еМагазин
Image default
Интервју ТОП СТОРИИ

Шеф Лефтерис создава култна кулинарска оаза во срцето на Скопје

Елефтериос Далајоргос е главниот „виновник“ за необичните рецепти по кои рестораните Four и Brick eat, дел од Парк хотел и спа во Скопје се препознатливи во целиот регион.

Далајоргос во разговор за еМагазин.мк ни откри дека не е сигурен дали е подобар македонски зет или грчки готвач.

„После 12 години како македонски зет можам само да кажам дека животот баш ме сакал. Како за добредојде во Македонија, мајката на мојата сопруга ми подари „Македонски готвач“ со рецепти на 1.000 страници.

Мојата љубов кон готвењето потекнува од моите родители, кои уживаат да готват. Кога почнав, сфатив дека готвењето ми е љубов, и не можев ниту да помислам дека можам да работам нешто друго,“ вели Далајоргос.

Во Скопје е дојден од 2013 година и одлично зборува и пишува на македонски јазик. Вели дека за него е предизвик да работи во хотелска кујна, бидејќи се работи за огромна организација, се опслужуваат како гостите во хотелот, така и оние кои доаѓаат од надвор.

Елефтериос вели дека е привилегија да се работи во ресторанот Four кој е всушност оаза за кулинарско доживување во Македонија. И дека зад имиџот на Four стојат тој и неговите колеги кои поминале многу часови во кујна.

А за Brick eat вели дека е помладото „палаво дете“ во компанијата.

„Сакавме кујната да биде уникатна. Базата е од Франција и Италија, бидејќи тие се први што почнаа да готват „сериозна“ храна.

Сега веќе во понудата имаме балканска, европска, па и азиска кујна кои ги прилагодуваме на нашите вкусови.

На пример, традиционален азиски рецепт го менуваме и прилагодуваме на нашиот менталитет“ вели шеф Лефко, како што го нарекуваат колегите.

Тој додава дека многу внимателно го составува менито на рестораните. Еден од уникатните специјалитети е на пример сарми од блитва со ракчиња и вргањ, кои претставуваат комбинација на традиционални и модерни вкусови.

„Four веќе се наметна како дестинација за вистинските гурмани, кои бараат повеќе од вкус во храната, а Brick eat е првата скала во која се учи за добрите залаци“, вели шеф Лефко.

Тој лично е фан на севиче со лаврак, мисирка со мали компири, паста и пилешко со мешан вкус.

Далајоргос вели дека традиционалната храна во Македонија и Грција има многу сличности, особено во користењето на свежи и квалитетни состојки и додава дека менито се освежува два пати годишно, кога се појавува нова сезонска храна.

„Ми се допаѓа да екпериментирам. Но, основата сепак ми е од дома. А, секој регион во Грција си има свои специфики за храна. Исто како и во Македонија, тие различности ја прават кујната побогата. Разликите помеѓу двете кујни главно е во морската храна. Сепак, најубавата храна, луѓето ја врзуваат за домашната, со која пораснале и им ја подготвувале мајките,“  додава Далајоргос.

Според него, за еден ресторан да биде успешен многу е важен и маркетингот,  да се привлечат луѓето да дојдат, а потоа да се задржат со убавиот амбиент, добрата услуга, вкусната храна при што се гради доверба мегу гостите и ресторанот.

Неретко, луѓето кои ја вкусуваат храната, посакуваат да го видат шефот, а тој вели дека му е убаво кога има можност да зборува со гостите за специјалитетите.

„Секоја забелешка, критика е добредојдена за да се види што може да се подобри,“ додава  Далајоргос.

Како одличен познавач на храната, врвно го оценува македонскиот вргањ за кој вели дека по изглед и вкус не видел на друго место таков. Како специфика на земјата ги смета и црвените пиперки, гравот, јаболката, пастрмките, така што има доста производи кои му се допаѓаат.

„Тешко се прилагодив на моментот на одење во кафеана каде што прво се мези, и тоа се, оди полека. Ние во Грција малку сме навикнати на побрзо. На почеток ми беше тешко да фатам ритам, но сега се навикнав и уживам во тој момент. Имате феноменално овчо сирење, сармите ги обожавам,“ вели нашиот соговорник.

Според него, најголем предизвик е колегите да напредуваат во работата и готвењето, но и за да може македонската кујна да ја промовираат и да биде попозната. Вели дека за шеф на кујна е најбитно кога него стои компанијата која сака да расте заедно со тебе. Добро е кога на вработените им се дава шанси сами да размислуваат, да реализираат тоа им овозможува професионално да растат.

„Во мојата професија, е многу важно луѓето да напредуваат. На шефот не му се паметат рецептите, туку односот со вработените, можностите кои им ги дава,“ вели Далајоргос.

Тој додава дека добрите услови за работа на вработените, можноста за напредување, се клучни за да останат вработените и да не заминуваат на сезонска работа, која е еден од најголемите предизвици со кои се соочува угостителскиот сектор.

„Не е добро често да се менуваат ниту вработените, ниту менито. Досега не се случило менито да го смениме целосно, бидејќи веќе имаме гости гурмани, кои доаѓаат токму за одредени специјалитети. На дел од менито се обидуваме да додаваме нешто ново, во зависност од периодот.

Менито го менуваме кога излегува ново сезонско овошје и зеленчук за да имаме нова база за работа. Има јадења на кои сум горд што ги направив и кои одговараат на вкусот на повеќе луѓе. На досегашното мени додадовме и суши, учевме од врвни шефови од Јапонија, потоа имавме специјално мени за Ифтар и за Велигден. Станува збор за кратки менија со 3-4 јадења, при што на гостите им овозможуваме да „вкусат“ нови идеи“, вели Далајоргос.

И на крај од напорниот работен ден вели дека сака да седне на терасата од рестораните  Four и Brick eat, каде секогаш дувка вардарец, па и во најжешките скопски лета, и да ужива во омилените залаци на необичната храна.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Гркот Елефтериос за љубов на Бети научи и македонски

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(Видео) Десетици јавни личности ја поддржаа националната кампања „Вакцинирај се! Безбедно е, сигурно е!“

Редакција

Старецот Вартоломеј, игумен на манастир на Света Гора во посета на Св.Јован Бигорски

Редакција

Следи ново вето за Македонија, ЕУ била „фрустрирана“ поради бугарската блокада која ја кочи и Албанија

Редакција