Заострена реторика, најави за формирање ново парламентарно мнозинство, повик за нова лидерска средба на која ќе се потврди заложбата за избори на 12 април го одбележаа минатото деноноќје.
Главна причина за новите компликации на политичката сецна е Предлог-законот за јавно обвинителство, за кој денеска треба да се расправа на собраниска седница.
ВМРО-ДПМНЕ се противи на законското решение, СДСМ предупредува дека нема да има распуштање на Собранието без да се усвои овој закон, а ДУИ се чини дека калкулира до последен момент со давањето зелено светло за овој текст на законот.
За законот требаше да се расправа синоќа, но претседателот на Собранието Талат Џафери рече дека ја седницата ја одложил поради бројката од пријавени повеќе од 30 пратенци за дискусија и поради жалбите од пратениците што ги примал во текот на целиот ден дека се изморени.
По ова, генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски соопшти дека има можност за формирање ново парламентарно мнозинство и редовни избори.
„Доколку во Собранието се продолжи со тактизирање и ако на било кој начин се оневозможи гласање на важните законите, а особено Законот за јавно обвинителство, изборниот законик, Законот за одбрана разрешувањето на Мизрахи…во тој случај постои реална можност ние да направиме ново парламентарно мнозинство, а потоа и нова стабилна влада која ќе организира редовни парламентарни избори“, укажа Николовски.
Тој додаде дека не би сакале да дојде до редовни избори затоа што веќе има закажано термин за предвремени.
„Но се наоѓаме во ситуација во која структури не опструираат, односно прават се да не дојде до гласање. Со ова се опструира правдата и се враќа државата назад. Тие структури ги знаете, се плашат од иднината соочени со криминал и пресуди“, рече Николовски.
На тоа Џафери јавно ги повика партиските лидери доколку сериозно мислат дека имаат потреба да создадат друго мнозинство тоа да го кажат на лидерска средба согласно Пржинскиот договор
Денеска се огласи и техничкиот премиер Оливер Спасовски, кој порача дека мора прво да се донесат законите кои се исклучително важни за оваа држава и потоа треба да одиме на избори.
„Тоа е ставот кој го имаме и како Влада и како партија, од првиот момент до денеска. Така што, сите законски решенија, пред се законот за ЈО кои треба да дадат дополнителни позитивни аргументи во носење на одлуката на Европскиот совет да почнат преговорите со ЕУ треба да биде приоритет на сите политички партии и на секој пратеник во Собранието“, рече Спасовски.
Тој се уште верува дека тоа и ќе се случи, и оти нема да има повеќе „неразбирливи“ одложувања на седниците на кои тоа треба да биде направено.
„Ние имаме коректни односи со ДУИ и очекувам дека така како што ја започнавме коалицијата така и ќе ја завршиме во однос на овие законски решенија. Затоа очекувам тие да бидат донесени и оти нема да имаме дополнително неразбирливи одложувања за да може да дојдеме до она за што се имаме договорено – да се финализираат овие законски решенија и да одиме на избори“, рече премиерот.
Ако дојде до тоа да бидат опструирани решенијата, додаде Спасовски, дури тогаш може да се зборува за евентуално формирање ново парламентарно мнозинство.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, денеска соопштија дека Зоран Заев со Законот за јавно обвинителство сака да се амнестира и да продолжи селективната правда.
„Повеќе од јасно е дека тој е главата на октоподот. Од снимката објавена во јавноста може да се слушне како криминалецот Зоран Заев признава дека ја помагал телевизијата на Боки Јовановски, кој пак е главно осомничен за „Рекет“ заедно со Катица Јанева.
Затоа Зоран Заев сака да озакони класична неправда, односно незаконски снимки да може за други да се користат како докази, но не и за него, бидејќи се со понов датум“, соопштија од партијата.
Со оглед на тоа дека за усвојување на Предлог-законот за јавно обвинителство е потребно дво-третинско мнозинство извесно е дека до последен момент ќе се кршат копјата по ова прашање и ќе се вжештат телефоните на пратениците.
Истовремено, останува неизвесно дали во недела ќе има седница за распуштање на Собранието, што би било знак за одржување на предвремените избори.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
(Видео) Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ останува против Законот за јавно обвинителство бидејќи е противуставен
(Видео) Во „намрштена атмосфера“ Владата го утврди предлог-законот за јавно обвинителство