еМагазин
Image default
Бизнис

Сите детали: За колку ќе поевтини роамингот со земјите од регионот

Цените на роаминг услугите од денеска за Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора се намалени за 68 проценти при појдовни повици, за 31 процент при дојдовни повици, за 71 процент за СМС и за 89 проценти за користење интернет. Намалувањето за сите роаминг услуги во Албанија и Косово е за над 93 проценти.

Министерот за информатичко општество Дамјан Манчевски на прес-конференција истакна дека при  патување во Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Србија и Црна Гора ќе може да се користи интернет, да се испраќаат СМС пораки и да се добиваат повици и примаат повици за цени пониски дури и до 99 проценти.

– Конкретно, ќе  можат да вршат повици кон земјите од Западен Балкан по цена од 5,05 денари по минута (со ДДВ), за што досегашната цена во просек беше 75,4 денари, ќе можат да примаат повици во која било од тие земји по цена од 2,9 денари по минута (со ДДВ), наместо досегашната од 30,2 денари и да  праќаат СМС пораки по цена од 2,6 денари (со ДДВ), наместо како досега од 16,1 денар. Цените се линеарни, односно важат за сите земји и за било кој оператор, информира Манчевски.

Според него, намалувањето ќе придонесе за развој и олеснување на комуникцијата за тие кои редовно патуваат поради работни обврски, но и за оние граѓани кои туристички патуваат особено сега во летниот период.

Манчевски појасни дека разликата во намалувањето на цените изразено во проценти  се должи на тоа што во првата група се земји со кои што претходно имавме потпишано Спогодба за намалување на цените на роамингот (Босна, Србија и Србија), а во втората група се земји каде што цените на роаминг услугите не беа регулирани претходно (Албанија и Косово).

Со Договорот за намалување на цените во роаминг, се предвидува во јули 2021 година роамингот во Западен Балкан да биде целосно укинат.

– Овој договор беше предуслов за почеток на процесот за намалување на цените за роаминг и со ЕУ. Разговорите ќе ги иницираме веднаш, а целта ќе биде набрзо после 1 јули 2021 година да дојде и до вакво драстично намалување и на крајот укинување на роамингот помеѓу Западен Балкан и ЕУ, рече Манчевски.

Државава има потпишано меморандуми за соработка со цел поевтин роаминг и со Грција и Бугарија, но тие уште не се стапени во сила. По изборите во Грција следниот викенд ќе ги продолжиме разговорите со цел да се реализира слично намалување. Веќе сме во разговори  и со Бугарија и со Министерството и помеѓу регулаторите веќе има иницијатива, дури и самите оператори веќе договараат одредени пакети со кои  што мислам дека бргу ќе можеме да излеземе со конкретни информации, најави Манчевски.

Намалувањето на цените на услугите во роаминг, произлезе како заклучок од првиот Дигитален Самит што се одржа во Скопје, по што следуваше потпишувањето на договор помеѓу шесте држави на самитот во Белград.

– Во процесот беа вклучени регулаторите и мобилните оператори од земјите од Западен Балкан. Имаше и проблеми. Дел беа предизвикани од бизнис интереси, дел од техничка природа, а дел беа и политички. Сепак на крајот со голема поддршка, пред се, од владите на сите земји од регионот, на ЕК и на РСС, успеавме, наведе Манчевски, истакнувајќи ги и заложбите на Агенцијата за електронски комуникации, и операторите Телеком и ВИП.

Претставниците на операторите истакнаа дека ја поддржуваат иницијативата на Владата за намалување на цените за роаминг и покрај тоа што таа ќе им влијае на нивните приходи.

– Сметаме дека секоја иницијатива која оди во насока на подобрување на корисничкото искуство е позитивна. Ова е влијание врз роаминг приходите, но за нас врвен приоритет е корисничкото искуство и се што оди во насока на  подобрување на тоа  е позтивно. Во однос на сите останати подобрување во постојана комуникација сме на релација Влада – оператори и очекуваме дека ќе има позитивни ефекти, изјави Елена Танева, директор на маркетинг и продажба во операторот Оне ВИП.

Елена Белевска од одделот за односи со јавност во Македонски телеком, рече дека  ги поддржуват ваквите иницијтиви, бидејќи се работи за корисниците и нивното задоволство.

– Ова е партнерски проект и ние секако ќе работиме во корист на граѓаните. Сé што е помеѓу може да се испегла и да се најде заедничко решение во корист на корисниците, изјави Белевска.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Листа на должници на УЈП: Граѓани и фирми должат 141 милиони евра

Никола Осило

„Еуролинк“ го доби тендерот за осигурување на владиниот авион „Лирџет“, екипажот и патниците вреден 24.000 евра

Никола Осило

На распродажба имотот на ТВ Нова: Се нудат автомобили, камери, компјутери…

Никола Осило