еМагазин
Image default
БЕНЧМАРК

(ВИДЕО) Како Ердоган ја „исшиканира“ претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен: „Јас каде да седнам?“

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган не ѝ намести столче на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен покрај него, како што би требало според протоколарниот статус. Таа како единствена жена седи на страна, подалеку од двајцата мажи кои се во центарот на собата, иако по функција е на исто ниво со Мишел.

Од Европската комисија денеска не го коментираат инцидентот за време на посетата на ЕУ челниците, Шарл Мишел и Урсула фон дер Лајен на Анкара, кога претседателката на Европската комисија (ЕК) доби седиште оддалечено од Ердоган и од Мишел, јави дописничката на МИА од Брисел.

Видеото е објавено после средбата на претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, со турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган.

На видеото јасно се гледа дека фон дер Лајен, единствената жена, мора да седи на одделно седиште, оддалечено од двајцата мажи, иако таа има ист протоколарен статус како и Шарл Мишел.

На слики од претходни посети на претседатели на овие две институции кај Ердоган се гледа јасно дека сите се седнати на исто место, со ист статус.

Новинарите денеска побараа одговори од Европската комисија зошто Фон дер Лајен прифатила да биде третирана така од страна на турскиот претседател.

Нејзиниот портпарол, Ерик Мамер, истакна дека таа самата била изненадена од оваа одлука, „како што се гледа на снимката“, додаде Мамер. Сепак, за Европската комисија е поважно да се задржи фокусот на содржината на средбата, наместо на формата.

– Средбата беше подготвена преку вообичаените канали со инволвираност на нашата делегација во Анкара, но службата за протокол на Европската комисија не беше дел од патувањето поради ковид-19.

Како што гледаме на снимката, претседателката беше изненадена, но без разлика на изненаденоста, таа претпочиташе да ѝ даде приоритет на содржината наместо на протоколот, и тоа е тоа што го очекуваат граѓаните на ЕУ, изјави денеска Мамер.

Тој потврди дека фон дер Лајен и Мишел имаат ист протоколарен статус и дека секогаш се третирани на еднаков начин при посети во странство.

Мишел и Фон дер Лајен вчера ја посетија Анкара во обид да ги рестартираат односите со Турција по бројните проблеми, како во делот со бегалците, така и со тензиите во источниот Медитеран, Грција и Кипар. Европската Унија го осуди унилатералното повлекување на Турција од Истанбулската конвенција за заштита на жените од насилство.

Претседателката Фон дер Лајен вчера изјави дека јасно му ставила на знаење на Ердоган дека ова повлекување не е прифатливо за ЕУ.

МИА/Фото: Фејсбук/Европска комисија

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Заедничка акција и користење на регионалните искуства за прилагодување на националната економија пред влезот во ЕУ

Редакција

Пендаровски од Давос: Политиката на отворени врати мора да продолжи, не само во однос на НАТО, туку и на Европската Унија

Редакција

ЕУ прифати дел од билатералните барања на Бугарија да стојат во преговарачката рамка

Редакција