Владата, преку Министерството за култура и туризам и во соработка со националната установа Завод и музеј Прилеп, за оваа година обезбеди проект за интервентна заштита на „Македониумот“ во вредност од 2,5 милиони денари, кој ќе биде реализиран до крајот на 2025 година, информираше портпаролката на Влада, Марија Митева.
„Паралелно на ова, НУ Завод и музеј Прилеп работи на проект за целосна реконструкција и конзервација на целиот комплекс. Овој проект ќе биде финализиран до средината на 2026 година, по што Министерството за култура и туризам ќе ја утврди динамиката и планот за финансирање на целосната реконструкција.
Би сакала да потенцирам дека „Македониумот“ е уникатен архитектонски и уметнички објект, создаден со бетон, витражи и специфични материјали што бараат врвна стручност. Затоа и дел од експертизата ќе ја обезбедиме од странство, за да гарантираме дека ова културно наследство ќе биде трајно заштитено.
„Македониумот“ нема да биде оставен да пропаѓа. Ќе го реконструираме, ќе го сочуваме и ќе му ја вратиме заслужената слава. Овој споменик не е само културна вредност, туку е дел од нашата национална меморија и идентитет, и како таков ќе биде пренесен на идните генерации,“ изјави Митева.
Таа додаде дека реконструкцијата на „Македониумот“ започнала пред повеќе години и требало да биде завршена во 2017 година.
„Со симнувањето на скелето од страна на претходната власт токму таа година, процесот беше насилно прекинат и оставен без потребна заштита. Од тогаш до денес, цели седум години не било преземено ништо за негово завршување и заштита. Тој застој, создаден во минатото, остави длабоки последици врз состојбата на овој значаен културен споменик,“ додаде Митева.
Поради негрижата, овој објект скапува и пропаѓа поради влагата и водата кои навлегуваат во објектот при појак дожд.
Фото/Влада