71% од електронските плаќања во третиот квартал лани биле извршени преку мобилни апликации

Обемот и вредноста на платежните трансакции растат и во текот на третиот квартал од 2025 година, информираа од Народна банка. Дигиталните начини на плаќања и понатаму бележат особено брз раст, со што се потврдува сѐ поголемата дигитализација и модернизација на плаќањата, посочуваат од таму.

„Во однос на плаќањата со кредитни трансфери, во споредба со истиот период од минатата година, нивниот број е зголемен за 7%, а вредноста за 15,3%, што упатува на зголемена активност и поголеми износи по извршена трансакција.

Електронските плаќања преку дигиталните канали остварија динамичен годишен раст од 19% кај бројот и 29,3% кај вредноста. Од вкупниот број платежни трансакции иницирани по електронски пат, 71,8% се извршени преку мобилни апликации, што ја потврдува главната улога на мобилното банкарство во секојдневните плаќања.

Истовремено, плаќањата со платежни картички во трговијата и натаму растат, па и во третиот квартал од 2025 година, бројот на трансакции е зголемен за 9,9%, а нивната вредност за 12,4%. Раст од 9,9% е забележан кај плаќањата на физичките продажни места, како и кај купувањето преку интернет 9,3%, што укажува на поширока и почеста употреба на картичките преку сите продажни канали.

Наведените движења потврдуваат дека корисниците сè повеќе ги прифаќаат електронските и картичните плаќања, придонесувајќи кон натамошен развој на платежниот екосистем,“ се вели во соопштението.

Фото: Unsplash

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести