105 години Филозофски факултет во Скопје-историја, предизвици, идна дејност

Пишува проф.д-р Никола Жежов

Денеска на 16 декември се навршуваат 105 години од првиот академски час на Филозофскиот факултет во Скопје, кога во далечната 1920 година првите студенти го започнале семестарот и предавањата на насоките по Книжевност, Лингвистика, Историја, Филозофија и Педагогија. Традиција на високо образование во Македонија, повеќе од еден век која треба да се одбележи достоинствено и академски!

Сите вработени професори, професори во пензија, асистенти, административен персонал, активен и во пензија и сите што поминале низ факултетските клупи како студенти на факултетот на овој ден треба да бидат посебно горди што биле член на големото семејство на Филозофскиот факултет во Скопје. Но, не отсекогаш така лесно се признавал историскиот континуитет од 105 години на оваа наша високообразовна институција.

Имам доволно години, зрелост и историско сеќавање за да се присетам како на 90 годишнината од прославата на јубилејот ни дојде една делегација од познати македонски интелектуалци, меѓу нив и еден академик за да не прашаат нас, како тогашно раководство на факултетот, зошто славиме датум на формирање на факултетот од време на држава која не ги признавала Македонците како посебен народ?

Мојот одговор и тогаш и сега е исто така прашање: Дали немаше да го одбележиме датумот на кој, султанот Абдул Хамид II, хипотетички, ќе донесеше ферман за создавање на факултет во Македонија за време на отоманската власт? Што треба да прават сега некои универзитети или факултети во различни држави формирани пред 200 или 300 години? Не треба да го одбележуваат денот на нивното основање, затоа што пред 3 века не постоела нивната држава и не била признаена нивната националност?

Навистина е добро што сите раководства на Филозофскиот факултет ја прифатија историската основа и континуитет и направија свечени одбележувања на годишнините и оправдано го посочуваат 16 декември, како ден на факултетот и почеток на високообразовната дејност во Македонија.

Од тогаш во далечната 1920 година до денес, Филозофскиот факултет во Скопје помина 105 години на бурна историја, подеми, падови, успеси, кризи, опасности од престанок на неговата работа и војни, од кои секогаш се издигнуваше посилен и поавторитетен. Факултетот вработувал професори од разни националности и профили и запишувал студенти од повеќе делови на територијата на поранешна Југославија.

Во 20-те години на минатиот век, на факултетот работеле и предавале професори и асистенти по потекло од Србија и Хрватска, извонредни научни авторитети од Русија, кадри кои без разлика на нивната националност и вера биле врвот на науката и образованието во поранешното Кралство на СХС и Југославија, професори и асистенти кои докторските дисертации ги одбраниле на универзитетите во Виена, Петроград, Будимпешта, Прага, Загреб, Белград, Париз, Краков и Берлин.

Иако првичната цел на факултетот била асимилација на македонскиот народ и негово образовно дејствување во корист на српските национални интереси, на конкурсите за упис во новите академски години се пријавувале и студенти Македонци по националност кои по завршувањето на студиите биле предвесници на македонскиот факултетски и наставнички образуван кадар што по Втората светска војна учествувал во изградбата на современата македонската држава.

Во 1927 година, властите на Кралството на СХС откриле една група на студенти од Филозофскиот факултет кои биле членови на младинската организација на ВМРО, по што била покрената иницијатива за негово затворање. Факултетот бил прогласен за „вмровско гнездо“, а за тоа лично бил информиран и југословенскиот крал! Сепак, факултетот продолжил непречено да функционира се до почетокот на Втората светска војна на овие простори, а за тоа голема заслуга имал тогашниот скопски градоначалник Јосиф Михајловиќ, родум од селото Тресонче.

Својата образовна дејност, факултетот ја започнал со скромни 21 студент во почетните години, за да во 1941 година има запишано вкупно 280 студенти. Високообразовната дејност на Филозофскиот факултет била збогатена со добро уредена библиотека, стручно научно списание за објавување на трудови и активен студентски живот со учество на студентите во секојдневното факултетско функционирање. Во текот на Втората светска војна голем број на професори, асистенти и студенти учествувале во Народно ослободителното движење во сите делови на поранешна Југославија, при што еден професор и 40 студенти загинале во текот на борбените дејствија.

По завршувањето на војната и продолжувањето на неговата високошколска дејност на 16 декември 1946 година, предвоените студенти и дипломираните професори пред 1941 година учествувале во возобновувањето на работата на Филозофскиот факултет во Скопје. Од студентските клупи на факултетот произлегле новите генерации професори кои ја продолжиле својата академска кариера на Филозофскиот факултет и другите факултети на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.

Харалампие Поленаковиќ, Томо Томовски, Десанка Миљовска, Кирил Пенушлиски и други биле новите генерации на професори на Универзитетот кои своето образование го оствариле на студиските програми на факултетот во предвоените години. Филозофскиот факултет станал расадник на повоената македонска генерација на професори кои ја поставиле основата на високото образование во Асномска Македонија и ние треба да им оддадеме длабока почит и да ги славиме нивните имиња.

По Втората светска војна, Филозофскиот факултет поминал низ две фази на својот развој: првата фаза е од 1946 до 1991 година за време на постоењето на југословенската федерација и втората од 1991 година и осамостојувањето на Република Македонија до денешни дни. Во тој прв период на високообразовна дејност, факултетот се етаблирал како една од најважните алки на факултетското образование во НР/СР Македонија во рамките на југословенската федерација.

Од професорскиот кадар на Филозофскиот факултет произлезе до сега единствениот вршител на функцијата Ректор на УКИМ како кадар на факултетот, проф.д-р Христо Андонов- Полјански, но од неговите академски кругови се профилираа како универзитетски професори и авторитети од различни научни области: Јонче Јосифовски, Георги Старделов, Киро Ќамилов, Љубен Лапе, Димче Коцо, Методија Соколоски и други.

Наставните програми на факултетот биле дополнети и со професори од другите југословенски републики и така како дел од историјата на Филозофски факултет се вбројуваат и Петар Лисичар, Стјепан Антољак, Владимир Мошин, Андрија Лаиновиќ и Георги Острогорски кои ја издигнаа оваа македонска високообразовна институција на уште повисоко ниво кое ги надмина границите на тогашната југословенска федерација.

Мојата маленкост имаше чест да ги слуша предавањата на покојните професори Христо Меловски, Бранко Панов, Димитар Димески, мојата менторка Даринка Пачемска- Петреска, Наде Проева, Кочо Сидовски, Јован Корубин.…нека нивното име остане запишано во вечноста и нека им е вечна слава, а ја имав честа да ги збогатам своите знаења и од сеуште активните професори во пензија Коста Аџиевски, Михајло Миноски, Виолета Ачкоска, Методија Манојловски и Маргарита Пешевска.

Филозофскиот факултет се градел камче по камче, секоја генерација оставила белег на своето време и се вградила во македонската државност. Деканските управи на Филозофскиот факултет во периодот од преку еден век, секогаш биле достојни на предизвиците на нивното време и знаеле да менаџираат со институцијата и во најтешките времиња- од Тихомир Остојиќ, како прв декан, преку Михаил Петрушевски, прв повоен декан во федерална Македонија, до Трајан Гоцевски, еден од првите декани во независна Македонија.

Сега го живееме моментот на последната генерација професори, асистенти и студенти на факултетот. Новите раководства на факултетот се наоѓаат пред голем предизвик. Секое време си има свои борби и идеали и сега е моментот Филозофскиот факултет да одговори на предизвикот на големите светски општествени промени кои не може да не допрат и до нашата институција. Факултетот е исправен пред многу проблеми на современието кои можат силно да влијаат на неговата работа и затоа денешното раководство треба да биде свесно за новата реалност.

Пред факултетот стојат проблемите со бројката на студентите која од година на година се повеќе се намалува, проблемот со подмладувањето и смената на генерациите која се потешко ја надминуваме, не по наша вина, како и неговата улога во денешното современо македонско општество.

Во интерес на перспективната иднина на Филозофскиот факултет потребно е да се врши селекција на најдобрите кадри при вработувањето на професорски, асистентски и административен кадар, да се врши соодветно и прецизно планирање при акредитирањето на студиските програми на сите три циклуси на студии со цел да се одоговори на потребите на пазарот за вработување во Република Македонија.

Исто така, факултетот мора да се наметне како влијателен фактор во општествено- политичкиот и културниот живот на Република Македонија, да ја врати позицијата што ја имаше со години наназад, затоа што сите предизвици на современото општество, не може да се спроведат без стручните образовни, научни и педагошки знаења на нашиот професорски кадар.

Сите позитивни светски промени ги предводеле интелектуалци од областа на општествените и хуманистичките науки. Отсекогаш така било, историјата го покажала тоа стотици пати. Покрај залагањето и влогот на факултетот, мора и државните институции да излезат во пресрет и да ја помогнат неговата работа, секако во доменот на нивните надлежности и ингеренции. Ако сакаме подобро образование и наука во Република Македонија, потребен е силен и влијателен Филозофски факултет.

Во пресрет на новото време кое доаѓа, со надеж за подобра иднина на факултетот, го честитам утрешниот голем јубилеј на сите вработени на Филозофскиот факултет! Честит 16 декември, Ден на Филозофскиот факултет во Скопје! Нека ни е за многу години!

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести