еМагазин
Image default
Локално

Внимателно да се вози во овчеполскиот регион: Снегот и ветерот прават наноси на патот

Ветерот прави проблеми на екипите на ЈП „Македонија пат“ на патот Велес-Штип во овчеполскиот регион. Раководителот на регионалната подружница на ЈП „Македонија пат“-Штип, Кире Коцев вели дека кај селата Сарамзалино и Павлешинци поради силниот ветер на коловозите се прават и наноси од снег, но екипите се постојано на терен и ги расчистуваат, за да се одвива сообраќајот во зимски услови.

Тој забележува дека и синоќа имале пример, кога тешко моторно возило поради немање зимски гуми, односно опрема застанало на коловозот меѓу селата Лозово и Сарамзалино, но сообраќајот не бил попречен и се одвивал без проблеми.

-Заедно со полицијата успеавме да го тргнеме настрана. Затоа по кој знае кој пат ќе повторам дека во вакви зимски услови на пат не се тргнува со летни гуми, а брзината се прилагодува на условите на патот, вели Коцев.

Тој истакна дека се ангажирани сите камиони, а на патиштата во источна и југоисточна Македонија се фрлени околу 150 тони сол и 300 м/3 ризла. Се чистат само патиштата од прв приоритет.

Коцев кој е најискусниот инженер во регионалната подружница на ЈП „Македонија пат“ – Штип и ги познава сите патни правци и проблеми, кои што можат да се појават на нив забележува дека и со старата механизација можат да се справат со проблемите, но оти, според него, државата под итно треба да размислува за набавка на нови машини.

-Убаво е што се градат нови патишта, но со нивната изградба треба да се размислува и за набавка на нови машини. Во моментов нашата механизација е стара, постојано ја поправаме и ја одржуваме. Сепак ќе кажам и во такви услови еве успеваме да ги одржуваме патиштата. Но, мора  да се размислува и да се набават нови машини, за да се одржуваат и новите патишта кои се градат во источна и југоисточна Македонија, вели Коцев.

Сообраќајот на патиштата во источна и југоисточна Македонија се одвива во зимски услови.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Се уште непознат идентитетот на починатиот пронајден на Плачковица

Редакција

На прилепчанец му го запалиле „Аудито“ во Скопје

Редакција

Ски-картите за Попова Шапка, ќе важат и за следна сезона

Редакција