еМагазин
Image default
Балкан

Вучиќ: Датумот за преговори на Скопје и Тирана би бил добра вест 

Српскиот претседател Александар Вучиќ смета дека добивањето датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ на Албанија и Северна Македонија би била добра вест за двете земји, за нивните граѓани, но и за Србија.

-Тоа би била добра вест за нив и за нивните граѓани. Барем би добиле одредена надеж, што е добро за нив. А она што е добро за нив, добро е и за нас, рече денеска Вучиќ на панелот „Западен Балкан: отстапување од ЕУ?” во Братислава, одговорајќи на прашањето на модераторката Валери Хопкинс, како гледа на европската интеграција на Албанија и Северна Македонија, кои чекаат датум за почеток на преговорите.

Според српскиот претседател, сите лидери на Западен Балкан сакаат нивните земји да влезат во Европската унија.

-Многу работи зависат од нас, но и нешто зависи и од желбата на Унијата. За тоа треба да се биде свесен, дополни Вучиќ.

Оцени и дека многу пречки треба да се отстранат. Во овој контекст истакна дека Србија и Северна Македонија ќе воспостават заеднички граничен премин, што е многу важно. За ова, како што рече, разговарал и со претседателот и со премиерот на Северна Македонија.

-Ова ќе стапи на сила за два месеца. Ќе го направиме и со другите соседи. Ќе биде добар чекор напред, кажа Вучиќ, изразувајќи подготвеност за формирање и царинска унија со цел на привлекување инвеститори.

Кога станува збор за европската интеграција на Србија, нашата најголема пречка е Косово, изјави Вучиќ, додавајќи дека во Извештајот на ЕК во врска со економијата немало забелешки, а тоа се однесувало на владеењето на правото, работата на Парламентот.

-Но, најважниот дел од Извештајот на ЕК е она што ќе биде со Косово и Приштина. Затоа секогаш сум за потенцијален договор помеѓу Белград и Приштина. Ако тоа го направиме, како блок на нации, територии, земји, многу тоа би можеле повеќе отколку денес. Но, има уште една работа која не зависи од нас, туку е желба на земјите на ЕУ, рече Вучиќ.

Црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ кој исто така учествуваше на панелот во Братислава изјави дека за него не постои план Б кога станува збор за Европската унија. Црна Гора стана членка на НАТО и е напредната во европската интеграција за разлика од другите земји. Предупреди дека Балканот мора да биде зона на одговорност на Европа, бидејќи е географски дел од Европа, но исто така и на европски систем на вредности, како и дека на геополитичката сцена има нови играчи.

-Кина и Русија ја бараат својата позиција на Балканот, а колку ќе добијат, зависи од тоа колку НАТО и ЕУ ќе им дадат. Затоа, јас ги повикувам НАТО и ЕУ да ја завршат својата работа во регионот, да престанат да повторуваат дека вратата е отворена. Ние во регионот ретко одиме на врата, повеќе одиме низ ѕид и за тоа плаќаме цена, кажа Ѓукановиќ, додавајќи дека е потребна јасна европска политика за земјите од Балканот.

МИА/Фото: Влада

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Притвор од 30 дена за таткото на момчето кое уби осум ученици во училиште и чувар

Редакција

Канцерогениот ребрест чипс со вкус на пиперка е од чачанскиот производител Chips way

Редакција

Вознемирувачки снимки од суперќелиската бура која го погоди Балканот, има и неколку жртви

Редакција