еМагазин
Image default
Македонија

Закани и навреди врз новинарката на Слободен печат, Мирослава Бурнс, осуда од ЗНМ и СЕММ

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) остро ги осудува заканите и навредите врз новинарката на Слободен печат, Мирослава Бурнс од страна на Ласте Ивановски, вработен во Царинската управа.

“Во текот на вчерашниот ден Ивановски преку социјалната мрежа Фејсбук упатил недолични навреди и закани кон новинарката Бурнс. Овој непримерен начин на комуникација и малтретирање е неприфатлив и претставува директна закана кон слободата на говорот.

Го повикуваме Министерството за внатрешни работи итно да ги преземе сите мерки за расчистување на овој случај.

Истовремено, земајќи во предвид дека заканите се изречени од лице кое е државен службеник ги повикуваме неговите надредени од Царинската управа да преземат соодветни санкции против нивниот вработен со цел вакви случаи да не се повторуваат во иднина“, велат од ЗНМ.

ЗНМ потсетува дека онлајн заканите и малтретирањето се во подем во предизборниот период и уште еднаш апелира до партиите и граѓаните да се воздржат од закани кон новинарите, бидејќи тоа претставува кривично дело за кое се предвидени ригорозни казни.

Реакција стигна и од Советот за етика во медиумите во Македонија (СЕММ).

“Последниот случај на вознемирување, навреди и онлајн притисоци врз новинарката на Слободен печат, Мирослава Бурнс, од лице вработено во Царинската управа на Македонија, е уште еден показател на тенденциите за попречување на работата на новинарите во известувањето за прашања од јавен интерес.

Ваквите инциденти и непријателскиот амбиент што го предизвикуваат се директен напад врз слободата на изразување, а во случајов уште позагрижувачки е што новинарката е мета на напад и како вработена во медиум и како жена.

За Советот за етика во медиумите на Македонија е целосно неприфатливо на каков било начин да се попречува професионалната работа на новинарите, која треба да биде ослободена од секакви закани и притисоци.

Притисоците врз новинарите, било директни или индиректни, сериозно може да влијаат врз начинот на којшто новинарите ја остваруваат својата дејност, изборот на сториите за коишто известуваат и начинот на којшто ќе обработуваат прашања од јавен интерес.

Апелираме до институциите да ги преземат соодветните мерки за целосно расветлување и расчистување на ваквите инциденти. Решавањето на случаите од овој вид ќе го обесхрабри повторувањето на ваквите чинови на притисоци врз медиумите“, велат од таму.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Денеска пресуда за Рашковски за случајот „Софтвери“

Редакција

Мицкоски се сретна со унгарскиот премиер Виктор Орбан

Редакција

Митко Јанчев за Фокус: Немаме обезбедување, сопругата и децата излегуваат со мене

Редакција