еМагазин
Image default
Свет ТОП СТОРИИ

(Видео) Кинески балон лета над САД: За Американците е шпионски, Кинезите велат дека е метеоролошки уред

Постои сомневање дека кинески шпионски балон лета над САД веќе неколку дена, а високи американски функционери го советуваа американскиот претседател Џо Бајден да не го соборува поради стравувањата дека остатоците може да претставуваат закана за безбедноста.

„Јасно е дека намерата на овој балон е надзор“, изјави висок претставник на американската одбрана.

Тензиите меѓу Кина и САД, двете најголеми економии во светот, се зголемуваат од неодамна поради недоразбирањата околу Тајван и кинеските воени активности во Јужното Кинеско Море.

Вашингтон го надгледува балонот откако пред неколку дена влезе во воздушниот простор на САД, во кој има и американски воени авиони со екипаж.

Високи американски воени претставници размислуваа да го соборат балонот над Монтана, но на крајот препорачаа да се спречи тоа поради потенцијалниот безбедносен ризик од остатоците.

Американските власти го покренаа ова прашање со нивните кинески колеги.

-Им укажавме на сериозноста што оваа проблематика ја има за нас, изјави висок функционер.

Шпионските балони летаа над САД неколку пати во последниве години, но се чини дека овој се задржува подолго отколку во претходните случаи, изјави официјалниот претставник.

Кина: Наводниот шпионски балон над САД е метеоролошки уред

Кина соопшти дека наводниот шпионски балон, забележан над САД, е „цивилен воздушен брод“ што се користи главно за следење на времето, а кој ненамерно излегол од предвидениот курс на движење, јави Би-Би-Си.

Американските претставници од Министерството за одбрана рекоа дека веруваат дека балонот, виден над чувствителните области во последните денови, всушност е уред за „надзор од голема височина“.

Но, во соопштението, кинеското Министерство за надворешни работи рече дека се користи за „главно метеоролошки“ цели.

Кина претходно соопшти дека ги разгледува американските извештаи дека кинески шпионски балон бил забележан како лета над воздушниот простор на САД и повика на смиреност.

-Кина е одговорна земја и секогаш строго го почитува меѓународното право и нема намера да ја нарушува територијата и воздушниот простор на која било суверена земја.

Што се однесува до балоните, ја разгледуваме и проверуваме ситуацијата и се надеваме дека двете страни ќе се справат со тоа мирно и внимателно, изјави портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Мао Нинг.

САД и Канада денеска соопштија дека следеле шпионски балон што летал на голема височина над Северна Америка и над чувствителни воени локации.

Пентагон синоќа соопшти за присуство на балон во воздушниот простор на САД, за кој се верува дека е кинески, а канадската Влада денеска објави дека истражува „уште еден потенцијален инцидент“.

Блинкен ја одложи посетата на Кина

Американскиот државен секретар Антони Блинкен ќе ја одложи посетата на Кина откако беше откриен шпионски балон како прелетува над САД, пренесуваат американските медиуми.

Блинкен не сакал балонот да доминира на неговите состаноци со кинеските претставници, јави Еј-Би-Си Њуз, цитирајќи неименуван американски функционер.

Блумберг Њуз исто така јави дека патувањето ќе биде одложено.

Блинкен требаше да го посети Пекинг следната недела за да се сретне со неговиот кинески колега, министерот за надворешни работи Чин Ганг, како и со  кинескиот претседател Си Џинпинг.

МИА/Видео:The Star

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Витаминот Б12 може да го запре размножувањето на коронавирусот

Редакција

Лани одбиени 26,29% од барателите за виза во САД од Македонија

Редакција

Владата конечно го објави „францускиот предлог“ и на македонски јазик

Редакција