еМагазин
Image default
Свет ТОП СТОРИИ

Војна или бизнис: Убиството на иранскиот генерал ја вивна цената на нафтата

Цената на нафтата марка Брент со испораки за март 2020 година на Лондонската берза го надмина нивото од 70 американски долари за барел. Нивото од 70 долари е постигнато првпат после 22 мај 2019 година.

Испораките за февруари на американската супер лесна нафта (ВТИ) на берзата во Њујорк (НИМЕХ) поскапеа до 64.33 долари за барел.

Поскапувањето на нафтата е резултат на воздушниот удар на САД во Багдад и убиството на иранскиот генерал Касем Сулејмани. Нападот беше одобрен од американскиот претседател Доналд Трамп, пренесуваат странските агенции.

По ова, Иран и САД разменија низа од закани. Техеран повика на „уништувачка одмазда“ за убиствто на генералот, Трамп се закани со нови удари во случај на напад на американски објекти.

Стејт департментот пак укажа на „зголемен ризик“ од напад врз нафтени постројки на Саудиска Арабија.

Трамп: Избрани 52 мети во случај на одмазда на Иран

Трамп на Твитер напиша дека Иран „многу смело зборува за таргетирање одредени американски цели“ како одговор на смртта на Сулејмани.

„Ова е предупредување за Иран доколку нападне Американци или американски имот дека сме насочени кон 52 ирански позиции, од кои некои се од високо ниво и многу важни за Иран и иранската култура. И тие мети ќе ги погодиме многу брзо и многу силно. САД не сакаат повеќе закани! “, објави американскиот претседател.

Трамп нагласува дека се избрани 52 цели што ги претставуваат 52 Американци држени како заложници во американската Амбасада во 1979 година во Техеран.

„Тој (Сулејмани) веќе ја напаѓаше нашата Амбасада и се подготвуваше за нови напади на други локации. Иран со години не беше ништо друго освен проблем“, напиша Трамп на Твитер.

Инаку, Белата куќа неколку дена подоцна го информираше официјално Конгресот за акцијата спроведена во петокот по наредба на американскиот претседател Доналд Трамп.

Забележано е дека голем број демократи од Конгресот го критикуваа Трамп затоа што не побарал одобрување од Конгресот за нападот, што предизвика драматично зголемување на тензиите меѓу Иран и САД и нејзините сојузници.

Претседателката на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси рече дека ударот е извршен без одобрение и консултација со Конгресот.

САД истовремено почнаа со префрлање во Кувајт на повеќе од 4.000 војници од составот на 82-та воздушно-десантна дивизија од база во Северна Каролина.

Зголеменото американско воено присуство на Блискиот исток е резултат од стравувањата на Вашингтон од веројатни одмазнички напади од Иран по убиството на Сулејмани.

Врие на Блискиот исток

По нападот врз иранскиот генерал имаше протести во Иран. Зеинаб Сулејмани, ќерката на иранскиот генерал Касим Сулејмани, убиен во воздушниот напад на САД во Багдад, се закани со напад врз американските воени сили на Блискиот исток.

„Семејствата на американските војници на Блискиот исток ќе поминат денови во очекување на смртта на нивните деца“, рече таа, обраќајќи се пред стотици илјади луѓе за време на погребната поворка за нејзиниот татко во Техеран.

Исто така, генералот Исмаил Гани, кој го замени Сулејани на лидерското место на елитната единица Кудс, вети дека ќе се одмазди.

„Семоќниот Бог вети дека ќе се одмазди, а Бог е главниот одмаздник. Секако ќе се преземат активности“, рече Гани во интервју за Иранската државна телевизија.


Истовремено, Ирак најави дека ќе побара американските војници да ја напуштат земјата. За таа цел, изготвен е план што ќе ги посочи конкретните чекори за бавно преместување на американските трупи од Ирак, изјави воениот портпарол Абдул Карим Халаф.

„Ирачката влада се подготвува за почетокот на повлекувањето на американските трупи од земјата. Активностите на меѓународната коалиција во Ирак ќе бидат ограничени на консултации, вооружување на ирачките сили и обука на воен персонал, додека странските трупи ќе се повлечат. Најновите американски воздушни напади се лудило, поради што невозможно е да се молчи повеќе“, рече Халаф.

Светот на нозе

Русија и Кина ќе преземат заеднички чекори за мирно решавање на конфликтите на Блискиот исток по убиството на иранскиот генерал Касим Сулејмани. Тоа се нагласува во соопштение на руското МНР по телефонски разговор меѓу министрите за надворешни работи на двете држави Сергеј Лавров и Ванг Ји.

Двајцата министри нагласија неприфаќање на непочитување на Повелбата на ОН во контекст на ракетните напади на САД врз цели во Багдад во кои загина командантот на силите Ал Кудс што се дел од иранската Ревиолуционерна гарда. Тие велат дека акцијата на САД сериозни ја заострила ситуацијата во регионот.

Амбасадорите на НАТО се состанаа во седиштето во Брисел по зголемувањето на тензиите на Блискиот исток. Минатонеделното убиство на Касим Сулејмани во американски напад со беспилотно летало на аеродромот во Багдад изненади многу од сојузниците на Вашингтон и предизвика повици за деескалација.

Филипинскиот претседател Родриго Дутерте и нареди на војската да подготви авиони и бродови за евентуална евакуација на илјадници филипински работници во Ирак и Иран „во секое време“, а другите азиски држави размислуваат за слични мерки поради можно избувнување насилство на Блискиот исток.

Началникот на Генералштабот, Фелимон Сантос рече дека филипинските сили идентификувале можни патишта за евакуација не само во Ирак и Иран, туку и од другите жаришта, како што е Израел.

Филипини се водечки извор на работна сила во светот, а во Иран и Ирак има повеќе од 7.000 филипински работници, вклучително и многу кои работат во американски и други странски објекти и трговски установи, соопшти Министерството за одбрана.

Фото: Newsweek/Jutarnji list

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Што се случува со предметот „Пациент“ на СЈО, во кој се гони Бујар Османи

Редакција

Нови 15 пациенти починаа од Ковид-19, седум се од Скопје

Редакција

Убава вест: Оздравени 287 болни од Ковид-19

Редакција