Во свет каде што сè е „брзо“ и на „клик” а мислите ретко одат на пауза, стресот стана наш редовен сопатник. Тој тивко се таложи во нашето тело и ум, и остава траги – од главоболки до несоница, висок крвен притисок, анксиозност, депресија и намален имунитет. Потребата од вистинска пауза – онаа која го смирува и телото и умот – никогаш не била поважна. Кога внесуваме јога и медитација во секојдневието, му даваме на телото шанса да се одмори, да најде свој ритам и внатрешна тишина.
Jога: таму каде што започнува внатрешниот мир
Добредојдовте во светот на јогата : древна практика што сè повеќе луѓе ширум светот ја прифаќаат како лек за стресот, телесната напнатост и менталната врева. Анкетите велат: оние што редовно практикуваат јога се посреќни, посвесни и многу помалку строги кон себе. Покрај тоа, вежбите го подобруваат држењето на телото и ја намалуваат болката во грбот и вратот. И не е ни чудо – јогата не нè учи само како да стоиме на глава, туку и како да застанеме цврсто во секојдневниот живот. Еден од најпопуларните стилови и совршен избор за почетници е Хата јогата која комбинира :
–Пранајама – вежби за дишење кои го полнат телото со кислород и ја смируваат мислата.
– Асани – јога пози кои ја подобруваат флексибилноста, ја зајакнуваат мускулатурата и го балансираат телото.
– Шавасана – лежечка поза за одмор и момент за тотално „исклучување“.
Пробајте нешто ново – сè што ви треба е тивок агол, мека подлога и неколку минути за себе : утринска јога ќе ве разбуди и ќе ви даде енергија подобро од кафе, a вечерна јога комбинирана со медитацијата ги опушта мускулите, го забавува дишењето и ве води кон подобар сон.
Mедитација – за душевна хармонија
Замислете го следново: легнати сте удобно, очите ви се затворени, а дишењето станува сè подлабоко и помирно. Во позадина тивка музика, миризливи свеќи или неколку капки етерично масло. Мислите кои дотогаш трчале без контрола почнуваат да забавуваат, телото попушта, а вие се поврзувате со себе-тоа е медитација. Ако вашите ноќи се исполнети со вртење по кревет, мисли кои не замолчуваат и аларм кој звучи премногу брзо – тогаш медитацијата за заспивање може да биде вашиот најдобар сојузник. Со нежни насоки, водена визуелизација и длабоко дишење, таа го смирува телото и го префрла во состојба на длабока релаксација – како да го притискате копчето „ресет“ по бурен ден. Само 10 минути пред спиење – без екрани, без размислување за обврски – може да бидат доволни за да се разбудите наутро со свежина, лесно тело и посмирен ум.
И не заборавајте – јогата и медитацијата не се натпревар, туку повик кон себе. Не е важно дали го допирате челото до колената, дали стоите во совршена поза или дали мислите понекогаш ќе ви одлетаат. Мирот, силата и радоста што ги барате – веќе се во вас. Само треба да им дадете шанса да се разбудат.
ПР-објава