еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Уште не се знае колку дивоградби ќе се уриваат во Охрид

Со бројот на дивоградби во Охрид и долж брегот на езерото не треба да се шпекулира оттаму што со регистарот на дивоградби не може да се каже колку од тие објекти ќе добијат решенија за уривање. Голем дел од објектите впишани во регистарот на дивоградби со закон можат да бидат легализирани така што се уште не се знае колкав ќе биде бројот дивоградби што ќе ги урива општината, уште повеќе што голем дел од нив спаѓаат под ингеренција на Министерството за транспорт и врски.

– Колкав ќе биде бројот објекти што по никоја основа нема да можат да бидат легализирани ќе се знае откако ќе биде изготвена Студијата за евалуација на влијание врз животната средина. Сега треба да се направи мапирање на тие објекти, тогаш ќе го знаеме точниот број, изјави градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески на денешната средба со новинарите.

Меѓу нив има објекти изградени пред 15 години, така што процесот на уривање на дивоградбите ќе се одвива постепено, чекор по чекор. Ситуацијата дополнително ја усложнува непостапувањето на другите државни субјекти согласно регулативата и злоупотребата на правните лекови за одолговлекување на постапките.

– Со правосилни решенија за отстранување се неколку објекти, така што оттаму и нивното отстранување не е со таква динамика каква што веројатно очекуваше јавноста. Има еклатантни примери за диви градби, со фото-документација од 2017 година, донесено решение за отстранување, решението за банална причина обжалено пред Управен суд кој пресудил во корист на странката која градела бесправно и во меѓувреме поднела барање за легализација, рече Георгиески.

Пример за такви проблеми е хотелот кај Лагадин, за кој постои конечно решение за ништовност на дозволата за градба, но тоа решение не е правосилно, истото е обжалено пред Управен суд

– Ние можеме да го отстраниме тој објект согласно тоа решение, но доколку судот донесе пресуда во корист на странката, ние како општина ќе мора да го обештетиме, рече тој, појаснувајќи дека има неколку објекти за кои има решение за уривање, а чии сопственици се штитат пред законот со правни лекови по судовите, рече Георгиески.

Акцијата за уривање на дивоградбите најави дека ќе продолжи наредните денови, откако ќе биде усвоен ребаланс на буџетот со кој се предвидени дополнителни два милиони денари за уривање.

– Процесот ќе е болен и тежок, ќе трае и година, две, а ќе мора да се поправаат сите грешки и аномалии дозволувани во минатото. Надлежностите за многу објекти се на Државниот градежен инспекторат, така што ни останува нам да постапуваме по оние објекти за кои имаме финансиски средства од помал обем, како и кај оние за кои сопствениците пројавуваат волја сами да го остранат објектот, рече градоначалникот кој и во оваа пригода ја нагласи потребата од поголема ажурност на централните институции во справувањето со дивоградбите.

Што се однесува на плажите на крабјрежјето и истечените договори за концесии, Георгиески рече дека самиот бил изненаден од состојбите, постојат плажи кои години наназад работат и стопанисуваат без договори.

– Има плажи и од 2012 година кои години работат на диво, и никој не постапил за заштита на интересите на општината. И не е само општината, тука како алка во нефункционирањето на целиот систем, тука е пазарна инспекција, трудова инспекција, УЈП.

Мора да има заеднички и координиран пристап на сите чиниели на власта, дали на централно, дали на локално ниво. На крајот ќе испадне оние плажи кои се најголем проблем да бидат најбенигни, оттаму што тие работат без концесија две години, а има плажи кои се со истекнат договор од 2012 година, рече Георгиески, притоа отворено повикувајќи ги граѓаните и јавноста прашањата за проблемите во градот да почнат да ги поставуваат и до други адреси.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Има ли несогласувања помеѓу СДСМ и ДУИ: Законот за СЈО никако да стигне на седница на Влада

Редакција

Во понеделник јавни седници во Апелациски за притворите на Јанакиески и Божиновски

Редакција

(ВИДЕО) Мицкоски: На отворена сцена се одвива пазарење со името и идентитетот

Редакција