еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Мицкоски на прославата за Свети Кирил и Методиј повика на единство

Премиерот Христијан Мицкоски на прославата за споменот и делото светите браќа Кирил и Методиј, повика на единство, посочувајќи дека „не сме премногу да се двоиме, и не сме пресилни за да се разединуваме“.

– Сакам да се осврнам на две теми кои се суштествено важни за нашето постоење. Првата се надворешните напади, блокади и негирања со кои еве повеќе од 30 години како држава се соочуваме. Тие се насочени кон разјадување на темелите на нашето постоење. Најпрвин нашето знаме, народ, химна, јазик, култура.

Мора да бидеме свесни дека многумина нашето битисување на овие простори не ги прави среќни, рече тој и подвлече дека како човек и како претседател на Владата е многу спокоен, затоа како што кажа: “знам кој сум, знам кои сме и што сме“.

– И не треба да не вознемируваат таквите негирања, затоа што во глобалниот свет на поголеми и помали, на посилни и послаби, тоа е природен процес на докажувања. На помалите народи им преостанува да играат мудро и стабилно.

А во однос на негирањата одговорот ќе го добијат и тие и сите други во оригиналните списи кои во оваа прилика се изложени на десетина метри од местото на овој мој говор.

Со оригиналните ракописи на еден од многуте ‘големи’ за нашиот народ, Ѓорѓија Пулески, еден од првите што го истакнуваат постоењето на македонската нација и јазик пред два века.

Веднаш до тие ракописи, стојат оригиналите од пишувањата на Крсте Петков Мисирков, кој велеше секој народ има право да создаде свој литературен јазик, и тоа право им припаѓа и на Македонците.

Денес треба да се определиме – дали сакаме да бидеме народ со своја посебност или ќе се изгубиме во туѓите народи, рече тој.

Тој ја посочи потребата од единственост во позициите кај сите.

-Замислете позиција каде ќе бидеме единствени, едногласни за најважните прашања, нешто што реално не се случило овие 30 години. Замислете позиција каде нема да се делиме пред надворешните фактори, нема да паѓаме во нивните очи преку математиката на броење на прозападни и происточни крвни зрнца, каде ќе ги искористуваме сите шанси кои ни ги дава историјата за приклучок кон големите процеси на европско и светско ниво.

Замислете позиција каде власта и опозицијата ќе делуваат единствено, нема да имаме внатрешни процепи, каде секој политички чинител, своите слабости и неподдршка од народот нема да ја надопоолнува преку попусливост пред меѓународниот фактор.

Притоа морам да кажам дека судбината и шансата на малите народи е да се пронајде на мудар начин во интересите на големите играчи на политичката сцена. Тоа е единствениот начин на кој можеме да опстоиме.

И ова добро мора да го запаметат и оние од опозицијата кога го напаѓаат договорот за стратешко партнерство со Обединетото Кралство – па кажуваат дека долгот ќе се зголемел поради инвестициите, па лагата дека мигранти ќе се носеле, само за да издејствуваат некој политички поен за себе. Едноставно, и во историска и во секоја друга смисла не вреди таквата реторика, и се прави штета на државата, рече тој.

Замислете каде ќе бевме сега, подвлече тој, доколку пред 30 години направевме силни пактови со нашите западни пријатели, доколку тогаш и во сите години потоа не се делевме, не се каравме за стратешките цели и склучувавме пријателства од кој бенефит ќе имаа сите граѓани.

-Не одете подалеку, погледнете неколку од нашите соседи, кои имаа таков пристап, тие отидоа и подалеку и посилно, затоа што ги фатија и приграбија историските шанси, кажа тој.

За да се направи исчекор напред, потребно е градење на државно и национално единство и подавање рака и клучна согласност за најважните прашања за татковината, посочи Мицкоски.

-Нашата историја е сведоштво за тоа што можеме да постигнеме кога сме обединети. Во најтешките времиња – кога сме биле притиснати, поделени, па дури и кога ни било одземено правото да зборуваме со свој глас – секогаш сме се издигнувале преку заедништвото.

Денес, единството не се бара само на барикадите или во одбраната – туку во секојдневието. Во начинот на кој разговараме, на кој решаваме проблеми, на кој ја градиме нашата држава.

Да бидеме нација која не се плаши од разлика, туку ја прегрнува. Народ кој знае дека само со заеднички чекори може да оди напред, рече премиерот истакнувајќи дека нема поголем патриотизам од обединувањето за доброто на сите, за татковината, рече тој.

Фото: Влада

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Нормализирана работата на системите за ископ на јаглен и јаловина во рудниците на РЕК Битола

Редакција

Мерките почнуваат од среда: Забрана за движење од 16 часот до 5 наутро, за викенди 48 часа дома

Редакција

Предметот „Организаторите за 27 април“ вратен во Кривичен, рочиштето одложено

Редакција