Владата предводена од СДСМ си згази на сопствената програма и на ветувањата за воведување праведен данок односно оданочување на големите штедни влогови во банките и капиталните добивки.
Вицепремиерот Кочо Анѓушев и министерката за финансии Нина Ангеловска вчера најавија дека постои волја кај Владата за одложување на прогресивното оданочување во овие категории со што станува извесно дека жртви на новиот данок се само лицата кои имаат повисоки месечни примања како што се програмерите, здравствените работници од приватниот сектор, вработените во авијацијата и други дејности, кои иако имаат повисоки плати се далеку од богати.
ШТО ВЕТУВАШЕ ВЛАДАТА?
При воведувањето на таканареченото праведно оданочување Владата објаснуваше дека Македонија има рекордна социјална нееднаквост во Европа.
„Најдоходовните 1% од луѓето во Македонија заработуваат 14,4% од вкупниот доход во државата, што е највисоко од сите европски земји за кои постојат вакви податоци. Тоа значи дека најдоходовните 1% заработуваат 14,4 пати повеќе од просекот, односно 4.486 евра месечно, наспроти 311 евра, колку што изнесува просекот. Истовремено, 21,9% од населението во Македонија е сиромашно, што повторно е едно од највисоките нивоа во Европа“„, соопштија тогаш од Владата.
Оттаму додадоа дека воведувањето праведен, односно прогресивен данок е неопходно за да се намалат овие проблеми.
„Со праведниот данок би се намалила нееднаквоста во државата и би се прибрале дополнителни средства во државниот буџет за намалување на сиромаштијата и за подобрување на јавните услуги.
Доходот од камати на орочените депозити моментално не се оданочува во Македонија. Сите земји на ЕУ, со исклучок на Естонија, ги оданочуваат и каматите. Освен доходот од камати, во Македонија не се оданочува ни доходот од капитални добивки од хартии од вредност“, соопштија од Владата.
ЛАЖНА БОРБА ПРОТИВ СОЦИЈАЛНА НЕЕДНАКВОСТ
Владините претставници објаснуваа дека кај доходот од имот, околу 38% завршува кај најдоходовните 1% и дека најконцентриран е доходот од капитал, каде што повеќе од 90% од доходот завршува кај најдоходовните 1% од населението.
Тие најавија дека оданочување на капиталните добивки од хартии од вредност и на каматите од орочени депозити, како што е во скоро сите европски земји, со стапка од 15% ќе почне да се применува од 2020 година, како и дека на доход од камати до 250 евра годишно, нема да се плаќа данок.
Со последните најави за повторно одложување на примената на овој вид оданочување станува очигледно дека Владата ретерира во корист на богатите, а на сметка на посиромашните граѓани.
Со други зборови толку од борбата против социјалната нееднаквост на оваа Влада.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Бранимир Јовановиќ: Владата работи за богатите со одложување на оданочувањето на капиталните добивки