еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Варошлија сведочеше за дружбата со Боки 13, Тодоровиќ, Панделески и Ременски повлечени од листата на сведоци

Модниот стилист Сергеј Варошлија, сопственичката на оптика, Марија Јанковска и сопственикот на галерија, Алекс Кртов, денеска сведочеа на судењето за случајот „Рекет“, за тоа од каде и како се познаваат со обвинетиот Бојан Јовановски – Боки 13 и за неговиот стил на живот.

Варошлија, кој сведочеше трет, рече дека со Бојан Јовановски се познава повеќе од 15 години, со кого има и соработувано и дружено.

– Често патувајќи среќаваше многу познати луѓе од модниот бизнис. Поради својата различност и често беше поканет на разни ревии и промоции. Често му подаруваа парчиња облека зашто го сметаа за инфлуенсен балкански лик, изјави Варошлија.

По отворањето на 1ТВ, рече дека бил вработен како заштитно лице.

– Имав прво авторски договор и потоа бев вработен. Добивав плата на сметка, рече Варошлија.

Ана Камчева му била клиентка, а Зоран Милески, најпрво го знаел од град, а потоа и интензивно кога почнал да се дружи со Јовановски.

– Доаѓаше во 1ТВ и дома кај Бојан Јовановски. Често одевме на вечери и ручеци. Еднаш има дојдено во телевизијата со Ана Камчева, рече Варошлија.

Еднаш, посочи Варошлија, бил поканет на ручек во ресторан од Бојан Јовановски, каде била и Ана Камчева.

На прашање од обвинетиот Бојан Јовановски, како се финансирала 1ТВ, Варошлија рече дека имале многу клиенти и реклами, посочувајќи дека требал да ја промовира водата Пелистерка во својата емисија.

На прашање од обвинителката Вилма Рускоска, дали му е познато дека има фискални сметки за брендираната облека, Варошлија рече дека не му е познато, но и дека не тврди дека се му е подарено.

Прва сведочеше Марија Јанковска, која е сопственик на оптика. Таа рече дека се знаат повеќе години со Боки 13 со кого соработувале и му давала очила како на позната личност за промоција на нејзината продавница.

Заедно патувале во Франција, Италија и Грција каде што присуствувале на разни модни настани или на одмор.

– Секогаш се сум си плаќала сама. Сместување, пат и трошок. Кога сме оделе на модни ревии и настани на Бојан некогаш му даваа и разни парчиња облека од познати марки како промоција за влијателна личност, изјави Јанковска.

Сведокот одговараше само на прашања од адвокатот на Бојан Јовановски, додека обвинителката не постави ниту едно вкрстено прашање.

Вториот сведок Алекс Кртов, сопственик на галерија, рече дека Бојан Јовановски му бил муштерија и му урамувал огледала за станот во Орман.

– Му правев некое огледало за станот во Орман. Имаше добар стан и тогаш го уредуваше. Јас му предложив да ставиме некои уметнички слики да постојат некое време. Знаете во тоа време тој беше ѕвезда скопска и таму се вртеа еминентни луѓе. Мене ми беше идеја по некое време да направиме аукција на телевизијата што ја водеше тогаш, изјави Кртов.

Посочи дека има склучено реверс за тие слики, договор за продажба се прави кога тие ќе се продадат.

Судењето за „Рекет“ се наоѓа во доказна постапка и го води судијката Васка Николовска-Масевска, а застапник на обвинението е Вилма Рускоска.

На денешно рочиште требаше да бидат сослушани уште тројца сведоци, но Владимир Тодоровиќ, Дејан Панделески и Јовче Ременски беа повлечени од одбраната, а сведокот Лидија Јаневака доставила медицинска документација дека е под стрес и не може да сведочи.

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција во октомври лани поднесе обвинение против Бојан Јовановски, Катица Јанева и Зоран Милески.

Првообвинетиот Јовановски се сомничи дека сторил кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело“ и за „примање награда за противзаконито влијание“.

Второобвинетата Јанева се товари дека сторила кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“.

На првото рочиште за „Рекет“, што се одржа на 3-ти декември минатата година, третообвинетиот Зоран Милески-Кичеец призна вина за делото „примање награда за противзаконито влијание“, по што беше осуден на три години затвор.

МИА/Фото: МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

МВР регистрира четири инциденти на гласањето, апелира на воздржаност од нарушување на јавниот ред и мир

Редакција

Центар го надмина Бутел по бројот на заболени од корона вирусот, во Чаир најмногу 168

Редакција

Сите детали: Уапсениот инспектор од УЈП, фатен со 5.000 евра во коверт

Редакција