еМагазин
Image default
БЕНЧМАРК

Усвоена новата четиригодишна Национална програма за достоинствена работа

Создавање повеќе и подобри работни места, особено за младите, како и подобро управување со пазарот на трудот, преку зајакнување на социјалниот дијалог, се двата приоритети во новата Национална програма за достоинствена работа, која во наредните четири години ќе ја спроведуваат Меѓународната организација на трудот (МОТ), Владата, синдикатите и организациите на работодавачите.

Голем дел од целите и задачите на оваа Програма е планирано да бидат реализирани до средината на 2021 година, преку активностите во рамки на проектот „Зајакнување на социјалниот дијалог“, за што ќе бидат вложени близу 1,2 милиони евра, обезбедени од Европската Унија.

„Новата четиригодишна програма за достоинствена работа е изработена во консултации со Владата и социјалните партнери. Таа претставува јасен патоказ по кој треба да се движиме и да работиме заедно, со цел да се подобри управувањето со пазарот на трудот, креираат достоинствени работни места, да се гарантираат работничките права и да се промовира социјалниот дијалог, како клучни компоненти на економските и социјалните политики“, истакна Хајнц Колер, регионален директор на МОТ за Европа и Централна Азија, на настанот на кој беше усвоена новата Национална програма за достоинствена работа.

Покрај МОТ, својот потпис на програмата го ставија и останатите учесници во социјалниот дијалог, вклучувајќи ги претставниците на организациите на синдикатите, на работодавачите, како и на Владата, со што се обврзаа дека активно ќе соработуваат во нејзината реализација. Активностите во овој програмски документ на МОТ се синхронизирани со амбициозната реформска агенда утврдена во Програмата на Владата 2017–2020.

„Навистина ми е драго што создадовме една сеопфатна програма, преку која ќе создадеме повеќе и подобри работни места, особено за младите. Преку планираните активности заеднички ќе ги решаваме проблемите со кои се соочуваат институциите, синдикатите, работодавачите и на локално и национално ниво.

Со секое подобрување на социјалниот дијалог меѓу сите чинители сме чекор поблиску до реализирање на крајните цели –отворање повеќе и поквалитетни работни места, обезбедување динамичен економски развој и социјална правда за сите“, потенцираше министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска.

Дополнително, Програмата содржи и активности со чија реализација ќе се обезбеди неопходна поддршка на реформите на политиките и регулативата што се бараат во процесот на пристапување кон ЕУ, особено во однос на преговорите за Поглавјето 19 за вработување и социјални политики, за коишто МОТ ја става на располагање својата експертиза и искуство.

Досегашните извештаи на Европската Комисија за напредокот на земјата јасно укажуваат на потребата од натамошно зајакнување на социјалниот дијалог кој би бил во функција на поголем економски и социјален развој на земјата.

Преку обезбедената финансиска поддршка за реализација на голем дел од активностите предвидени во оваа програма, Европската Унија јасно покажува дека сака да ѝ помогне на земјата да постигне ефективен социјален дијалог како основен елемент на европскиот социјален модел, кој промовира конкурентност и подобрување на економскиот просперитет и социјалната благосостојба“, изјави Никола Бертолини, раководител на секторот за соработка во Делегацијата на Европската Унија.

Со потпишувањето на новата Програма за достоинствена работа официјално започнува и реализацијата на активностите од проектот „Зајакнување на социјалниот дијалог“ кој се состои од три компоненти. Со првата компонента треба да се подобри функционирањето и ефикасноста на Економско-социјалниот совет (ЕСС) – единствената институција за социјален дијалог на национално ниво помеѓу синдикатите, работодавачите и Владата.

Со тоа треба конкретно да се зголеми учеството на ЕЕС во обликување на регулативата и економско-социјалните реформи.

Втората компонента се фокусира на подобрување на социјалниот дијалог на локално ниво, преку подoбрување на функционирањето на локалните економско-социјални совети формирани во рамки на општините, со што ќе зајакне нивното учество во формулирање и спроведување на локалните политики за вработување, особено на младите.

Третата компонента од Проектот треба да им овозможи на синдикатите и на организациите на работодавачи да ги зајакнат сопствените капацитети, да ги подобрат своите услуги и да воведат нови, со што ќе се создадат услови за зголемување на базата на нивни членови и ќе се подобри нивната финансиска одржливост и ефикасност.

Усвојувањето на новата четиригодишна Програма за достоинствена работа на МОТ и почетокот на нејзината имплементација, преку проектот „Зајакнување на социјалниот дијалог“, се случуваат во годината кога Меѓународната организација на трудот одбележува 100 години од своето основање. Организацијата, која е дел од системот на Обединетите нации, е основана во 1919 година, како дел од Версајскиот договор со кој беше ставен крај на Првата светска војна, што претставува одраз на верувањето дека општиот и трајниот мир може да се постигне единствено ако се заснова врз социјална правда.

Главните области на делување на МОТ, наведени во преамбулата на Уставот на организацијата, усвоен при нејзиното основање, остануваат релевантни и денес, а ги вклучуваат: уредувањето на работното време и понудата на работната сила, борбата против невработеноста и обезбедувањето плата што осигурува соодветни услови за живот, социјалната заштита на работниците, децата, младите лица и жените.

Фото: Министерство за труд и социјала

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Над една третина Македонци зборуваат еден странски јазик

Редакција

Според Еуростат во Македонија просечниот работен век на работниците е 32 години

Редакција

Македонците живеат 5,6 години пократко од жителите на ЕУ

Редакција