еМагазин
Image default
Бизнис

ВМРО ДПМНЕ: Зголемувањето на даноците ќе придонесе за даночна евазија и пораст на сивата економија

СДСМ е на пат да ја доуништи македонската економија. Поврзано со крајно катастрофалните резултати и перформанси на македонската економија во изминативе 15 до 18 месеци во време на владеење на коалицијата на власт предводена од СДСМ и ДУИ сега конечно се најавува зголемување на даноците во Република Македонија и покрај сите укажувања од страна на јавноста на бизнис заедницата и на граѓаните дека тоа во овој момент за Република Македонија е погрешна мерка, изјави Трајко Славески, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ по објавувањето на одлуката на Владата за воведување прогресивен данок.

„Имено станува збор за денешната најава дека дефинитивно Министерството за финансии односно Владата на Република Македонија ќе воведе прогресивно оданочување и ќе го напушти концептот на рамен едноставен данок кој што опстојуваше цели 11 години од почетокот на наредната година.

Само да потсетиме на некои ветувања од областа на даночната сфера кои што не се реализираа.

Имено, СДСМ отстапи од ветеното враќање на 15 % од прибраниот данок на додадена вредност на граѓаните доколку ги приложат фискалните сметки и оваа реформа или мерка е одложена најверојатно во недоглед. Наместо тоа како што е познато се зголеми акцизата на дизел горивата мерка што значително ги погоди по џебот и граѓаните и земјоделците и бизнис секторот со зголемување на трошокот од вкупно 3.54 денари во услови кога на светските берзи расте цената на суровата нафта што се одразува на малопродажните цени на горивата. Прашање е до кога македонските граѓани ќе го толерираат ваквото однесување на СДСМ.

СДСМ одлучи да се спротивстави на целокупната бизнис заедница во однос на противењето за воведување на прогресивен данок во Република Македонија.

Само да потсетиме дека се многу јасни укажувањата на сите стопански комори во Република Македонија кои што на почетокот на септември упатија писмено барање за одложување за најмалку 5 години на зголемување на даноците во земјата укажувајќи на крајно штетните последици што тоа ќе ги предизвика за бизнис секторот“, рече на прес конференцијата Славески.

Не само што ќе биде погоден бизнис секторот односно претпријатијата во Република Македонија зголемувањето на данокот директно ќе се одрази на платите на вработените оние кои што ќе бидат погодени со оваа мерка од причина што во систем во кој се исплатува бруто плата работодавачите нема да бидат подготвени да ги зголемат платите за сметка на зголемениот данок и тоа значи намалување на платите на вработените, посочи Славески.

“Само да повториме на некои од укажувањата на бизнис заедницата и на јавноста во врска со штетните последици на оваа мерка во Република Македонија.

Прво, ова ќе значи притисок врз компаниите да ги зголемат цените поради зголемените трошоци за труд со што ќе се зголеми стапката на инфлација. Понатаму зголемениот персонален данок на доход  едноставно значи пониски нето плати затоа што значи дека работодавачите нема да го понесат тој дополнителен фискален товар.

Зголемените даноци што е многу битно, значат и зголемена даночна евазија, на ова особено истакна бизнис заедницата, пораст на сивата економија. Зголемените даноци значат загуба на работни места заради порастот на трошоците за работна сила.

Зголемените даноци не значат зголемени буџетски приходи. Видовме дека пресметките на Министерството за финансии кои што се проблематични покажуваат дека наводно ќе се прибереле дополнителни 25 милиони евра, а знаеме ние дека само со укинувањето на радио дифузната такса во Буџетот се слеваат помалку средства од оваа предвидена сума.

На проблемите доколку се воведе прогресивното оданочување укажа и групацијата Македонија 2025, околу која се собираат македонски бизнисмени или бизнисмени од странство кои што се по потекло од Република Македонија.

Имено, покрај укажувањето дека ќе се намали бројот на вработени во Република Македонија беше укажано и дека ќе се намалат идните инвестиции. Некои компании веќе најавуваат повлекување од инвестициски вложувања во Република Македонија. Ќе се засили што е особено значајно одливот на мозоци,  затоа што ова ќе ги погоди професионалците, оние кои што со својот труд и со својот ум придонесуваат што пазарот ги вреднува нивните квалификации, личности кои ние по секоја цена треба да ги задржиме во Република Македонија, да не отидат во некоја друга земја која што има подобри даночни услови. На ова укажаа компаниите од информатичките технологии преку нивната асоцијација МАСИТ.

СДСМ од идеолошки причини фрла дрвја и камења по концептот на едноставни рамни даноци. Нема никаква друга причина, односно објаснување затоа што во моментот преку 20 земји од Европа го имаат имплементирано рамниот данок, трите балтички држави, кои што немаат врска со тоа што беше истакнато денес од страна на министерот Тевдовски со некој социјализам, тие одамна се модерни, современи функционални пазарни економии. Унгарија, Романија, соседна Бугарија и слично, единствено министерот Тевдовски се повикува на примерот на соседна Албанија, а каде што социјалистичката влада од постојниот систем на рамен данок премина кон прогресивно оданочување.

И што е најважно рамниот данок, анализите покажуваат дека не придонесува за зголемување на јазот помеѓу богатите и сиромашните. Нека се погледнат податоците за таканаречениот Џини коефициент кој што ја мери нерамномерноста во распределбата на доходите кои што во последните пет, шест години во Република Македонија, бележи благ но сигурен пад и е понизок од времето во кое што имавме прогресивно оданочување, а тоа значи пред 1 јануари 2007 година.

Значи да повлечам, СДСМ застана против или наспроти укажувањата на бизнис заедницата, укажувањата на граѓаните, укажувањата на младите професионалци во Република Македонија кои што доколку ова навистина се оствари а најверојатно намерата е да се реализира затоа што Министерството за финансии најверојатно ги има вградено овие мерки во Предлог – Буџетот за 2019 година, значи сето тоа ќе придонесе младите кадри да ја напуштаат и понатаму Република Македонија“, рече Славески.

Вториот дел се однесува на најавените козметички мерки за реформа во системот на социјална заштита во Република Македонија предложени од Министерството за труд и социјална политика, предводено од Мила Царовска, посочи Славески.

„Владата на Република Македонија влегува во опасна авантура со тоа што сака да воведе систем на гарантиран минимален приход, нешто што не постои во Европа и ретко каде во светот.

Имено, Финска една од најбогатите земји во Европа и најбогата социјална држава експериментираше на околу 2000 вработени во период предвиден од 2 години како ќе функционира системот на базичен доход што е блиску до она што е гарантиран минимален приход и го напушти воведувањето и го одложи во недоглед, сметајќи дека тоа е скапа мерка

За Република Македонија, изедначувањето на социјалната помош со минималната плата ќе има катастрофални последици затоа што ги обесхрабрува они кои што сакаат да работат и со тоа да стекнуваат работни навики, квалификации и итн.

Не е само намерата важна, важни се последиците.

Ова се случува во период кога знаеме како и оди македонската економија. Нема раст на БДП, не се искористи поволната клима во светската економија за зголемен раст кој што можеше да ја повлече Република Македонија, далеку сме од перформансите од 2007 година кога имавме раст на БДП од 6 проценти и растеа сите големини. Ја спомнувам 2007 година затоа што тоа беше првата поволна година од владеењето ан тогашната коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ кога се случи промена на власта со парламентарните избори во 2007 година.

Сега владее мртвило, сивило а со овие мерки постои опасност да се доурниса македонската економија.

Значи во вакви околности да воведувате минимален приход, ќе повторувам значи изедначување на социјалната помош со минималната плата ќе имаме понатамошно продлабочување на состојбите на пазарот на труд.

Од оваа година од оваа реколта немаше кој да ги собере јаболката во преспа, немаше кој да помогне за собирање на грозјето во Тиквешијата.  Останаа несобрани заради недостиг од работна сила и заради големи надници кои што се наметнуваат на пазарот заради овие противречни мерки на Владата. Сакам да кажам дека ќе имаме уште поголеми проблеми.

За пензискиот систем се најавуваат козметички промени. Ние очекуваме дека нешто радикално ќе се предложи затоа што таму состојбите навистина се алармантни со големиот дефицит во фондот на пензиско осигурување. Се оди со повторно зголемување на стапката на придонесот од 0,4% осигурување што од друга страна ќе значи зголемување на трошоците дополнително за работна сила. И некои козметички промени за кои нема значително да ја подобрат состојбата во пензискиот систем и останува некоја идна влада да бара решенија кои ќе бидат трајни“, рече Славески.

СДСМ: На ВМРО-ДПМНЕ му пречи праведното оданочување и зголемена социјална помош за 300 отсто

Антизападното раководство на ВМРО-ДПМНЕ денеска уште еднаш потврди дека работи против граѓаните, против градење на фер општество, против зголемена поддршка за најранливите категории граѓани, реагираат од СДСМ на прес конференцијата на ВМРО ДПМНЕ.

„Зошто на врвот на ВМРО-ДПМНЕ му пречи праведно и фер оданочување кадешто оние што имаат најмногу ќе плаќаат повеќе од оние што имаат најмалку? Рамниот данок што го воведе владата предводена од Никола Груевски им дозволи на најбогатите да се богатат уште полесно, оставајќи го мнозинството граѓани на работ на сиромаштијата, да се мачи да ги задоволи своите основни потреби за живот.

Нaместо тоа, праведниот данок оди во прилог на целата економија и на сите категории граѓани. Со воведувањето на прогресивното праведно оданочување, ќе бидат опфатени само еден отсто од најдоходвните граѓани, а истовремено во Буџетот ќе се слеат средства од 25 милиони евра, пари со кои ќе се финансираат мерки за намлување на сиромаштијата.

Што има антизападното раководство на ВМРО-ДПМНЕ против зголемена социјална помош? Со средствата од фер оданочувањето, ќе се финансира мерката минимален загарантиран приход со која на примателите на социјална помош им се зголемува социјалната помош за 300 отсто. Дополнително, се воведува и образовен и детски додаток за повеќе од 60.000 деца.

Зошто на антинародното раководство на ВМРО-ДПМНЕ му пречи стабилен пензиски систем? Со минимална корекција на стапките на придонес за пензиско и инвалидско осигурување и здравствено осигурување за вкупно 0,5 процентни поени ќе се избегне зголемување на старосната граница, а ќе се стави под контрола буџетскиот дефицит во ПИОМ кој за 10 години се зголемил за 150 отсто токму заради неодговорните и криминални политики на ВМРО-ДПМНЕ.

Истовремено, продолжува законското усогласување на пензиите два пати во годината, а се воведува и социјална пензија.

Даночната реформа и пензиско-социјалната реформа е во фунцкија на остварување на заложбата за фер и праведно општество со намален економски јаз меѓу граѓаните и изградба на систем на социјална заштита што трајно ќе извлекува од сиромаштија. Колку и да е тоа неприфатливо за антинародното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, Македонија се гради како фер и еднакво општество на еднакви граѓани“, велат од СДСМ.

Фото: ВМРО ДПМНЕ

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Халк банка оствари добивка од 10,6 милиони евра

Никола Осило

„СВ-Инвест“ го доби тендерот на ЕЛЕМ за помошна механизација во РЕК Битола тежок 53 милиони денари

Никола Осило

Цела листа: Кои компании во Македонија влегоа во бизнисот со марихуана

Редакција