еМагазин
Image default
БЕНЧМАРК

Заврши тинк тенк форумот „Зајакнување на европската интеграција на Западен Балкан – Учејќи од минатото, подготвувајќи се за иднината“

Интеграцијата на земјите од Западен Балкан во Европската Унија, билатералните прашања, безбедносните предизвици и меѓусебната соработка на земјите од регионот беа дел од темите на дводневниот тинк тенк форум „Зајакнување на европската интеграција на Западен Балкан – Учејќи од минатото, подготвувајќи се за иднината” во организација на Институт за демократија „Социетас Цивилис“ во соработка со Центарот за источни студии од Варшава и Амбасадата на Република Полска во Скопје.

Настанот се одржа на 13 и 14 мај (понеделник и вторник) во хотелот Холидеј Ин во Скопје Северна Македонија.

Претставници на граѓанското општество, академици од земјите од Западен Балкан плус Хрватска и Словенија, Вишеградските земји како и од други земји-членки на ЕУ учествуваа на две пленарни сесии, три тркалезни маси и една затворена работилница кои што беа вовед за претстојниот самит за Западен Балкан кој ќе се одржи во Познан во јули годинава.

Форумот го отворија претседателот на Институт за демократија „Социетас Цивилис“, Марко Трошановски и директорот на Центарот за источни студии, Адам Еберхард.

Воведни обраќања имаа заменик-министерот за надворешни работи на Република Полска Шимон Шинковски вел Сек, неговиот македонски колега Андреј Жерновски и Maќиej Поповски, заменик-директор на Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување на Европската комисија.

Првиот ден во две сесии се дебатираше за научените лекции од проширувањето на Европската Унија како и за перспективата на земјите од регионот во контекст на нивната идна интеграција во ЕУ.
Евроскептицизмот и зошто е тој проширен, перцепцијата за претходните рунди на проширување како и искуството, придобивките и предизвиците кои ги имале земјите од вишеградската група по нивното влегување во ЕУ беа дискутирани на првата сесија.

На ЕУ не и требаат нови земји членки кои ги немаат решено билатералните прашања беше заклучокот од втората сесија на која дел од говорниците потенцираа дека статус кво во регионот исто така не смее да биде опција за ЕУ.

Вториот ден од Форумот започна со тркалезна маса на која се дискутираше регионалната соработка на шесте земји од Западен Балкан и начините за надминување на билатералните прашања. Како добар пример за решавање на билатералните несогласувања беше истакнат Преспанскиот договор со кој се постигна решение на проблемот со името помеѓу Северна Македонија и Грција.

На втората тркалезна маса учесниците разговараа за заедничките безбедносни предизвици со кои се соочуваат ЕУ и Западен Балкан како организираниот криминал, реформите во безбедносниот сектор и судството, а потенцирана беше и потребата од зголемена меѓу институционална доверба во регионот.

Отпорноста на земјите од Западен Балкан беше темата на третата тркалезна маса на која беше истакнато влијанието на Русија и Кина во регионот и модалитетите на нивно влијание преку економските и капиталните инвестиции.

Настанот заврши со работилница на мрежата SEE Think Net на која беа споделени најдобрите практики за соработка на тинк тенк заедницата и државните институции преку искуството на земјите од вишеградската група.

Форумот, кој за прв пат се одржува во ваков формат, беше поддржан од Владата на Полска и се организираше под покровителство на полското претседателство со Самитот за Западен Балкан (Берлинскиот процес).

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Нема промена на ставот на Франција за старт на преговорите со ЕУ

Редакција

(Видео) Досега реализирани околу 5 милиони евра инвестиции преку првиот повик од ИПАРД 2

Редакција

Евроизбори 2019: Подем на екстремната десница и зелените, мнозинството за традиционалните партии

Редакција