(Фото) Летен камп по Вероучение во Св.Кирил и Методиј во Битуше: На местото каде што некогаш имало караула, денес се воспитуваат духовни војници кои ќе го облагородат светот со љубов

Во подножјето на планината Дешат, во прегратките на скитот Св. Кирил и Методиј над Битуше, детски џагор одекнува како ехо во планинската тишина. 25 деца од цела држава беа собрани во прекрасниот Бигорски скит, во рамките на Летниот камп по Вероучение. Тие беа дел од втората група на деца од 29 јуни до 3. јули, а во текот на летото предвидени се шест смени, во кои ќе бидат опфатени 250 деца.

„Сестра Ефимија, благословено ли е да ја читам книгата во храмот,“ ја прашува едно од децата нашата соговорничка, со која што разговорот го водиме пред манастирскиот скит, под духовното око на сесловенските просветители, чија што мисија ја продолжува Бигорски манастир, а по идеја на Владиката Партениј.

Владиката Партениј во својата беседа за празникот на Св.Кирил и Методиј рече: „И еве, тука каде што некогаш имаше војска, денес има молитва. Онаму каде што се слушале команди, денес се вознесува „Господи помилуј“. Навистина, ова место порано беше караула, каде што војници го чуваа регионот.

Создаваме духовна војска

„Денес, би рекла, овде создаваме духовна војска – војска што на суровоста на светот одговара со оружјето на милоста, што се бори против омразата со љубов, молитва, добрина, трпение и смирение. Ги воспитуваме децата да се развиваат во духот на лојалноста, правичноста и одговорноста. Тие се нашите духовни војници, кои во себе носат извонреден оптимизам – токму она што му недостасува на светот денес.

Со благослов и по идеја на нашиот Старец, епископот Антаниски г. Партениј, се стремиме, од ова место – каде што некогаш се држеше оружје за одбрана на Татковината – да издигнеме нова војска, која ќе се бори против злото, а за победата на љубовта – највозвишената вредност на овој свет“, вели сестра Ефимија.

Годинава, наставата по Вероучение е посветена на две клучни теми: слободната волја како дар од Бога и значењето на семејството и сè што оди во прилог на овие теми.

„Преку творбите што децата ги пишуваат на тема Семејство, откриваме како тие го доживуваат домот – кои се нивните потреби, каква заштита таму чувствуваат. Ги учиме дека семејството е мала Црква, која се вградува во големата, вселенска Црква – во големото семејство на светот. Божјата замисла е сите ние да бидеме едно, бидејќи сите носиме иста природа и потекнуваме од еден човек. Треба да се сакаме како браќа и сестри“, вели сестра Ефимија, која ги држи часовите по Вероучение.

Децата создаваат творби, а во едни од тие стихови се вели: Во дом каде што љубов цвета, семејството во среќа лета.Тато во вера не води, сака со нас накај Христијанството да оди. Кога молиме заедно силно, Дедо Боже не гали милно. Мама е најубава на свет, и ѝ даваме најубав цвет.

Освен пишаното творештво, во часовите се вклучени и професионалци од различни области – актери, филолози, наставници, професори по физичко воспитание. По креативните активности, децата имаат време за рекреација. Во оваа смена тоа е наставничката по физичко, Мими Стојановска. Во рамките на актерската школа, пак, теоријата од часовите се претвора во практика.

Актерот Владо Дојчиновски, кој ги држеше часовите по актерство вели дека секогаш му оди муабетот со деца, но ова искуство е нешто многу поразлично од сè што претходно работел во театар, на снимања, на различни проекти.

„Идејата и она што требаше да го сработиме, го црпев од децата. Заедно се учевме и заедно научивме колку е поврзана нашата вера, духовноста со актерството. Всушност, преку актерството, требаше да ги извадиме тие духовни, а пред се човечки вредности. Се учевме што значи да се почитуваме меѓусебе. Да се трудиме да направиме другиот да е подобар од мене, зашто само тогаш, ќе бидам најдобар. И децата тоа многу убаво го сфатија и така почнаа да си ја делат љубовта меѓу себе.

Учевме како да даваме љубов, учевме дека повеќе е потребно да дадеме отколку да добиеме, затоа што и кога ќе добиеме ние повторно треба да дадеме. Кога работиме претстава, работиме за публиката, но публиката на крај не ни се поклонува, ние ѝ се поклонуваме нејзе. Иако тие се забавуваат покрај нас, ние сме тие кои им велиме ви благодариме многу што ни дозволивте да ве забавуваме. Тоа е голема доблест,“ вели Дојчиновски.

Според него, тие мали работи на учење како да се слуша другиот, како да се помага ги донеле до врвот, да се спознае љубовта, да се почувствуваат магијата и енергијата која се случила меѓу нив, и децата од кампот да си заминат со една тивка радост.

Немаме економска криза, имаме духовна криза

Интересот за Летниот камп и брзото пополнување на групите, според сестра Ефимија, покажува колку недостасува предметот „Етика во религиите“ во образованието. Таа особено многу се залага овој предмет да биде што позастапен во јавните училишта, да добие подобар статус.

„Во сите западноевропски земји, кои, патем, се одликуваат со стабилна демократија, развиени инклузивни процеси и јасно воспоставен секуларен модел на односите помеѓу државата и верските заедници, религиското образование е составен дел од наставните програми во јавните училишта. Децата и младите во секуларна Европа не се лишени од духовните, културните и традиционалните вредности врз кои е изградено самото европско општество. Напротив, тие се поттикнати критички да размислуваат, да се запознаваат со своите корени и да ја градат својата личност и идентитет во светлината на тие вредности.

Зошто тогаш ние заостануваме? Зошто се колебаме пред можноста да го понудиме највредното од сопствената духовна и културна ризница на новите генерации? Ако со загриженост заклучуваме дека семејството ни е во криза, дека вредносниот систем се распаѓа, а општеството ни е сè понесигурно, тогаш мораме искрено да се запрашаме: каде е коренот на тој проблем? Одговорот е болен, но вистинит – нашата најдлабока криза не е ниту економска, ниту социјална, туку пред сè духовна. Без нејзино надминување, секоја реформа ќе остане површна, а секој напредок – привиден“, вели сестра Ефимија.

Младите бараат одговори

Младите денес се соочуваат со многу прашања, па затоа групата од 16 до 18 години на Летниот камп има повеќе дискусии отколку класични предавања.

„Секоја возраст има свои специфики. Со помалите учиме за основите на верата, за значењето на авторитетот, зошто е важна послушноста кон родителите и наставниците и слично. На тинејџерите во рана адолесценција им пристапуваме поинаку: тие често мислат дека никој не ги разбира. Но, ни се отвораат, стануваме пријатели. Со младите од подоцнежната адолесценција (16–18 години) дискутираме за теми како слободната волја, одговорноста при избор, присуството и отсуството на Бог во нашите животи, односот кон семејството, кариерата и сл“, објаснува сестра Ефимија.

Кај младите од 16 до 18 години, всушност постои многу голем интерес, а за тоа говори и фактот што минатата година, кон кампот спонтано се приклучиле и група на деца кои биле дојдени на распуст во селото Битуше.

После една нивна средба со младите од кампот на планинската ливада, овие деца секој ден доаѓале во скитот и биле дел од дискусиите организирани во амфитеатарот.

„Првично изгледаа воздржани, бидејќи само што се бевме запознале, а можеби и за прв пат гледаа монах одблизу. Но подоцна, тие редовно доаѓаа на предавањата. Амфитеатарот беше преполн – таа слика и тие искуства никогаш нема да ги заборавам. Љубопитноста, прашањата, зрелите ставови што ги искажуваа, беа јасен показател за тоа што им недостига на нашите млади. Подоцна, сосема случајно се сретнав со една мајка чиешто дете беше дел од таа група која доаѓаше на амфитеатарот. Срдечно ми ја искажа огромната благодарност кон Владиката Партениј – свесна дека тој со овие кампови многу спонтано го направи најдоброто за нејзиното дете. И не само за нејзиното – туку, воопшто, и за многу други деца, млади, брачни парови, цели семејства,“ вели сестра Ефимија.

Семејството во денешното општество се наоѓа во криза, а тоа најповеќе се одразува врз децата. Духовната наобразба, ја губи битката со трката по пари и итање кон материјален статус креиран според оштествени мерки и мерила за успешност.

„За жал, денес сè повеќе доминира поинаков модел на воспитание. Родителите, често со најдобра намера, сè повеќе го насочуваат својот труд и внимание кон кариерниот напредок на своите деца, отколку кон нивниот духовен и внатрешен развој. Се стремат да го оформат детето како успешна личност – но најчесто во рамките на материјалното, мерено низ достигнувања, статус и приход.

Не сметам дека тоа, само по себе, е погрешно, туку напротив, длабоко верувам дека учењето и образованието се од суштинско значење за интелектуалниот, социјалниот и емоционалниот развој на децата. Природно е родителот да посака успех, стабилност и сигурна иднина за своето дете. Тоа е израз на неговата љубов и грижа.

Но, токму во тој оправдан стремеж, често се запоставува она што е посуштинско и потрајно – изградбата на личноста. Нашата примарна задача не е само да воспитаме способно дете, туку да оформиме целовита и зрела личност, која ќе биде внатрешно стабилна, морално утврдена и духовно длабока. Личност што ќе носи во себе внатрешна светлина и ќе знае да ги разликува минливите од вистинските вредности. Токму тие духовни темели ќе му помогнат не само да ја достигне својата општествена позиција, туку и да ја носи со достоинство, одговорност и човечност – кога и да дојде до неа”, додава таа.

На прашањето, што најмногу им се допаѓа на Кампот, Петар рече дека тоа било кога Сестра Ефимија предавала Веронаука и кога учеле да глумат со чичко Владо.

На малата Ефросинија, пак, најмногу и се допаднале мачињата.

„Кога ќе завршат часовите, си ги земаме мачињата, и ако не се тука си ги бараме,“ вели нашата најмлада соговорничка.

После сите одговори, може слободно да се заклучи дека на родителите повеќе им е потребно вероучение отколку на децата. Овој свет ќе беше далеку подобро место за живеење, доколку секој за секоја постапка се прашаше „дали е благословено ова да го направам“.

Она што се учи на ваквите кампови, сигурно ќе остане врежано во меморијата на децата и ќе придонесе во трасирањето на патот, тие еден ден да станат пред сѐ добри луѓе, а потоа секој на свој начин успешен во умножувањето на својот личен талант.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести