еМагазин
Image default
ЖИВОТ ТОП СТОРИИ

Загрижувачки тренд: Две убиства на жени за неполни две недели во време на корона кризата

Национална мрежа против насилство врз жените и семејно насилство сметаат дека двете убиства на жени (фемициди) за неполни две недели, се знак дека системот потфрла во справувањето со семејното и родово базираното насилство.

„Фемицидот е најекстремната форма на насилство врз жените и девојчињата и во најголем број случаи е последица на континуирано повеќегодишно семејно или интимно-партнерско насилство, и за жал, често застапен и во порите на нашите семејни заедници и општествениот систем во целост.

По објавувањето на вознемирувачката вест за вчерашното убиство на млада жена во Скопје од страна на својот партнер, за неполни две недели во нашата држава бележиме два фемициди, што укажува на апсолутната и итната потреба за системска мобилизација на сите можни национални и локални ресурси и капацитети за превенција и борба против родово базираното насилство во сите негови облици,“ реагираат од Националната мрежа.

Од таму ги повикаа Министерство за внатрешни работи, Основното јавно обвинителство и Министерство за труд и социјална политика за итно разрешување на случаите и покренување на соодветни постапки против сторителите.

Национална мрежа против насилство врз жените и семејно насилство постојано предупредува за зголемениот ризик од семејно насилство и интимно-партнерско насилство во услови на криза, и повторно апелира за итно и приоритетно постапување во случаите на насилство врз жени и деца од надлежните институции.

Од таму очекуваат кривична пријава и гонење на сторителот согласно законите и Истанбулската конвенција.

И Хелсиншкиот комитет посочи на ризикот од зголемување на семејното насилство во кризните услови со кои се соочуваме.

Во неколку наврати Комитетот предупреди дека донесените мерки кои се засноваат на самоизолација, мора да бидат родовосензитивни и да ги имаат предвид сите аспекти на постоечките односи на моќ, за да не доведат до прекршување на правата на жените во нивните домови.

„Фемицидот, или убиството на жена затоа што е жена, претставува најтешка форма на насилство врз жената, која е една од водечките причини за прерана смрт кај жените на глобално ниво.

Според истражувањата во нашата земја, во повеќе од 80% од случаите убиството се случило во заедничкиот дом или доколку била отпочната постапка за развод, во домот на родителите на жртвата, а во најголем дел од случаите убиството е извршено од страна на сегашен или поранешен партнер.

Оттука, имајќи предвид дека најчестиот вид на фемицид е како последица на семејно насилство, домот може да претставува место на страв и насилство за многу жени и деца, што значително доаѓа до израз во случаите на изолација за време на пандемијата.

Во случаи кога семејното насилство останува непријавено или пак, релевантните институции на жртвата не ѝ ја обезбедуваат соодветната заштита, поголема е веројатноста дека насилството ќе резултира со фемицид.

Во нашата држава фемицидот не е препознаен како посебно кривично дело во Кривичниот законик и се квалификува како потежок облик на убиство, кога е сторено при вршење на семејно насилство. Оттука, останува проблематичен недостатокот на статистички податоци за фемицидите, за што најчест извор на неофицијални статистички податоци се известувањата и податоците на медиумите,“ велат од Хелсиншки комитет.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Хорор во Скопје: До смрт ја претепал жената со која живеел во куќа на улица „Перо Наков“

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(Фото) Пејачката Викторија Лоба се омажи за бизнисменот Ѓорги Калешов

Редакција

На Бугарија не и се бендиса казната за Ламбе Алабаковски

Редакција

Ќе се намали ли изолацијата, откако во Македонија се регистрирани случаи на омикрон

Редакција