еМагазин
Image default
БАШ НИ Е ЌЕФ ТОП СТОРИИ

(ВИДЕО) Малиот Марко Пејчиновски на Голема Богородица ќе плива маратон од 64 км за лицата со ретки болести

Малиот Марко Пејчиновски минатата година направи подвиг за паметење откако за околу девет часа го преплива Охридското Езеро од Св. Наум до Охрид и стана најмладиот пливач кој ја препливал оваа делница и со тоа се вброи во легендите на пливачкиот спорт.

Тој успеа да го направи тоа и покрај тоа што има доживеано инфаркт на коска на долните екстремитети, соочувајќи се со болката која му беше сопатник и противник. Тоа не го спречи да се соедини со водата и езерото и да победи.

Годинава Пејчиновски е подготвен за нов подвиг.

„После испливани преку 1.000 км, напорни тренинзи, нервози, препреки, ветришта, браној, дожд, ладно и топло време, официјално Ви кажувам дека на празникот Голема Богородица јас ќе пливам од Охрид до Св. Наум, преку Струга назад до Охрид“, откри Марко во порака до следбениците на својот Фејсбук профил.

„ …тоа е родено во мене… сѐ е дел од мене… од судбината…“, вели Пејчиновски, 13 годишно дете-борец кое најавува дека на 28. август 2019 година, празникот Голема Богородица ќе плива соло маратон Охрид-Св.Наум-Струга-Охрид, патека во должина која е скоро пет пати поголема од неговата возраст – 64 километри.

Новиот подвиг и битка ќе ги посвети за повисока цел, велат од неговиот тим.

„За лицата со ретки болести. За да ја подигне свеста за нивното место и третман од и во општеството. Ќе плива искрено и од срце, со љубов, од него „реткиот“ за нив „ретките“. За да станат повидливи, прифатени и неразделен дел од нашето секојдневие. Ќе плива за нив, но и за нашето освестување!.

Оти отсекогаш се знае дека децата имаат најчисто срце, а со тоа и нивните намери и желби се искрени и полни и токму затоа децата нѐ учат нас возрасните дека е наједноставно да го направиш светот поубаво место за живеење сакајќи искрено, давајќи од срце и гледајќи околу себе.

Токму поради сето кажано, оваа година Марко пред себе постави сериозно голем предизвик со исклучителна хумана цел – да го сврти вниманието на јавноста, а пред сѐ на општествените чинители кон лицата со ретки болести, кои секојдневно бијат маратонски битки и се соочуваат со животозагрозувачки препреки.

Марко ќе биде гласот на овие луѓе кој на 28 август ќе се претвори во крик за поддршка на лицата со ретки болести и подобрување на нивниот статус во општеството, а пред сѐ на здравствената грижа за нив.

Затоа што сите имаме ист дом-Земјата, дишеме ист воздух, живееме под исто Сонце. Затоа што сите сме исти пред Бога, затоа што е цело кога има се и цело е кога не затвораме очи пред „реткоста„, туку гледаме свсно и со широко отворени зеници. Со срце за ретките!“, велат од неговиот тим.

Фото/видео: Тим на Марко Пејчиновски

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Убава вест: Собрани средствата за операција на ногата на Љуљета Адеми

Редакција

Кој е Бојан Маричиќ, новиот министер за правда

Редакција

Три лица биле на возраст од 40 до 49 години: За една недела 74 смртни случаи од Ковид-19

Редакција