еМагазин
Image default
Локално

Во Охрид има над 500 дивоградби, но решението не е нивно уривање, вели градоначалникот Георгиески

Долгогодишното катастрофално управување со Охрид на сите нивоа, несоодветните законски решенија правени ад хок за задоволување одредени политички и финансиски моќници, како и нефункционалните институции години наназад резултира со сегашната состојба. Тие се рак рана не само на Охрид, туку на државата во целина. Она што ни преостанува е заеднички со посветена работа да ја запреме натамошната деградација и девастација на Охрид, како и да се поправат дел од штетите направени во минатото.

Тоа денеска го истакна градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески, кој нагласи дека тој лично и Општината ја поведуваат битката за враќање на сјајот на Охрид свесен, како што рече: „дека тоа нема да биде лесно, ниту оти промените ќе дојдат преку ноќ“.

Во изјавата што ја даде пред медиумите по однос на нацрт-извештајот на УНЕСКО во кој се бара ставање на охридскиот регион на листата загрозени природни и културни богатства, Георгиески најави дека во рок од 30 дена ќе биде изготвен и јавно објавен регистар на нелегални градби.

– Во услови кога државата години наназад спроведува легализација на дивоградби, дискутабилно би било како ние како локална самоуправа ќе пристапиме кон уривање. Во Охрид има сигурно повеќе од 500 објекти што се со решенија за уривање. Проблемот е повеќеслоен, и урбанистички, и социјален тој има и соодветен бизнис-аспект.

Лично сметам дека општествениот интерес, односно интересот на Охрид треба да биде на прво место. Не сум приврзаник на репресивни мерки или уривање, но мора да се воспостави систем на функционирање, процедура на носење одлуки и процес што неминовно ќе мора да се спроведе независно колку и да е непопуларен, рече Георгиески.

Тој рече дека секој предмет на дивоградба ќе биде поединечно разгледуван, а процесот на уривање ќе биде неселективен и без поштеда.

По однос на прозивањето во врска со реконструкциата на Алипашната џамија Георгиески потсети на ветувањата дадени пред граѓаните дека ќе бидат обелоденети вистината и правдата.

– Алипашината џамија е објект под заштита на Управата за заштита на културното наследство. Факт е дека реконструкцијата на објектот е последица на потпишан договор меѓу Влади на две држави, директна инвестиција на влада на странска држава, за што е издадено конзерваторско одобрение за реставрација во кое постои оспоруваното минаре. Точно е и дека во деталниот план не е предвидено минарето, но во услови кога проблемот е надлежност на државните институции, тогаш апсолутно јас како градоначалник немам никакви ингеренции, појасни тој.

Во врска со барањето од УНЕСКО за мораториум на градење на крајбрежјето, Георгиески истакна дека Општината нема законска основа врз која би се повикала за прогласување забрана за градење.

Георгиески рече дека Општината има изготвено временски рокови како ќе делува, што ќе се прави по однос сите забелешки на УНЕСКО, притоа посочувајќи на дел од она што е преземено во изминатите две години, како што е точката за обезбедување средства за новото Јавно претпријатие „Колекторски систем“, отстранувањето на палмите од крајбрежјето што се спроведува уште од вчера.

– Клучните негативни оценки не се нерешливи и со малку залагање и помакотрпна работа можат да бидат решени, рече тој.

Георгиески најави дека лично ќе учествува на на 43-тата сесија на Комитетот за културно наследство што идниот месец ќе се одржува во Баку, Азаербејџан, каде ќе ги презентира акциските планови што се предвидени за спроведување со цел да не биде загрозен статусот на охридскиот регион во УНЕСКО.

Тој потсети дека во извештајот се нотирани и спроведени позитивни активности, како откажувањето од изградбата на ски-центар на Галичица, изградбата на автопатот А3 од Охрид до Свети Наум, завршена анализа на влијанието врз животна средина на Заливот на коските, почнување на решавање на прашањето на Сатеска.

Позитивно е оценето расчистување на 12 нестандардни и 84 диви депонии вклучувајќи го и Мауцкер, откажување од измената на Планот за управува со Националниот парк „Галичица“…

– И да биде усвоен нацрт-извештајот на УНЕСКО во Баку не значи дека Охрид го губи статусот на заштитено подрачје од УНЕСКО. Ние како локална самоуправа ќе преземеме се што е во наша надлежност за задржување на тој статус, нагласи тој.

МИА

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

(Фото) УНЕСКО ги „искорна“ палмите во Охрид

Новиот градоначалник на Охрид, Георгиески вети дека градов сезонава нема да биде панаѓур

„Сега можете да рушите и да викате од УНЕСКО ни рекоа. Ајде!„: Твитер реакции по препораката Охрид да се стави на листата на загрозени светски наследства

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Скопјанец ја претепал мајка си и ги нападнал полицајците кои интервенирале

Редакција

Дома чувал три килограми марихуана

Редакција

Кратовчанка во казино разменувала фалсификувани банкноти од 500 евра

Редакција