“ како сорта, како и потенцијалите кои ги има. Винските експерти од земјава го истакнаа големото значење на „вранецот“ за Македонија и покрај тоа што сортата изворно потекнува од Црна Гора.

Како што тие истакнаа, во земјава од засадени 28.200 хектари винско грозје, дури 10.800 хектари се насади на „вранец“. Здружението „Вина од Македонија“ во рамките на настанот прогласи пет лица, интернационални вински експерти за „Амбасадори на вранецот“, чија задача во иднина е да ја шират приказната за сортата на интернационалните пазари.

Освен стручниот дел, во рамки на настанот се одржа и ексклузивен салон на вина од сортата „вранец“, каде бројни познавачи и љубители на виното ги дегустираа вината произведени од домашните винарници, но и од неколку винарници од земјите во регионот.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

ЕВН Македонија со три награди за безбедност и здравје при работа за 2020 година

Редакција

Американскиот бренд GUESS со моно бренд продавница во Македонија

Редакција

И Атиџе на фестивалот „Денови на македонскиот мед 2020“

Редакција