еМагазин
Image default
ЧИСТА ОКОЛИНА

(Видео) Притисокот кон Заев за Лагадин се зголемува: Мала е границата од херој до злосторник

Притисокот од страна на јавноста кон премиерот Зоран Заев се зголемува, откако даде изјава дека хотелот во Лагадин ќе се гради.

Денеска, по повод Лагадин, писмо напиша македонскиот режисер кој живее во Москва, а Охрид СОС реагираа до нивниот в.д градоначалник, Константин Георгиески.

Писмото проследено до видео од Лагадин го пренесуваме во целост, потпишано од Давор Зењиловски:

„По повод изјавата на господинот Зоран Заев и неговото невнимание во односот кон целата населба Лагадин. Невнимание со кое разбунтува и крена притисок на пола јавност, невнимание кое навистина сакаме да е невнимание, а не некоја задкулисна игра.

Повеќето од куќите во Лагадин се постари и мали, кога се градела населбата планот бил куќите да бидат помали и поскромни, поради тоа што не се знаеле нит водоводната нит струјната мрежа дали и колку ќе издржи.

Истата мрежа до ден денес знае да колабрира, па по пар денови „мештаните“ да се на свеќи.

Но и во тоа има некоја љубов и убавина, без разлика што по децении „пцуеме“ по надлежните.

И така со повеќе свеќи во фиока, мојата куќа оваа година прави 51 година постоење. Дури пет генерации не „трпи“ мојата прабаба, мојата баба, вујко ми и мајка ми, мене и братучедите, внуците наши.

Пет генерации сме во нашето „омилено Хаваи“, пет генерации дружба и најубави моменти од животот, пет генерации жмурки, пет генерации оган и гитара на плажа. Ако се прашувате зошто толкав бунт, оти населбата е аманет од нашите дедовци, борци на НОБ, борци во Втората Светска војна, партизани и затвореници на Голи Оток.

Господине Заев, вашата изјава за Лагадин е во вид на најсилен осмоодделенец од цела генерација, спремен да се тепа со сите за невиниот второодделенец  „чичко“ Никола.

Тоа што само Горниот знае кој стои зад Чичко Никола, можеби и Вие или некој ваш близок, доаѓа во втор план. Не знам колку ве информирал Чичко Никола, при почетокот на градбата на неговото „објектче“, се случи лизгање на земја, односно куќата сосед веднаш до „објектчето“ и нејзината тераса пропаднаа во земја, речиси половина тераса отиде и среќа што градбата на тоа „објектче“ не беше платена со крв.

А затоа што нашата држава е таква каква што е – недржава, никој не гарантира дека Чичко Никола ќе изгради уште два три ката, како му текне на него и екипата во позадина, па да се случи уште некоја „беља“.

Објектчето не е на педесетина метри, туку е на пет метра од самото езеро.

Ве предизвикувам да дојдете, да го посетите Лагадин и да бидете наш гост, да видите зошто Лагадинците две години протестираат и фрлаат со дрва и камења по тој Монструм од објект.

Дојдете да видите која е таа населба сред балканскиот Ерусалим каде не владее максимата – да му умре козата на комшијата, дојдете да видите зошто луѓето кои живеат низ целиот свет од Канада до Русија, упорно и упорно се враќаат овде.

Да се чудите како киви виреат од секој двор, а млади луѓе одат дури до Горно Коњско за да ги „наѓубрат“ со природно ѓубриво, кое се всушност само козји „брбушки“.

На крајот, мора да ги согледате и од опасностите кои ги носи неминовно самиот хотел, од паркинг, узурпирање на мрежата, до не дај боже невнимание при возење и ненамерни жртви.

Мала е границата од херој до злосторник, Вие пролеавте крв за да ја ослободите Македонија од режим, немојте да си ставате крв на раце и да станете омразен „зликовец“. Оти ќе има и правда, се додека има „брбушки“ од Горно Коњско“.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Режисерот Иван Поповски со писмо до Заев напишано од неговата ќерка: Повеќе згради во Лагадин, повеќе гомца во езерото

Охрид СОС со реакција за Лагадин: СДСМ ќе биде партијата која ќе го однесе регионот на Листата на светско наследство во опасност

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Дрогериите dm ги укинуваат пласичните кеси за една употреба

Редакција

Автобусите на ЈСП возат празни: За кого мерките против загадениот воздух

Редакција

Опасен отпад фрлен во Карпош

Редакција