еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Успешен критериум за политичките прашања е во догледен период да имаме прва меѓувладина конференција со ЕУ, вели Ковачевски

За политичките прашања премиерите на Македонија и Бугарија зборувале и на средбата во Скопје и денеска на состаноците во Софија, каде се одржа меѓувладината седница на двете држави. Но, сепак денеска, како што изјави премиерот Димитар Ковачевски, повеќе се говорело за темите кои ги покриваат работните групи, а кои работат на конкретни проекти во дадените области.

Двајцата премиери, кои на средбата во Скопје успеаја да се договорат за користењето на кусото име Северна Македонија, кое сега има подеднакво значење како и долгото име Република Северна Македонија, а што беше едно од барањата „пет плус еден“, денеска во Софија не говореа за некаков конкретен политички договор, туку напоменаа дека и двете држави имаат министерства за надворешни работи, кои во полн капацитет работат и во моментот кога ќе се приближат ставовите за некое од политичките прашања, јавноста навремено ќе биде известена, јави известувачот на МИА од Софија.

– На средбата што се одржа пред седум дена во Скопје отворивме еден нов процес на дијалог, работните групи се формирани и водени од министрите, што ја покажува политичката волја и вклученост за овој процес да се води напред, но во нив ќе бидат вклучени и оние од реалниот сектор и стопанските комори, образовни институции…

Со ова сакаме да придвижиме еден процес, со кој сакаме да покажеме дека две соседни земји секогаш можат да додадат вредност, како за државите и за граѓаните кои живеат во нив, рече Ковачевски, одговарајќи на новинарско прашање на заедничката прес-конференција со Петков.

Во однос на мерливите критериуми за успешност на дијалогот не само за работните групи, туку и за политичките прашања, Ковачевски изјави дека критериум за успешност е доколку идната недела веќе имаме оператори од Софија да дојдат во Скопје или обратно каде што ќе разговараат за најекономски одржливата економска авиолинија, која би се воспоставила и би почнала со летови од 1 март.

Критериум за успешност во инфраструктурата е доколку до 2023 година 13 километри од патот се направи до граничниот премин Клепало и тој се отвори и тоа е критериум за успешност, изјави Ковачевски.

Во однос на политичките прашања, нагласи премиерот Ковачевски, успешен критериум е доколку успееме низ разговор на сите овие комисии, нормално низ еден политички дијалог на владите да постигнеме договор и во догледен период да имаме прва меѓувладина конференција со Европската Унија.

Во однос на тоа дали правата на Бугарите во Северна Македонија ќе се смета за критериум, Ковачевски истакна дека во различни држави има различни типови на устави, а во Уставот на Северна Македонија индивидуалните права се остваруваат колективно.

– Па така во нашиот Устав, освен македонскиот, впишани се и албанскиот и другите кои го сочинуваат, другите заедници и нормално и други граѓани на државата кои се самоопределуваат на друг начин, можат да побараат да бидат дел од Уставот, рече Ковачевски, кој нагласи дека тоа е процес, кој поминува низ фазите на уставните измени и во кој се вклучени повеќе институции.

– На патот на една држава кон Европската Унија се отвора Уставот, со цел да се направата и други адаптирања на Уставот и тогаш врз основа на тоа ќе бидат опфатени и тие прашање согласно барањата на граѓаните, нагласи Ковачевски.

Тој додаде дека ќе се разговара и за другите отворени прашања меѓу двете земји во рамки на овој нов дијалог, што го отворија тој и Петков.

Бугарскиот премиер, пак, одговарајќи на прашањето во врска со можност кризата околу Украина да го успори овој процес на дијалог меѓу Македонија и Бугарија, потенцира дека секој човек што се наоѓа во нивна позиција, преземајќи ја работата на премиер, знае дека секој ден ќе има некакви кризи за решавање.

– Ние сме тука бидејќи не се плашиме од кризи, бидејќи веруваме дека можеме да ги решиме. Но, во моментов има многу сериозни прашања и Ковид-19, тензиите меѓу НАТО и Русија, високите цени на струјата и на гасот…

Но, кога во таква тешка ситуација се гледа ден како денешниов, каде има реален напредок и веќе има работен процес со конструктивна насока, човек чувствува дека има зошто да стане наутро и да ја работи оваа работа, додаде Петков.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

На меѓувладината седница во Софија потпишани неколку договори, меѓу нив за железничкиот Коридор 8 и директната авиолинија

Нема да има кадровски смени во бугарскиот тим од заедничката историска комисија, најави Петков

МИА/Фото: Влада

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Поради болест на еден од обвинетите судењето за „Софтвери“ одложено за 29 ноември

Редакција

Министерството за здравство вработува 14 државни службеници, плата до 35.496 денари

Редакција

Каков имот пријавил пратеникот Арбен Зибери

Редакција