еМагазин
Image default
БЕСПАРИЦА ТОП СТОРИИ

Не се укинува додатокот за трето дете, туку се унапредува

Со предложените измени на Законот за заштита на децата не се укинува надоместот за трето дете, туку се унапредува во право на користење на надомест за прво, второ и трето дете, информираат од Министерство за труд и социјална политика.

На овој начин, како што велат, се проширува правото на користење еднократна парична помош за новороденче и се дава можност за тоа и за второродено и за третородено дете.

Исто така, како што појаснуваат од Министерството, се прави прогресивно зголемување на износот. За прво дете висината на еднократната парична помош предвидено е да изнесува 5.000 денари, за второ 20.000 денари, а за трето новороденче 60.000 денари.

Истовремено, освен што ќе добиваат еднократен надомест, на сите семејства кои се со минимални приходи и корисници на социјална помош им се овозможува пристап на правото за детски и на образовен додаток, чија крајна цел е да се намали детската сиромаштија.

„Додаток за трето дете беше наменет кон зголемувањето на наталитетот, но податоците покажуваат дека самата мерка нема никаков ефект врз наталитетот. Стапката на наталитет опаѓа, од 13,3 во 2001 година до 11,1 во 2016 година. Исто така, овој додаток, бидејќи не беше наменет за сиромашните лица додаток за трето дете добивале семејства кои се во многу добра економска состојба и немало никакво ограничување во однос на ова.

Промените кои ги направивме ги отстрануваат овие проблеми и парите се насочени кон вистинските групи граѓани. Во држава со стапка на детска сиромаштија од близу 30 проценти, многу извори покажуваат дека не е целисходно да се издвојуваат толкави средства без притоа значително да се влијае на намалувањето на сиромаштијата“, се вели во соопштението.

Како што се додава, стекнатото право на родителски додаток за дете (за трето и четврто дете) ќе продолжи да се остварува. За трето дете до завршување на периодот од десет години, а за четврто дете и кај единствениот родителски додаток до завршување на периодот од 15 години.

Промените се однесуваат на новите корисници, истакнува ресорното Министерство и дополнува дека правото на родителски додаток за трето дете ќе може да се остварува и понатаму во периодот од десет месеци почнувајќи од денот на влегување во сила на овој закон.

 За исплата на родителскиот додаток за 2017 година се потрошени 2 643.706.000 денари.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Господа министри, проблемот е што прогресивниот данок нема да ги „чепне“ најбогатите

Никола Осило

Има уште две фази до промена на Уставот, пак ќе бидат потребни 80 пратеници

Редакција

Американската војска не нарече „Северномакедонци“, па се извини

Редакција