еМагазин
Image default
Бизнис

Здружение на информатичко-комуникациски технологии: Протестот на операторите е реакција на безизлезноста

Здружението на информатичко-комуникациски технологии при Стопанска комора на Македонија ја демантира вчерашната изјава на министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски за протестот на операторите.

„Во врска со изјавата на министерот за администрација и информатичко општество, Дамјан Манчевски, изнесена вчера преку профил на социјалната мрежа Фејсбук, a поврзана со протестот на македонските оператори одржан на 21.6.2020 година, во која меѓу другото вели, цитираме: „Со прекинот на телевизиските канали од страна на операторите е направена повреда на членот 115 од Законот за електронски комуникации“, како домашни компании со странски капитал и носечките оператори во земјава претставени преку Здружението на информатичко-комуникациски технологии, остро се спротивставуваме на овие тврдења и при тоа нагласуваме дека во целост ги почитуваме сите законски прописи кои се однесуваат на нашето работење и шокирани сме од јавно упатената закана преку социјалните медиуми“, велат од Здржението.

Оттаму, како што велат, во насока на вистинито информирање на јавноста истакнуваат дека протестот кој го спроведоа македонските оператори во текот на вчерашниот ден е реакција на безизлезноста и институционален отпор и апел за што побрза реакција од страна на надлежните поради неуставните обврски наметнати со последните измени на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Според нив, тие се донесени во нетранспарентна постапка како последна точка од работата на Собранието на денот на неговото распуштање – 16.02.2020 година, како и Уредбата со законска сила донесена на 29.5.2020 година со која ни се наметна ретроактивна обврска за пререгистрација на сите странски ТВ содржини кои веќе се регистрирани во АВМУ и тоа во рок од 60 дена.

„Овие законски одредби за нас претставуваат ситуација на Виша сила кои значат реална можност од 8.8.2020 година комплетно исклучување на сите телевизиски канали со што ќе бидат оштетени корисниците на сите оператори, а тоа влијае на правото на избор на ТВ содржини на сите македонски граѓани.

Сето тоа не` примора да преземеме акција за да ја подигнеме јавната свест кон проблемите со кои се соочуваме во моментот.

Потсетуваме дека и покрај сите напори, реакции и отвореност за соработка, во интерес на корисниците, состојбата со реемитување на телевизиски канали се` уште нема решение и како резултат на оваа состојба бевме принудени да го активираме најавениот времен прекин во реемитувањето на сите телевизиски програми, освен јавниот сервис МРТ и да ја прикажеме реалноста што ќе следува од 8 август 2020 година, доколку не се најде соодветно решение за овој проблем.

Прекинот е протест против постојните акти на државата кои го спречуваат нашето нормално работење, а протестот претставува гарантирана уставна категорија и основен правен инструмент во секое демократско општество.

Како оператори кои застануваат во одбрана на јавниот интерес и правата на корисниците, сметаме дека не смее да биде ограничено правото на изразување, посебно не со јавно упатена закана преку социјалните медиуми и сме непријатно изненадени од ставот на министерот да констатира или изрекува казни или други забрани дотолку повеќе што повреда на Законот за електронски комуникации може да констатира само овластен инспектор од Агенцијата за електронски комуникации.

Како и до сега остануваме отворени за соработка и апелираме да биде разгледано предложеното решение за измена на Законот и на подзаконските акти кои доколку сеприфатат ќе добиеме прифатливо решение што ќе превенира ескалација на потенцијалниот медиумски и информативен мрак и ќе придонесе кон донесување на регулативна рамка во согласност со Европските директиви во областа на аудиовизуелните медиумски услуги.

Ние понудивме и решение на проблемот, кое со малку добра волја може многу брзо да се имплементира“, велат од Здружението.

Оттаму додаваат дека корисниците ќе бидат обештетени во согласност со законските обврски.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

МИОА: Операторите ќе бидат казнети, незаконски ги исклучија ТВ-каналите

Кабелските оператори го прекинаа реемитувањето на сите телевизиски програми, освен на МРТ

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Никој не ја злоупотребува кризната состојба со струјата, тврди Ковачевски

Редакција

Центарот за управување со кризи вработува осум лица, плата до 32.636 денари

Редакција

ЕСМ склучи договор со Марковски компани вреден 4,8 милиони евра

Редакција