еМагазин
Image default
НАША ТЕМА ТОП СТОРИИ

Зошто фама околу вакцините „АстраЗенека“: Дали се во прашање и бизнис интереси?

Вакцината „АстраЗенека“ е безбедна, но не се исклучува целосно можноста од поврзаност помеѓу вакцината и случаите на згрутчување на крвта, објави Европската агенција за лекови (ЕМА) во врска со анализата на случаите со лица кои развиле или починале од тромбоза по вакцинирање.

Од таму исто така сметаат дека бенефитите од вакцината се поголеми од ризиците, но ќе се препорача на здравствените работници и граѓаните да бидат информирани за овие потенцијални нус ефекти и да бидат вклучени предупредувања за вакцината на „АстраЗенека“.

Микробиологот Никола Пановски вели дека од негови сознанија, проблемите со тромбозата ги истакнува и самиот производител „АстраЗенека“.

„Проблемот што се јавува го кажува и самиот производител во истражувањето. Бројот на тромбози што се јавува на 100.000 е предвиден во нивното упатство.

Овој проблем со „АстраЗенека“, прашање е дали е медицински, здравствен или финансиски. Вакцината на „АстраЗенека“ е пет пати поевтина од американските и осум пати од кинеските,“ вели Пановски.

Поголема е веројатноста да се почине од тромб од Ковид-19

Според професорот Дејан Трајковски пак вакцината на „АстраЗенека“ „предизвикала“ помалку згрутчувања на крвта во споредба со вакцината на „Фајзер“ (30 на 9,7 милиони дози, наспроти 38 на 10,7 милиони дози).

„ „Предизвикала“ (во наводници) затоа што всушност најверојатно вистински не предизвикала, туку се работи за временска коинциденција на вакцинирањето и згрутчувањето, за што пишував во пресметката на веројатноста.

Патем, математички зборувајќи, разликата на инциденците на згрутчувањата кај “АстраЗенека“ и “Фајзер“ статистички е незначајна. Во Битола за вакви работи велиме дека „за џабе им вадат муабети“.

Не само што меѓу вакцините на “АстраЗенека“ и “Фајзер“ немало разлика во ризикот, туку кај вакцинираните со обете вакцини имало помалку згрутчувања отколку кај лицата од општата популација, кои не примиле никаква вакцина (3.000-6.500 на милион жители годишно, да се види линкот во мојот понов пост на оваа тема).

Значи, испаѓа дури дека вакцината спречила згрутчување, што сигурно не е случај. Тоа најверојатно се должи на проверката на здравјето на пациентите пред да ја примат вакцината, па оттука доаѓа помалата инциденца на тромбови кај вакцинираните.

Со ова најдобро се потврдува тврдењето дека вакцините НЕ предизвикуваат згрутчувања, дури ни споменатите 30 на 10 милиони, кои се должат на обична временска коинциденција.

„Аман више од антиваксери“ – што би рекле скопјани.

Да го поврзиме ова со мојот вчерашен пост, ако фреквенциите (односно процентите) не ги надминат граничните вредности на случајното, нема потреба (ако воопшто може) да се најде биолошки механизам за врската меѓу вакцината и смртта. Случајното едноставно не се објаснува.

Дополнување. Дали морталитетите од вакцините на “АстраЗенека“ (30 на 9,7 милиони) – “Фајзер“ (38 на 10,7 милиони) статистичи значајно се разликуваат? Врз основа на статистичко тестирање на хипотеза за еднаквост на две две пропорции (морталитетите) заклучокот е дека разликата не е статистички значајна, односно се должи на чиста случајност.

t-статистика = -0.536, а P-value = 0,295, односно шансата Фајзеровата вакцина по чиста случајност да предизвикала значајно повисок морталитет од АстраЗенекината вакцина е дури 29,5%, што е далеку од прагот на значајност од 5%. Со други зборови, нема разлика меѓу вакцините во однос на тромбовите.

На крај треба уште да се каже дека шансите да се добие тромб после вакцинирање се дури 10.000 пати помали отколку шансите да се добие тромб од Ковид-19,“ пишува тој на Фејсбук.

Вакцините на „АстраЗенека“ ќе пристигнат на крајот на месецот

Според најавите од КОВАКС механизмот, две пратки на вакцини од „АстраЗенека“ треба да стигнат на 31 март и 15 април.

Министерот за здравство Венко Филипче рече дека и вакцината „АстраЗенека“, но и буквални сите други вакцини кои влегуваат и ќе влезат во нашата земја се безбедни за граѓаните. Тој додаде дека воопшто нема проблем да се вакцинира лично со „АстраЗенека“.

„Секогаш водиме грижа, не само за овие вакцини, туку за сите лекови и вакцини, прво да се соодветно испитани.

Да ги имаат соодветните сертификати за квалитет, кои се издаваат од страна на производителот, секако потврдени од регулаторните тела, европската и американската агенција и секако водиме сметка посебно за оваа вакцина на тоа на што укажуваат националните агенции на овие земји во ЕУ, кои привремено го прекинаа вакцинирањето.

Се сублимираат сите сознанија публикации од сите оние кои се занимаваат со оваа работа,“ изјави Филипче.

Одредени европски земји кои го стопираа вакцинирањето со „АстраЗенека“ по извештајот на ЕМА, најавуваат продолжување со вакцинацијата.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Пановски: Не само што нема вакцини, туку нема ни луѓе кои сакаат да се вакцинираат

Анализа на проф. Трајковски: Ненадејните смртни случаи по вакцинирањето против Ковид-19 се чиста случајност

Дали вакцините против Ковид-19 ја менуваат вашата ДНК и предизвикуваат рак?

Кој не треба да се вакцинира против Ковид-19?

Фото: Photo by Steven Cornfield on Unsplash

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Сите патишта викендов водат кон Грција: На граничниот премин Богородица, изминатите 24 часа од земјава излегле повеќе од осум илјади туристи

Редакција

Следната недела нова рунда преговори за политичкиот пакет прашања со Бугарија

Редакција

АПЕЛ од маркетите: Не купувајте масовно и панично, залихи има и постојано се врши набавка на роба

Редакција