еМагазин
Image default
Бизнис

Започна откупот на тутунот: 4.700 повеќе договори и зголемена засадена површина

Денеска започна откупот на тутунот од реколтата 2018 година. Според базата на податоци на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, до денеска се отворени 195 откупни пунктови на кои што тутунарите можат да го предаваат тутунот.

Во годинешната реколта се засеани 14.802 хектари со тутун, а склучени се 34.104 договори со 9 откупни претпријатија. Подрачните единици на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, пријавија 23.430 издадени евидентни листови. Вкупната договорена количина за откуп изнесува над 29.000 тони тутун.

Споредено со реколтата 2017, за новото производство на тутун се издадени 57 евидентни листови повеќе од лани и се склучени над 4.700 повеќе договори од ланската реколта. Годинава има и зголемување на засадените површини со тутун, и тоа за 387 хектари.

„Овие податоци покажуваат пораст на тутунопроизводството.Ова особено се должи на историски највисoките откупни цени на тутунот од реколтата 2017, за кој што просечната откупна цена достигна 217,6 ден за килограм, но и на новиот модел за зголемени субвенции во три ниво.

Целосно подготвениот нов Закон за тутун, кој влегува во владина процедура и очекуваме до крајот на годинава да ја помине и собраниската процедура, ќе придонесе за добри показатели за овој значаен сектор кој носи девизен прилив 100 милиони евра и егзистенција за над 23.000 семејства“, изјави министерот Љупчо Николовски.

Тој потенцираше дека оваа година се исплатија над 28 милиони евра, по основ на новиот модел за зголемени субвенции за тутунот од реколтата 2017 и тоа за првпат навремено, кога им беа најпотребни на тутунарите. Со новиот модел на зголемени субвенции, субвенцијата за прва класа тутун е 80 денари за килограм, 70 денари за втора класа, и 60 денари за трета класа и дополнителните класи.

Николовски посочи дека со новиот Закон за тутун, се очекува укинување на евидентни листови, но дека целата процедура ќе се прави внимателни и постепено, заради тоа што се потребни софтверски надградби и одредено време за прилагодување.

Конкретно, следната 2019 година, МЗШВ заеднички со сите чинители, со откупувачите на тутунот и со тутунарите ќе направи пилот проект, чие што функционирање во 2019 година ќе се тестира, со цел да се прилагодат институциите и во 2020 и официјално да се воведе. Ова ќе значи намалување на административни процедури кои ги имаат тутунарите, бидејќи тутунарите ќе склучуваат договори директно со откупните претпријатија, а сите бирократски формалности ќе бидат преземени од тутунските компании.

Фото: МЗШВ

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Топ 10 најголеми должници на Листата на должници на УЈП

Редакција

Еуромакс Ресоурцес: Подготвени сме да се формира „Независно мониторинг тело“ во кое ќе бидат вклучени граѓаните за да го следат процесот на реализација и работење на идниот рудник

Редакција

Просечна каматна стапка на вкупните кредити од 4,46% во септември

Редакција