Македонија и Србија го потпишаа договорот за „One Stop Shop“, систем со едно застанување и брза заедничка контрола на границите

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, денеска во Белград со српскиот министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ го потпишаа договорот помеѓу Владите на Македонија и Србија за воспоставување на заеднички контроли на граничниот премин за меѓународен патен сообраќај Табановце – Прешево кој треба да овозможи имплементација на вистински „One Stop Shop“ систем со цел побрз транспорт на луѓе, повеќе трговија, туризам и пријателство меѓу двете држави.

„Со имплементација на системот очекуваме за двојно да се забрза трансферот на луѓе, а по потпишување и ратификација на договорот ќе можеме да започнеме со тест фазата од аспект на техничко решение и се надеваме дека пред почетокот на летната сезона ќе можеме и официјално да го ставиме во функција и да го забрзаме протокот на луѓе.

Продолжува и понатаму одличната соработка со српската полиција во борба против сите видови криминал и во текот на оваа летна сезона ќе продолжи проектот за размена на полициски службеници на Србија во Охрид и македонски полициски службеници на настани коишто ќе се одржуваат во Србија,“ изјави Тошковски.

„One Stop Shop“ системот неодамна беше имплементиран со Косово на граничниот премин Блаце – Елез Хан, a ќе следува имплементација и со Република Албанија, така што Македонија ќе го има имплементирано овој систем со сите земји – соседи кои не се дел од Европската Унија.

Фото/МВР

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести