еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Засега нема датум за преговори во јунските нацрт-заклучоци на ЕУ

Во нацрт-заклучоците од претстојниот Совет на ЕУ до кои дојде МИА не стои датум за преговори со Македонија, јави дописничката на МИА од Брисел.

Овие нацрт-заклучоци, кои треба сѐ уште да бидат разгледувани и на експертско, амбасадорско и потоа министерско ниво, не се конечни, но за сега шансите за консензус помеѓу земјите членки за одредување датум за преговори се минимални.

Во заклучоците, сепак, ЕУ признава дека Македонија ги исполнила условите за почеток на преговори.

-Советот го поздравува тоа што земјата покажа одлучност во напредокот во реформската агенда за ЕУ и испорача опипливи и одржливи резултати, исполнувајќи ги условите одредени од Советот во заклучоците од јуни 2018-та за отворање на пристапните преговори. Советот исто така ја поздравува политичката волја за напредување демонстрирана од страна на владата, и постепено исто така од страна на опозицијата, стои во првата точка од нацрт-заклучоците за јунскиот министерски совет.

Понатаму, земјите членки на ЕУ ги набројуваат во детали исполнетите услови за преговори поставени минатата година, како што се реформите во судството, во разузнавачките служби, јавната администрација и борбата против корупцијата.

-Генерално, поделбата на власта е вратена зацврстувајќи ги демократијата и владеењето на правото во земјата, смета Европската Унија.

Земјите членки уште еднаш ги поздравуваат билатералните договори со Бугарија и Грција, и нагласуваат дека Преспанскиот е „пример за другите во регионот“. Пофалби има и за инклузивната политика на владата кон граѓанското општество како и за подобрувањето на меѓуетничките односи.

Битката, меѓутоа, не е завршена, и бројни земји членки како и Европската Комисија не се откажуваат од постигнување компромис за да се издејствува датумот во јуни, најдоцна јули месец.

Во тој контекст, тринаесет земји членки на ЕУ „пријатели на проширувањето“, на иницијатива на Полска, подготвија заедничка позиција кон средината на мај, во која се бара од Советот на ЕУ во јуни да си го исполни ветувањето кон регионот и да одреди датум за старт на преговорите во јуни со Северна Македонија и со Албанија.

Во документот, министрите за надворешни работи на овие земји истакнуваат дека „нема план Б“ за интеграцијата на Западниот Балкан во ЕУ и оценуваат дека ЕУ треба да заземе „храбри“ и „далековидни“ одлуки по ова прашање.

-Почетокот на преговарачкиот процес ќе им овозможи на овие две земји да се фокусираат повеќе на потребните реформи додека ЕУ ќе добие вредна алатка за набљудување на нивниот индивидуален прогрес. Отпочнувањето на преговорите во јуни 2019-та ќе ја зајакне отпорноста на земјите пред штетните надворешни интереси на другите играчи, стои во заклучокот.

За разлика од минатата година, главна пречка овој пат за стартот на преговори е Германија, а не Франција велат дипломатите во Брисел, и веруваат дека Париз е подготвен да попушти за датум во јуни или јули.

Според дипломатски извори од три различни земји членки на ЕУ со кои разговараше МИА, информацијата која се провлече вчера во јавноста дека била донесена конечна одлука на амбасадорско ниво да нема датум во јуни е погрешна.

-Тоа беше неформален состанок на амбасадорите на ЕУ со комесарот за проширување Јоханес Хан и на тие состаноци воопшто не се носат никакви одлуки, туку стануваше збор за размена на мислења, вели за МИА дипломатски извор од источноевропска земја.

Исти коментари пристигнаа и од други европски дипломати во Брисел, иако многумина потврдуваат дека изгледите за датум во јуни се многу мали поради агендата на германскиот парламент, но и недостатокот од политичка волја во Берлин, сметаат дипломатите.

-Немаше одлука на средбата со Хан, одлуката ќе ја донесат министрите на следниот состанок, велат од друга земја членка за МИА.

Она што најверојатно може да се очекува засега е јунскиот министерски совет да заклучи дека ќе се наврати на прашањето за датумот со Албанија и Македонија во јули, со што воедно и ќе се притисне германскиот парламент да донесе одлука до 23-ти јули кога треба да се одржи следниот министерски совет, овој пат под финско претседателство.

Претседателот на Европската Комисија, Жан Клод Јункер, од своја страна, денеска во Загреб, одговарајќи на новинарско прашање, увери дека работите „одат во добар правец“, по средбата со премиерот Зоран Заев и во пресрет на средбата со албанскиот премиер Еди Рама идниот вторник.

Хрватскиот премиер, Андреј Пленковиќ, пак, увери дека прашањето за проширувањето кон Западниот Балкан ќе се врати на врвот на европската агенда кога неговата земја ќе го преземе кормилото на ЕУ во јануари 2020-та година.

-Тоа ќе биде почетокот на една нова декада, изјави Пленковиќ на оваа тема.

Хрватска планира да организира нов самит со земјите од регионот за време на претседателството и да им „даде на земјите јасно чувство“ на европска перспектива.

МИА

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Албанија станува пречка за почеток на преговори меѓу Северна Македонија и ЕУ?

Германскиот парламент го ратификува македонското членство во НАТО, „жолчна“ расправа и за ЕУ

Зиддојче цајтунг: Меркел рекла „не“ за брз датум за Северна Македонија

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Судењето за „Талир“ одложено поради неприсуство на претставник на ВМРО-ДПМНЕ

Редакција

(ВИДЕО) Како ќе изгледа: Цановски продолжува со изградбата на „Космос“

Редакција

ГОБ „8-ми Септември“: Кај Миле Јанакиески не се констатирани никакви телесни повреди

Никола Осило