еМагазин
Image default
Балкан

(ВИДЕО) Гости и ЛГБТ-активисти од Македонија: Масовна посетеност на Парадата на гордоста во Приштина

Припадници, активисти и поддржувачи на ЛГБТИ заедницата во Косово, под мотото „Во име на слободата“, ја одржаа денеска во Приштина Парадата на гордоста, која помина во мирна и свечена атмосфера и без ниеден инцидент, јави дописникот на МИА од Приштина.

Парадата, што се одржа во центарот на градот, од плоштадот „Мајка Тереза“ до хотелот „Гранд“, ја поддржаа и бројни политичари и личности од јавниот живот на Косово, меѓу кои министерката за европски интеграции, Дурата Хоџа, градоначалникот на косовскиот главен град, Шпенд Ахмети, неколку пратеници, како Мимоза Кусари Лила и Фрашер Красниќи, популарната пејачка Аделина Исмаили и други.

На парадата учествуваше и шефицата на Канцеларијата на ЕУ во Приштина, Наталија Апостолова, британскиот амбасадор во Приштина Руари О’Конор и други дипломати и претставници на меѓународните мисии во Косово.

Видливо беше и учеството на ЛГБТИ-активисти од соседните земји, од Македонија, од Албанија, од Србија и од Црна Гора.

Ова е втора Парада на гордоста во Приштина, а првата беше одржана на денешен ден минатата година. Пред тоа, три години беа организирани маршеви на припадниците и поддржувачите на ЛГБТИ популацијата. Сите овие манифестации поминаа без посериозни инциденти и само со помали јавни демонстрации на противниците на ваквите манифестации на геј-популацијата.

Парадата на гордоста, која годинава се одржува има за цел подигање на јавната свест, јакнење на положбата на припадниците на ЛГБТИ заедницата и прифаќањето од страна на општеството на лицата со различна сексуална и полова ориентација.

Организатори на парадата се Центарот за развој на општествените групи (ЦСГД) и Центарот за слобода и еднаквост (ЦЕЛ).

Во обраќањето на крајот од манифестацијата, претставникот на ЦЕЛ, Ленди Мустафа, изјави дека ЛГБТИ заедницата бара еднакви можности за сите, како и слобода за сите кои припаѓаат на оваа заедница, а не можат да се ослободат од притисоците во окружувањето.

– ЛГБТИ маршира со барања за фундаменталните права. Денеска во име на слободата ги повикуваме сите институции да обезбедат еднакви можности, бараме слобода за сите личности кои не можат да се ослободат од притисокот – да го живеат својот живот, да можеме да се изразиме такви какви што сме, порача Мустафа.

Парадата ја обезбедуваа бројни полициски сили, кои немаа потреба од интервенција.

МИА/Фото/видео: Радио Слободна Европа

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

По три месеци власт, изгласана недоверба на црногорската влада предводена од Дритан Абазовиќ

Редакција

Противпожарна служба на Грција: 92 жртви во пожарите во Атика

Редакција

(Видео) Во возило на Брза помош во Србија полицијата најде три килограми марихуана

Редакција