еМагазин
Image default
Интервју ТОП СТОРИИ

(Видео) Разговор со јеромонах Кирил за духовната страна на Велигденскиот пост: Да постиме пред сè, од злото во себе

Среда, ден среде недела, период среде Велигденскиот пост. Тивко во Бигорски манастир, веќе завршила Утрената. Монасите се враќаат од трпеза и секој продолжува со своите послушанија.

И 100 пати да појдеш и 101 пат манастирот однадвор ти изгледа велелепно. Угоре планина со снежни врвови, удолу Радика со нејзината смарагдна боја. Во средината на тој лебдечки простор, манастирот бигорски бел.

Внатре опива некој специфичен мирис што само таму го има. А кога е украсен со цвеќиња, за посебни празници, тогаш е рајска градина на земјата. Како за Велигден. Кога, цветови ги опсипуваат верниците. И во физичка и во духовна смисла.Но за тоа доживување, треба да помине постот. Не само со храна, туку оној суштинскиот.

За духовната страна на Велигденскиот пост разговаравме со јеромонах Кирил.

Во прекрасната библиотека на манастирот во која има книги од илјада седумстотини и некоја година па наваму и која е, македонско национално богатство. Место каде што повторно ќе се вратиме. Кога ќе заврши постот.

Во тек е Велигденскиот пост, каков е редот во манастирот во однос на литургиите?

-Во однос на постот може да се зборува навистина многу, литературата изобилува со изреки и поуки од светите отци, но она што е важно е да нагласиме дека постот е многу повеќе од воздржување од храна.

Постот е време во кое треба да практикуваме воздржание од секое зло, злото кое дејствува во нас, од сопствените страсти, гревовите кои дејствуваат во нас. Време кога треба да ја јакнеме својата самодисциплина и најважно, тоа е време благорпијатно, богоподарено во кое ние треба да се трудиме да се конектираме и општиме со Бога, нашиот спасител Господ Исус Христос, бидејќи токму тоа е и целта на нашето суштествување, соединувањето и станувањето едно со Бога, или како што го нарекуваат тоа обожение, охристовување.

Нашиот старец дедо Партениј, го споредува Великиот пост, светата Четириесетница со еден животен тек на човекот, бидејќи постот започнува со споменот на изгонувањето на Адам од рајот поради нивниот гревопад а со тоа и наш гревопад, оддалечување од Бога, а завршува со сесветото Христово воскресение.

Значи постот е патувањето од изгнанството на богооставноста до соединувањето, до нашето лично воскресeние, до нашата полнота на општење со нашиот спасител Господ Иус Христос. И тоа е навистина време во кое имаме благодат и сили од Бог да се самоиспитувме, и како што кажав, да се соединуваме со Бога.

Има разлика во богослужбениот циклус во Црквата. Впрочем богослужението за време на светата Четириесетница од историски аспект е најстариот вид на богослужение.

Секое нешто во Црквата си има свој историски развиток, тек, па така и богослужбата. И убавината на овој пост е тоа што е запазено тоа древно богослужение, особно т.н литургии на претходно осветени дарови кои се служат редовно во среда и во петок.

Литургијата на претходно осветени дарови, во својата суштина не е литургија во вистинска смисла на зборот, како останатите на пример Златоустовата, Василиевата, кога се извршува најголемото таинство во нашата вера, а тоа е претворањето на лебот и виното што ние му ги принесуваме на Бога, во вистински тело и крв Христови, со посредство на дејство на Светиот дух.

Литургијата на претходно осветените дарови, како што и самиот назив го кажува тоа, е всушност принесување на даровите кои претходно биле осветени во неделната богослужба во неделната литургија, која за време на постот е Василиева.

Тогаш се вади агнец односно тело Христово, се вади и за останатите денови, за средата и за петокот, и во тие денови во литургијата на претходно осветените дарови, осветениот агнец, телото господово се изнесува и пренесува на верните за да се причестуваат.

Бидејќи во суштина, кога има литургија, тоа значи празник, тоа значи воскресение. Литургијата, Божествената евхаристија, божествената благодарност значи празник, значи торжество. Кога имате литургија, присутно е царството небесно. Сега сме во време на пост и не е дозволено торжество, таков вид на празнување, бидејќи сега сме во период на покајание, самоиспитување.

Но, од друга страна пак верниците не можеле да живеат без причестувањето со телото и крвта господови и затоа, богоносните отци го смислиле овој многу мудар начин на принесување на светата причест во текот на посните денови.

Какво е правилото за причеста, оттука значењето на исповедта и благословот од духовникот?

-Исповедта има суштинска улога, впрочем не смееме да се причестуваме без претходно да сме се исповедале кај духовен отец, без да го имаме неговиот благослов, бидејќи светата тајна покајание и светата тајна исповед се врзани една со друга, тие се неопходен предуслов за пристапување кон таа голема светиња.

Причесната не е обична материја и не е само некој ритуал, обичај, пракса во Црквата која има симболичен карактер, туку таа е самиот живот на Црквата, присуството, живото реално присуство на Господ Исус Христос.

Ние се удостојуваме, смртниот човек да се причестува со бесмртниот Бог. Затоа, кон светата причест треба да пристапуваме совесно, или како што на секоја литургија свештеникот повикува, со страв божји, вера и љубов пристапете.

За да го имаме сето тоа, за да го имаме стравот Божји, за да ја имаме верата, да ја имаме љубовта кон светата причест од нас се бара, најнапред искрено да се покаеме за сопствената грешност, да ја осознаеме сопствената грешност, да се смириме пред Бога и секако да се исповедаме кај духовен отец, кој ќе ни даде благослов да се причестуваме. Се во Црквата е поврзано, причинско-последично.

Секој оди таму каде што му е убаво

Кој може да биде духовник, и кој може да врши исповед?

-Тоа е многу важно прашање, суштинско за денешницата бидејќи не секој свештеник  може да биде духовник и да носи човечки души бидејќи е одговорна и тешка задача, бара многу одговорност, посветеност. И духовникот пред се, треба да биде со докажан личен духовен живот. Ако да речеме е свештеник и има семејство да се знае дека во тоа семејство владее Христовиот дух, дека неговото семејство живее побожен живот. Оној кој успеал најпрво своите најблиски да ги приведе кон верата, ќе може и други да раководи.

Во манастир, одлучува Старецот кој ќе го понесе тој духовнички крст. Важно е верниците да бидат внимателни кого го избираат за свој духовник, затоа што за жал, имаме многу такви појави кога духовниците шират раздор и клевети преку своите духовни чеда, ги поучуваат да осудуваат други духовници, свештеници, монаси, дури и владици, синови, цели собори на Црквата што е многу погубно пред се за душите на тие духовни чеда, а потоа и за другите кои се соблазнуваат од тој дух на осудување, кој денес преовладува на социјалните мрежи.

Оној духовник кој те води по тивките води на спокојот Христов, кој те води во слободата Божја, кој те учи да љубиш, да не осудуваш, да простуваш тој е  вистинскиот духовник.

И природно е човек да се стреми да го најде својот спокој, својата духовна радост, својата исполнетост на внатрешниот човек и каде што го наоѓа тој спокој, да оди таму. Во духовноста нема закони кои ограничуваат.

Имаме примери и од постарата и поновата историја кога луѓе оделе од еден континент на друг за да си го најдат својот духовник, го нашле својот мир за да се исповедаат. За пример да ја земеме Света Гора, колку луѓе имаат духовници во светогорските старци. Тие не живеат на Света Гора за да одат таму на исповед, живеат насекаде по светот меѓутоа се наоѓаат со своите духовници и надвор од Света Гора ќе се договорат итн. Така што, човек оди онаму каде што се чувствува убаво, каде што се чувствува на вистинскиот Божји пат.

Кога имаме здравствен проблем, се трудиме да го најдеме најдобриот доктор за конкретниот проблем да ни помогне, тогаш уште повеќе треба да внимаваме при изборот на духовник и кај кого одиме да се исповедаме.

Многу може да наштети погрешниот духовник. Св. Порфириј Кавсокаливит еден современ светител на Православната црква вели дека некои духовници ги доведуваат до психички заболувања своите чеда, кога ги трујат со некакви стравови, со духовност на страв, несигурност, осудување, тоа е многу штетно за душата.

Дали сите монаси вршат исповед?

– Не. Тука се почитува тоа древно правило каде што Старецот на братството, одлучува кои браќа, кои јеромонаси ќе бидат духовници.

Дали имате одредена бројка на духовни чеда кои монасите во Бигорски ги имаат?

-Тешко прашање. Нашиот манастир е многу посетен. Фала му на Бога многу души наоѓаат духовен потслон во нашата обител особено кај нашиот дедо Старец, Владиката Партениј кој многу години, децении е духовник. Сега точна бројка не можам да кажам, но има илјадници духовни чеда кои нашле духовна поткрепа, духовна утеха.

Знаете, секој човек оди онаму каде што му е пријатно, каде што му е убаво. И со самото тоа, што толку луѓе доаѓаат кај нас за исповед, сведочи дека тие си ја наоѓаат својата радост, својата среќа тука. И секој човек треба да си ја бара вистинската духовна полза за себе си, духовната радост и слобода.

Колку е важна духовната поткрепа за проблемите со кои луѓето се соочуваат?

– Мислам дека е од пресудно значење, бидејќи човек не може сам во овој свет. Потребен му е патеводител, некој кој што ќе го крепи, насочува, утешува, ќе го поучува. Духовникот е еден вид кормилар на бродот кој плови на разбрануваното море на овој живот.

Како што сите ние имаме матичен лекар за телесното здравје, кога имаме проблем се консултираме со него, па тој да не упати што треба да правиме и каде да одиме, така е многу важно и во духовниот живот, во тоа духовно море кое е неспоредливо поголемо од овој физички свет, недогледно, многу е важно да имаме духовен раководител кој што ќе не води на тој пат.

Ние во Бигорски живееме во постојано чудо

Вие на вашиот сајт bigorski.org.mk објавувате писма од верници за чуда кои се случуваат овде.Можеме ли да спомнеме некои од нив?

-Да, тоа е убава рубрика на нашата страница, која што ја отворивме на барање на нашите верници кои доаѓаат тука и ни кажуваат за чуда кои им се случиле, за чудесни исцеленија, помош на светињата итн.

Велат, читаме секаде се случиле чуда ваму, се случиле чуда таму,  зошто и вие не отворите една таква рубрика во кои ќе бидат изложени некои од чудата на Св. Јован Крстител и на светињите кои се чуваат тука во Бигорски. И ете така, со благословот на Старецот ја отворивме таа рубрика.

Видете, ние живееме во едно постојано чудо, ми рековте да издвојам некое. За мене, најголемо чудо кое се случува по милоста Божја секој ден во овој манастир е божествената Eвхаристија, кога, како што спомнав претходно, лебот и виното преку дејството на Светиот Дух стануваа тело и крв Христови и ни се даваат нам за духовна храна. Поголемо чудо од тоа мислам дека не може да постои.

Фала му на Бога, се имаат случено многу исцеленија откако им се прочитале на луѓе болни од различни болести, молитви пред чудотворната икона на Св. Јован Крстител и неговите чесни мошти кои што се пазат во кивотот на Црквата, каде што имаме и парче од чесниот Крст.

Прва на памет ми дојде една жена од Битола која што беше болна од карцином во напредната фаза. Од страна на докторите ѝ беа одредени само неколку месеци или недели живот. Иако претходно никогаш не била во манастирот го сонувала, прашала според описот кој е тој манастир, ѝ кажале Бигорски.

Кога дојде тука, виде дека се е онака како што и се прикажало. И беше прочитана молитва и следниот пат кога отиде на проверка, на скен докторите останале запрепастени бидејќи од сите тие метастази што ги имала во телото, немало ни трага.

Во манастирот има и штитеници, колку се на број и дали под духовно раководство најчесто успешно се завршува нивната рехабилитација и ресоцијализација?

– Помошта на оние кои западнале во пороците на денешнината, во различни зависности е една од мисиите на Бигорскиот манастир и неа ја започна Старецот, дедо Партениј. Уште пред повеќе од 20-на години кога млади луѓе, доброволно почнале да бараат помош од него како духовник, тој тоа го воспримил како знак од Бога, дека треба да им помага на таквите лица и татковски ги отвори и манастирските врати и вратите на своето срце, ги прими тие страдалници под закрила на манастирот.

Фала му на Бога, низ сите тие години имаме многу успешни случаи, кога луѓе кои буквално со едната нога зачекорени во смртта воскреснале и во телесна смисла и најважно во духовна, целосно се ресоцијализирале, влегле во текот на општествениот живот, и денес се успешни личности кои си имаат семејство, пород, имаат работа.

Манастирот продолжува да работи со таа мисија. Имаме континуирано околу 30 млади луѓе кои се заштитени, закрилени во овој манастир. И како што кажавте, духовното раководство ја има клучната улога за спасението на тие луѓе.

Бидејќи разговорите, исповедта кај дедо Партениј нив буквално ги преобразува, ги ослободува од прангите на зависноста. И оние кои се искрени во сето тоа, имаат голем успех. Многу од тие деца го засакуваат Старецот како вистински татко, повеќе дури и од биолошкиот татко, бидејќи им е како втор родител, одново ги родил духовно и со нив, фала му на Бога има голем упех.

Слободата доаѓа со победата на егоизмот

Како изгледа еден ден на монахот, за монасите се вели дека нивната молитва е за целиот свет, па оттука, дали околу молитвата се врти животот во манастирот?

-Убаво кажавте, молитвата е суштествената дејност на монахот. Неговиот ден започнува и завршува со молитва. Вообичаено денот на монахот започнува со молитва, со тоа што, тој рано наутро се буди и е на лична молитва, на лично беседење со Бога во својата ќелија, за потоа да оди во храмот, во Црквата за заедно со сите браќа да застане пред Бога во соборна молитва.

Вообичаено започнуваме со утреното богослужение во 5.30 часот, сега за време на постите нешто порано, зборувам сега за редовниот циклус кога сме надвор од пости, имаме Утрена богослужба и литургија секој ден, па кратка пауза, потоа имаме молебен канон на Св. Јован Крстител во чест на чудотворната Бигорска икона, во 10 часот имаме ручек, потоа почнуваат послушанијата.

Во 16 часот имаме деветти час, тоа е едно посебно богослужение, споено со вечерната, вечера, па по вечерата, повечерие. После тоа, довршување на послушенијата во манастирот и повлекување повторно во монашките ќелии на лично бдение, на лично стоење пред Бога со молитва, со читање на душеполезна литература, со размислување за Бога, созерцание, Светото писмо итн.

Како што гледате, целиот живот во манастирот е така конципиран, тој да води кон тоа монахот постојано да се занимава со Бога, на овој или оној начин. Било да е во храмот, било да е во ќелијата, било да е околу манастирот и манастирскиот комплекс, извршувајќи ги своите послушанија.

Што е послушание?

– Во подлабока духовна смисла, послушание значи тоа кога ние сме послушни на Божјата волја преку духовникот. Послушанието е еден столб на Црквата. Преку духовникот, преку Старецот на манастирот, всушност доаѓа до израз божјата волја и ние правејќи му послушание на Старецот, всушност му правиме послушание на Бога.

Така вика еден од најголемите отци на нашата Црква, и можеби најголемиот монашки учител Св. Јован Лествичник, кој ќе го славиме следната недела, дури и посебна недела му е посветена од чесниот пост. Тој вели, кој го успокојува духовникот, Старецот свој, тој го успокојува и Бога и обратно. Кој го нажалува духовникот го нажалува и Бога.

Таа врска всушност е таинство, не функционира според логиката на овој свет. Тоа не значи покорност во световна смисла, ропство, потчинетост, тоа значи духовна слобода еден устрем, еден полет на душата кон пространството на божествената слобода. Монахот доброволно се потчинува себе си, ја дава својата волја во рацете на духовникот, за од негови раце да ја прими слободата.Тој станува доброволен затвореник, доброволен роб тука, за да биди Христов ослободеник, како што вика апостолот Павле.

Тоа е навистина една голема тајна за која би можеле многу да зборуваме, но тешко е да се објасни со човечки зборови, бидејќи е нешто што се живее. Тоа е живот. Таинство. На таинствен начин тука дејствува божјата благодат. Самиот Бог, самиот Христос е присутен.

А во однос пак на, ајде да кажам физичкото послушание, сега одиме на другиот аспект на терминот послушание, тоа се сите оние задолженија, работни активности кои ги доделува Игуменот во манастирот на браќата и се однесуваат на целокупниот живот на заедницата. И во самото тоа, повторно дејствува таа тајна на послушанието, таа тајна на соединувањето покорувањето кон Божјата волја. Нели, она „нека биде волјата Твоја“ постојано го кажуваме. Не мојата, твојата.

И преку обавувањето на своите работни обврски и послушанија, монахот пак таинствено комуницира со Бога, ја исполнува неговата волја и секако тие работни активности повторно се проследени со исусовата молитва која монахот е должен, даваме и завет на монашење, дека ќе ја кажуваме по можност и постојано, дури и во текот на ноќта. При се што работиме, таа молитва да си тече во срцето и во умот. Така што гледате дека се се врти околу молитвата која е оска, која не спојува со Бог.

Бигорски манастир го посетуваат и многу црковни великодостојници од соседните Цркви, што значат овие посети?

– Во прашање е една долгогодишна борба да речам, процес кој е воден од страна на Старецот наш Партениј за воспоставување на пријателски, братски односи со црковни великодостојници од речиси сите помесни православни цркви. Дедо Партениј, како што е познато, има многу пријателски контакти со тие лица и тоа всушност е од полза за целата наша Црква, не само за манастирот.

Гледате дека благодарение на сите тие контакти, на сета таа комуникација, на таа борба за афирмација и признавање на нашата Црква од страна на дедо Партениј и други духовници, архиереи од кај нас, доведе до тоа нашата Црква да биде примена во канонско единство и да добие еднаквост, правно постоење заедно со сите помесни православни Цркви.

Така што, тие посети имаат огромно значење не само за Бигорската обител туку и за целокупниот црковен живот овде. Бидејќи преку заедничарењето, преку споделувањето, преку тие контакти стекнуваме пријателства, имаме многу луѓе кои искрено ја сакаат верата, го сакаат православниот народ, без разлика каква националност е тоа, тука тоа нема никаква улога.

Сакаат, сите верници да бидат обединети околу едната чаша Господова, бидејќи самата молитва на Господ Исус Христос во Гетсиманија е, сите да бидат едно.

Кога доаѓаат ги пречекува гарда облечена во традиционални народни носии. Може ли нешто повеќе да ни кажете за овој обичај?

– Станува збор за мијачката гарда, мијачката гарда од сејмени (чувари) на манастирот. Тоа се како почесна гарда. Во минатото, кога времињата биле понесигурни, понестабилни, манастирот имал своја гарда на сејмени кои што го чувале, биле вработени за да го чуваат.

Идејата за да се возобнови, воскресне таа гарда, е на дедо Партениј, кој особено ја почитува културата и духовното наследство на овој Мијачки крај на Македонија, и одамна сакаше да ја возобнови таа раскошна, таа убава мијачка носија, карактеристична само за овој крај.

Се сеќавам, тогаш бевме во Музејот на Македонија каде што се чуваше една полна носија со сите тие елементи. Исто така тука многу помогна и Владо од ансамбалот „Македонија“ кој е вљубеник во народните носии. Целосно беше сочувана една таква носија, мијачка, сејменска и така со дозвола, ги зедовме тие носии, се направи иста кројка, ист плет на оригиналната мијачка носија.

Беше тешко да се најдат и мајстори кои везат, кои го работат тоа, за жал тие занаети се речиси замрени. Итака фала му на Бога, успеа да се возобнови таа мијачка носија, карактеристична за овој крај. Ги облекуваме тие млади луѓе кои доаѓаат тука во манастирот кога имаат некоја свеченост, празник, посета, чест кон празникот, светецот, денот, гостинот, ги облекуваме заради почест.

Кога сме веќе кај промоцијата на македонската култура, традиција, Ве обвинуваат за ширење на бугарска пропаганда, кружи едно видео на социјалните мрежи од вас, па би сакала ваш личен коментар околу тоа, за тие напади преку тоа видео?

– Прво, да кажам на почеток, да служев против интересите на сопствениот народ и сопствената држава немаше да бидам во овој крај на Македонија, да ѝ служам пред се на нашата Црква, на оваа светиња, на нашиот народ, без притоа да земам никаква плата, ни црковна ни државна. Оти секој бигорски монах тука е дојден доброволно, го положил својот живот на овој олтар, овде, во служба пред се на Бога, а преку него и во служба на ближните, за сопствената Црква и народ.

За нас монасите од Бигорскиот манастир, предводени од нашиот Старец, дедо Партениј, македонското национално чувство е светиња, ние тоа го чуваме како светост. Целта на таа изјава и на тоа интервју што беше пред неколку години, и сега одеднаш го воскреснаа на социјалните мрежи со некоја задна цел, беше да ѝ дадам научно-оправдан имунитет на македонската нација.

Сакам да кажам дека ,без разлика како нашите предци биле заведени од разните власти кои владееле на овие простори, или самите себе си се дефинирале и се идентификувале некако во своите мемоари, писма, документи итн, има полно примери, тоа не значи дека ние сме помали Македонци. Напротив, вистината е свето нешто. Ние треба да го одбраниме она што го имаме како македонско национално  чувство, да го одбраниме со вистината како најголем аргумент.

Не соседите наши да ни вадат некои факти и некои докази, со нив да не удираат по глава дека фалсификуваме и дека ја засноваме својата историја и своето чувство на митови, романтичарски приказни, туку напротив, ние први да излеземе и да си кажеме како е историјата, какви се фактите. Но тоа воопшто не значи дека ние денес не сме Македонци. Напротив, вистината ќе не направи поголеми Македонци и поголеми патриоти.

Секој човек си има свој развој, и телесен и духовен, ментален. Така и секој народ, си има своја еволуција и свој еволутивен процес. 19 век е век на создавање на нациите, во тој век можете да забележите кај многу дејци од овие простори лични преобразби и промени и лична еволуција.

Некој деец при раното детство или раното творештво се идентификувал себе си поинаку, од она што подоцна го тврди во своите дела. Што треба да кажеме, дека бил несвесен, не знаел што е, бил изгубен? Како, кога можеби бил еден од најучените луѓе во своето време. Тоа е личен развој, напредок, така се развиваат и создаваат нациите.

И ние тоа што денес го имаме како македонско национално чувство е плод на тој развој. Треба да си го чуваме како нешто свето, бидејќи и тоа е дар од Бога. Државата е дар од Бога, јазикот наш македонски е дар од Бога, јазикот е нашата татковина. Тоа треба да го чуваме, култивираме и негуваме, но не со бајки и фалсификати, туку со вистина.

Така што, тие злонамерни исечоци, вадења од контекст, не служат за доброто на нашето општество и македонската држава, туку се инструирани од некои центри кои не го сакаат нашиот прогрес, успех, сакаат еден вид на стагнација.

И за жал, многу луѓе кои не се упатени и не се свесни, потпаѓаат под нивно влијание и ги прифаќаат како вистина, но со Божја помош, вистината секогаш испливува на површина, така што и оваа вистина ќе дојде до израз.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Детали за авионската несреќа кај Кавала: Сите загинати се украински државјани

Редакција

Молк од Никола Груевски и Ѓорге Иванов за стартот за промена на Уставот

Редакција

Бугарскиот амбасадор положи венец на гробот на „бугарскиот“ револуционер Гоце Делчев

Редакција