еМагазин
Image default
ДОБРОСОСЕДСТВО

За прв пат во историјата: Музејот на современата уметност е домаќин на МОМус од Солун

Музејот на современата уметност во Скопје, за првпат во историјата е домаќин на Музејот на современа уметност „МОМус“ од Солун, соседна Република Грција.

На 27 септември (петок) со почеток во 20 часот, ќе биде отворена голема постановка со наслов „Дали сум јас тоа име или таа слика?“ (Am I That Name or That Image?). Ова е прво претставување на солунскиот Музеј на современа уметност пред македонската публика со дела од нивната колекција.

Колаборацијата меѓу двата музеи не претставува само културна размена, туку ја степенува важноста и за поширока билатерална соработка меѓу Македонија и Грција и е од огромно значење за двете земји.

Во МСУ ќе бидат изложени дела од 16 автори меѓу кои: Fillipo Berta, James Bridle, Fenia Kotsopoulou, Kuriaki Goni, Vladan Jeremic и Rena Radle, Majida Khttari, Marianna Ignataki, Oleg Mavrommati и Boryana Rossa, Virginia Mastrogiannaki, Eleni Mylonas, Natasha Papadopoulou, Marilou Poncin, Vivy Tsioga, Ira Valdron, Evangelia Basdekis, Alexandros Plomaritis…

Паралелно со главната програма на 28 септември предвидена е серија перформанси на уметниците Tomas Diafas, Alexandros Plomaritis и колективот I Broke the Vase – Eva Matsigkou i Nefeli Sani.

Во Скопје пристигнуваат: кураторката на изложбата Сираго Цијара, нејзините асистенти  Домна Гунари и Ерини Папаконстантину. Понатаму, член и претседател на Управниот одбор на музејот, Андреас Такис и директорката на MOMus, Мариа Цацаноглу. Покрај кураторскиот тим пристигнуваат и дел од уметниците како: Alexandros Plomaritis, Tomas Diafas, Eva Matsigkou, Nefeli Sani, Rena Radle и Vivy Tsioga.

„Оваа културна размена е од историска важност за Македонија и Грција. Уметноста  отсекогаш умеела да ги „скрши“ границите. Возбудени сме што со музејот во Солун успеавме да воспоставиме блиски врски и што со заднички сили можеме да продуцираме значајни проекти. Живееме во регион кој претрпе и продолжува да страда од последиците на национализмот и транзицијата, од бурните социо – политички промени.

Соработките нè зближуваат, а изнаоѓањето заеднички решенија и доаѓање до нови и ефективни модели на соработка, се рефлектира и во програмските активности на двата музеи, и во можноста за нови идни институционални билатерални соработки“, истакна директорката на МСУ во Скопје, Мира Гаќина.

Сираго Цијара, кураторката на изложбата „Дали сум јас тоа име или таа слика?“ смета дека начинот на којшто се доживуваме себеси и нашите односи со другите луѓе драстично се менува во ерата на дигиталната култура, поставувајќи го прашањето како се дефинираат современите луѓе.

По името што им го дало семејството, по нивното потекло, по нивната професија, родот, сексуалноста, општествената класа, религијата, етничката припадност, индивидуалната или колективната меморија, или тие својства се преиспитуваат и стануваат предмет на нова обработка во контекстот на имиџот што луѓето го стекнуваат или го конструираат за самите себе на социјалните медиуми? И колку е таа дигитална слика за нив „реална“?

Дали старата дистинкција помеѓу „реалното“ и „конструираното“ повеќе не е релевантна и дали сликата за самиот себе отсекогаш била измислица на замислено претставување, кое само се пренесува преку новите технологии?

„Уметниците/учесници во постановката даваат критички осврт на наивната сигурност на основната дистинкција помеѓу постоењето и неговото измислување, помеѓу реалното претставување и фалсификувањето. „Реалноста“ на меѓучовечкиот однос е нарушена и одново воспоставена, во согласност со имиџот, маската и идеалниот модел што го конструираме за самите себе. Поради тоа и дигиталните медиуми, како фотографијата, интернетот, видеото и проекцијата, се користат во голема мера при визуелното претставување на самиот себе“, појаснува Цијара.

Инаку, тимот од Музејот на современата уметност Скопје, минатата година беше во работна посета во неколку водечки институции од областа на современата уметност во Солун. Директорката на МСУ, Мира Гаќина и дел од кураторски тим, разговараа за можни идни соработки со конкретни предлози за размена, истражување и изложување.

Директорката на МОМус, Марија Цацаноглу изрази голем интерес за соработка со МСУ – Скопје. И двата музеи се фокусирани кон современото уметничко визуелно творештво и имаат автентични колекции, кои покриваат важни периоди од светската уметност на 20. век. Паралелно со изложбената програма се направија и планови за реализација на летна школа за млади уметници и куратори од регионот, како и за заеднички настап при конкурирање на соодветните фондови во ЕУ и други меѓународни структури.

На 18 јули оваа година МСУ – Скопје во МОМус – Солун ја отвори изложбата „Се што ни е заедничко“ со дела на 14 уметници од Југоисточна Европа. Куратори на изложбата беа Мира Гаќина и Јованка Попова, а истата беше соработка меѓу двата музеи, како дел од пошироката заедничка програма на МСУ Скопје со институции и музеи од регионот и Европа.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Билатерални канцеларии за зближување на младите луѓе од земјава и од Грција

Редакција

Поради солидарноста во регионот моментално немаме недостиг на пченица, а се поврзуваме и енергетски, вели Ковачевски

Редакција

Македонски владика со бугарска црковна делегација ќе патува за Ерусалим по Велигденскиот благодетен оган

Редакција