еМагазин
Image default
Македонија

Заев: Можно е да не поднесам оставка ако опозицијата ги кочи законите битни за граѓаните

Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека тој не сака изборите да бидат одложени, но оти е можно за тоа да се разговара и тој да не поднесе оставка на функцијата, доколку опозицијата ги блокира процесите за донесување на законите во Собранието кои, како што оцени, се од животно значење за граѓаните.

– Изборите се договорени и тие треба да се одржат на 12 април. Јас сум првиот што сака да ги запазиме сите процедури, но ако се дозволи опозицијата на видлив начин во Собранието да наоѓа начини, а има право според Деловник, да ги блокира законите за повисоки плати и пензии, за реализација на државните проекти кои живот значат за граѓаните, тоа се сосема серозни причини да разговараме дури и за одложување на изборите, изјави Заев одговарајќи на новинарски прашања.

Дека СДСМ се подготвува и сака да има избори, според Заев, говори и фактот што за в петок партијата има закажано седница на Централниот одбор, на која треба да се одлучи за новиот технички премиер и за дополнителните заменици министри за внатрешни работи и за труд и социјална политика.

Но, додаде премиерот, нема да дозволиме интересот на државата да биде доведен во прашање заради тоа што некој има некоја скриена агенда која „може да биде дури и легитимна само ако не е на штета на државата и на граѓаните“.

Заев нагласи дека голем дел од овие закони чие донесување, според него, го кочи опозицијата, мора да се усвојуваат во декември бидејќи се врзани со буџетот за да може нивната имплементација да почне во јануари.

– Јас сум првиот што секогаш го почитува дијалогот и сега имам намера целосно да го испочитувам, но нема да понесам оставката ако некој ги блокира ваквите процеси, а без поднесување на оставката нема почнување на постапката за одржување на изборите, рече премиерот Заев.

Тој вели дека е најдобро да се најде заеднички јазик и се да се одвива по постигнатиот договор. Тоа, според него, е добро и за економијата, бизнисот, граѓаните, но е дециден дека нема да дозволи да се кочи носењето на законите.

– Нема да дозволам да се кочат проектите кои живот значат за граѓаните. Секој од 332 илјади пензионери го очекува покачувањето од 900 денари. Граѓаните кои работат во образованието, учителите, наставниците, професорите, вработените во образованието, сите чекаат повисоки плати, а на лекарите и медицинските сестри од покачувањето им зависи одлуката дали ќе останат тука или ќе заминат, рече Заев.

Во контекст на техничката Влада, која треба да се формира на 100 дена пред одржувањето на изборите на 12 април, според Заев, сегашниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски е едно од соодветните решенија за технички премиер.

– Но, јас сум демократ и сакам органите и телата на најголемата политичка партија во власта да ја донесат одлуката. Откако ќе биде формализирана одлуката таа ќе биде соопштена, оти ако јас сега кажам што било, тогаш која би била целта на одржување на Централниот одбор. Ќе кажат луѓето што не викате ако вие одлучувате, истакна премиерот.

За тоа дали е Спасовски е негов предлог, Заев рече дека тоа ќе го каже на органот што одлучува, по што и на граѓаните ќе им соопшти кој бил негов предлог и каква е одлуката на органот на партијата.

МИА/Фото: Влада

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Каков имот нуди Јанева како гаранција за да излезе од притвор?

Редакција

Судењето за 27 април продолжува на 10 декември, ќе сведочи Трајко Вељановски

Редакција

Веб страната за вакцинанција против Ковид-19 достапна и на албански јазик

Редакција