Сеад Хаџиќ – Сецко е културен симбол на Ѓорче Петров, негов штит. Гитарски фанатик, рокенрол фрик кој со аскетска посветеност живее во тесните празнини помеѓу шесте жици – растојание кое е точна единица мера за неговиот живот.
Во оваа работа најважно е да траеш. Да се бориш со сопствените демони, сомнежи, верувања и очекувања; со подеми и падови на личното соголување пред себе, светот и векот. Да дојдеш до четириесет години на сцена значи дека си победил во тие битки, дека си останал на нозе како секој добар боксер во долга и тешка борба со сопствената сенка. Само тоа се важи. Од едно срце до друго, од еден дом во друг — атом по атом, многу пат и пот се тоа, почитувани. А да оставаш траги е најтешко: да се запишеш во историјата на едно лично постоење, да градиш светови со секој отсвирен тон, нов штим или кажан збор. Тоа е постигнување вредно за наклон.
Last Expedition, Exic, Mooger Fooger и Karla Levinski се четири бенда што тежат многу во торбата на македонската алтернативна сцена. Тоа се четириесет години музички непокор, движење зглобови и прсти без компромис со никого и ништо – чист талент, енергија, љубов и човечка искреност во служба на сопствената публика.
Почитувани, 12. декември и МКЦ се време и место за другарски наклон кон делото на овој вонсериски музичар, гитарист, но и сосем обичен човек кој безразложно и долго нѐ чува дарувајќи ни ги најдобрите животни сокови од себе. Со своите пријатели – некогашни и сегашни музички партнери – ќе нѐ прошета низ најзначајните моменти од опусот на гореспоменатите бендови. И тоа на крај нема да биде само приказна од и за Сецко, туку убав историски увид во душата на Скопје, еден град што нѐ направи луѓе во време кога беше многу полесно да не се биде. Овој човек има свој мал, но значаен удел во тоа. Респект.
Драги наши, вечерта на 12. декември во МКЦ ќе се свири опусот од музичките дела на Сецко, создадени во изминатите 40 години.
Настапуваат:
Сеад Хаџиќ – Сецко
Огнен Мангаровски – Оки
Виктор Гајтановски
Сашо Митревски
Андреј Коларовски
Стефан Момиќ
Андреа Салпе
Андреј Анастасов Даскаловски
Специјални гости:
Енис Хаџиќ – Енко (Last Expedition)
Димитар Петров (Last Expedition)
Ристо Солунчев – Ицко (Чиста Околина)
Горан Трајкоски – Готра (Падот на Византија, Мизар, Анастасија)
Предгрупа:
Хана Корнети
Влезници:
- 300 денари – претпродажба во ноември
- 400 денари – од 01.12.2025 до 12.12.2025
- 500 денари – на денот на концертот
Влезниците може да се набават на yournextevent.info.
Промотивна објава














