еМагазин
Image default
На кафе во Кантина ТОП СТОРИИ

Љупчо Николовски:  Како “бунтовникот со причина“ стана министер

Многу благодарно е кога еден човек има можност да направи промени, кои ќе донесат бенефит за многу граѓани, посебно за некој кој растел со такви идеали, како што себе си се опишува актуелниот министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, еден од најмладите во Владата.

Има 35 години.

Колку ќе успее во тоа и колку ќе ја искористи можноста да донесе добро за граѓаните, имајќи ја во предвид комплекноста на овој сектор и бројните проблеми, а малкуте пари, ќе покаже времето.

Од секогаш сум бил амбициозен и бутновник со причина

Николовски вели дека бил амбициозен уште од дете:

„Како дете често знаев да ги поведам напред останатите деца од маало, а подоцна и во училиште“.

Секако дека во тоа време во глава не му доаѓала помислата дека еден ден ќе биде министер, но сепак се надевал дека ќе работи нешто кое ќе му овозможи да прави промени.

„Секогаш бев бутновник со причина. Верував дека работите може да се променат на подобро и посакував да бидам дел од тоа“, вели тој.

Уште како дете и тинејџер ги сакал општествените науки, а интересен детал, кој е малку познат во јавноста е дека како средношколец напишал и драма „Будење“, која е објавена, а која меѓудругото зборува за правдина, правичност и солидарност.

Растел со уште еден брат, кој е поголем од него.

„Со брат ми многу се разликуваме. Имам и полусестра. Од нив добивам несебична поддршка, особено што сум најмал“.

За неговата фамилија вели дека е скромна. Мајка му е забен техничар, татко му пензионер, кој со години работел во Авто мото сојуз, а брат му е во шпедиција со години.

Вели дека неговите родители не биле баш среќни кога влегол во политика, сакале да биде адвокат, но со времето, се навикнале.

На забавите често одбирал музика

Во училиште како што вели не му одела баш математика, па затоа и запишал општа гимназија, а во тој период како тинејџер често пуштал музика на забавите во единствената дискотека во родната Крива Паланка, а како што вели е фан на хаус и комерцијална музика.

Сакал да се испроба и како радио водител, но тоа желба не му се остварила.

По завршувањето на средното училиште доаѓа во Скопје и се запишува на Правен факултет.

„Многу учев. Знам дека звучи како клише, но навистина беше така. Не ретко преполагав испити за поголема оценка“, вели Николовски.

По завршувањето на факултетот го полага и правосудниот испит, но никогаш себе си не се гледал како судија или обвинител, туку како адвокат во сферата на корпоративен бизнис, деловното право и консалтинг.

Пред да дипломира шест месеци бил во Вирџинија, САД, преку студентска размена, програма преку која студентите може и да работат.

„Таму научив што е работа и како да се осамостојам. Работев различни работи, како и секој друг студент што оди на вакви програми. Сам се грижев за себе и научив дека за да добиеш нешто треба да биде заслужено“, вели тој.

Пред да влезе во политика имал и работно искуство во фирма за анализи.

Како стана политичар

Во политика влегол случајно. Како што раскажува во неговата потесна и поширока фамилија нема други политичари.

Политиката ја видел и како одлична можност да ги реализира идеите за промени со кој растел.

Член е на СДСМ од 2000 година, а како што вели се одлучил баш за таа партија, поради нејзината идеологија.

Во 2009 година е избран за член на Советот на Општината Крива Паланка, а следната година на 24 години станува и претседател на општинската организација на СДСМ во Крива Паланка.

Во 2013 година по доаѓањето на Зоран Заев на лидерската позиција во СДСМ, станува негов шеф на кабинет, а пред да стане министер во новата Влада, беше и дел од техничката Влада пред последните парламентарни избори, како заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Тој е и актуелен член на Извршниот одбор на партијата.

Му верувам на Заев

Со Заев се запознал во 2009 година во Струмица, кој тогаш бил потпреседател на СДСМ, а интересен детал од таа средба, како што раскажува, е дека кога се запознале со Заев си ја имал повредно ногата при пад од мотор.

Николоски исто така сака мотори, но не е толку голем љубител како Заев, но вели дека понекогаш возат заедно.

На прашањето кој е според него најдобриот лидер кој го имал СДСМ, вели дека Заев се разликува по многу работи од другите, дека верува во него и дека го смета за близок, а вели дека е и близок и со фамилијата на премиерот.

„Со Заев се запознав во период кога почнав да се сомневам дека во Македонија се можни промени, иако секогаш верував дека се може да се сврти кон подобро“.

Не одговара конкретно на прашањето за лоби групите во партијата – кумановска, струмичка, скопска… и за шпекулациите присутни подолг период дека во партијата се води „битка“ меѓу две крила, едното на лидерот Заев, другото на министерката за одбрана и вицепремиерка Радмила Шекеринска.

„СДСМ е демократска партија. За се водиме широки дебати“, вели Николовски.

Период на кој секогаш ќе се сеќава е времето кога СДСМ во јавноста ги објавуваше т.н. „бомби“ за работењето на претходната власт.

Имал можност и да слушне некои од „бомбите“ пред да бидат објавени.

„Секој момент очекуваме Заев да биде уапсен. Секако стравуваме и за неговиот живот. Но тој беше решен да оди до крај. Јас лично немав некои закани“, вели тој.

Како министер си дава оценка 7

Неговото име не се вртеше во јавноста по неофицијалните информации во јавноста дека ќе има некакви смени во Владата.

На прашањето која оценка сам би си ја дал за својата работа како министер, на скала од 1 до 10, се оценува со седмица.

Задоволен е од Владата во однос на барањата на министерството кое го води и вели дека на владини седници не дига само два прсти.

Не смета дека се променил и дека е арогантен откако станал министер.

„Секако поради работата трпи мојот приватен живот. Се трудам да дадам се од себе“, вели Николовски.

Свесен е дека води сектор, многу комплексен, кој не ги покрива само празните ниви по држава, чиј број констатно се зголемува, сериозниот проблем со откупот на македонските земјоделски производи, кој ги добива парите за субвенции…

„Знам дека сум под лупа на јавноста и така треба да биде. Знам каде влегов и што ме чека. Не само како министер, туку и лично се вложувам да има резултати, а не само ветувања. А за да има сериозни промени потребен е подолг временски рок, работите не се менуваат преку ноќ. Пред доаѓањето на СДСМ, ретко кој веруваше дека ќе има промени, но еве тие се случуваат“, вели Николовски.

За тоа дали себе си се гледа и на некоја друга функција, повисока од моменталната кратко одговара: „Тоа ќе каже времето“.

Од 12 братучеди, 11 ми работат во приватен сектор

Николовски деновиве е актуелен во јавноста и за друга тема, која нема врска со секторот кој го води, туку со вработувањето на неговиот братучед во агенцијата за македонска навигација М-НАВ, позната пред се по високите плати.

Пред да дојдат на власт СДСМ беа многу гласни за вработувањата по партиска линија, а посебно за вработувања на лица блиски на функционери.

„Имам 12 братучеди. Од нив единаесет работат во приватниот сектор. Одговорно тврдам дека не сум ургирал за неговото вработување, но знам дека тој има многу повисоки кфалификации од тие што се бараа во М-НАВ. Тоа можат да го проверат и надлежните институции“, вели Николовски.

Музика денеска „пушта“ по дома

Музика денеска „пушта“ по дома, а како што вели голем фан е и на планинарењето и трчањето:

„Редовно трчам, а често сум и на Осоговските планини“.

Се труди да ги одржува и контактите со своето семејство и пријателите, па како што вели еднаш неделно оди и во родниот крај.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Нема починати од Ковид-19 во изминатите 24 часа, дополнително пријавено едно лице

Редакција

Контакт со потврден случај имале 38,1% од новозаразените со корона вирусот

Редакција

ОН: Бројот на убиени цивили во Украина е над 6.884, од кои 429 се деца

Редакција