Мира Митрова е македонски уметник кој живее и твори во САД од 2010 година. Нејзиното Art Mira Studio успеа да се издигне како едно од најдобрите студија во Њу Џерси, а посетители и клиенти доаѓаат и од Њујорк.
Неодамна Митрова имаше изложба во HACPAC – Hackensack Performing Arts Center во Њу Џерси, каде што се претстави со серија дела кои ја носат нејзината суптинска идеја – дека уметноста е алхемија, процес што ги спојува внатрешните светови со надворешниот израз.
Дипломиравте графика со графички дизајн на Факултетот за ликовна уметност во Скопје, што го одбележува вашето творештво во тој период?
– Тоа време го паметам како еден златен период исполнет со дружби, соништа и многу уметност. За дипломска работа ја одбрав внатрешноста на пијаното – неговата тајна машина, која ја претставив реалистично, а потоа ја „расеков“ на делови. Така се отворија нови хоризонти и перспективи. Кога тие делови повторно ќе се склопеа, се појавуваше целата пијано-машина во вистинска големина – како метафора за тоа дека уметноста понекогаш мора да се разгради за повторно да оживее. Дипломирав во класата на проф. Димитар Малиданов, кој остави силен печат врз моето формирање.
Кажете ни нешто и околу Националната награда за постер изработен по повод 60-годишнината од државноста?
– Тоа беше посебен момент – конкурсот за постер по повод 60-годишнината од АСНОМ. Нашиот професор Динка не охрабри сите да учествуваме. За мене тоа беше прилика да го соединам академското знаење со сопствената визија. Бев избрана како една од главните добитници, заедно со мојата драга колешка Ана Матовска. Таа награда беше потврда дека уметноста може да биде и историски сведок, и визуелен празник
Кога се преселивте во САД, и колку беше тешко да се продолжи уметничката приказна таму?
– Во САД се преселив во 2010 година, иако Њујорк првпат го почувствував во 2008, кога таму имав изложба. Токму тогаш се споив со мојот сопруг, па по враќањето во Македонија животот ме врати повторно во САД. Тоа беше тежок период – мојата мајка боледуваше и почина во 2009. Селидбата носеше нов систем, нов јазик, нови правила. Но, уметноста ми стана сидро. Со време, болката ја претворив во сила, а новата средина – во бескраен извор на инспирација.
Вашите инспирации велите дека ги црпите од природата и секојдневниот живот, но што е она што остава најголем печат врз вашето творештво?
– Инспирацијата ја црпам од секаде – од природата, од едноставните мигови, но пред сè од мојата интуиција. Најубаво во мојата работа е тоа што никогаш не почнувам со план. Секогаш му дозволувам на потсвесното да води. Таа слобода се гледа во моите дела како патување на една крива линија – таа линија е моја трага, моја песна и мој печат.
Сликате графики, масло на платно, акрил… Но, ако треба да издвоите – низ која техника најлесно се изразувате?
– Секоја техника ми е како тајна што веќе ја носам во себе. Јас не познавам граници – само премини од еден во друг свет. Платното ми е алхемиска лабораторија каде се вкрстуваат различни сили, како елементи што инаку не би можеле да постојат заедно. Често вплетувам и по десет различни медиуми во едно дело – секој како свој шепот, своја сенка, своја искра. Создавам и сопствена текстура, извајана по моја формула, која е истовремено моја интимна сатисфакција и тивка терапија. А највозбудлив е мигот кога гледачот ја допира таа текстура со поглед или со мисла – како да ја продолжува алхемијата и надвор од моите раце. Секое дело е експеримент и мистерија, разговор меѓу видливото и невидливото.
Колку е тешко да се пробиете како уметник во место со огромна конкуренција, и што треба да понудите за едно дело да биде продадено?
– Јас го љубам „тешкото“. Ако умееш да се справиш со него, сè друго станува лесно. Art Mira Studio успеа да се издигне како едно од најдобрите студија во Њу Џерси, а посетители и клиенти доаѓаат и од Њујорк. Конкуренцијата е неизбежна, но јас верувам дека вистинскиот квалитет секогаш си го наоѓа патот.
7. Како уметник, одржувате работилници и онлајн курсеви за цртање. Како се прифатени тие кај публиката?
– Работилниците и курсевите се природно продолжение на мојата уметност – тие се мој начин да инспирирам, но и да споделам знаење и искуство. Освен создавањето и реставрацијата на уметнички дела, посебно сум горда на мојот сопствен метод NeuroFloArt™, кој е заштитен и единствен.
Овој метод е плод на моето долгогодишно истражување и е оригинална емоционална уметничка техника што ги комбинира принципите на неурографика, состојбата на flow и апстрактната експресија. Неговата функција е многу повеќе од уметничко изразување – тој помага за:
- продлабочување на фокусот,
- градење самодоверба,
- расчистување на менталните блокади,
- и создавање внатрешна емоционална рамнотежа.
Методот е совршен за јога и медитација инструктори, професионалци во образованието, велнес и креативните исцелителни практики. Тој поддржува ментална јасност, емоционална стабилност и креативен раст – нешта што денес им се потребни на секој од нас.
Бидејќи немам можност лично да одржувам индивидуални сесии со сите заинтересирани, мојата цел е да сертифицирам професионалци кои ќе можат да го пренесат методот понатаму. На тој начин, NeuroFloArt™ ќе може да се практикува и индивидуално и во поширок опфат, за да им помогне на што поголем број луѓе.
Во ноември ги отворам вратите за оваа сертификација, со што професионалците ќе добијат алатка што можат да ја интегрираат во својата работа и да им понудат вистинска поддршка на својата публика. Денес моето Art Mira Studio е целосно букирано една година однапред за часови во живо, а за онлајн курсевите – вратите се секогаш отворени.
Во 2017 година го основавте Art Mira Studio. Кои се неговите активности?
– Art Mira Studio е мојот творечки универзум. Таму се одржуваат традиционални и групни часови за деца и возрасни, настани надвор од студиото, онлајн класи, реставрација на дела и commission art. Посебно место зазема NeuroFloArt – сертификација што еднаш годишно ја отворам за професионалци, како мост помеѓу уметноста и внатрешната трансформација.
Ќе кажете дека уметноста ги спојува умот, телото и душата, колку е тоа важно во овој современ свет, во кој што се има интенција на еден обратен процес?
Да, уметноста е токму тој мост што го поврзува умот, телото и душата. Во современиот свет често гледаме обратен процес – луѓето се одвојуваат од себе, умот се преоптоварува со информации, телото се заборава, а душата молчи. Уметноста има моќ да го врати тој изгубен баланс.
Кога создаваме или дури само внимателно гледаме уметничко дело, ние сме присутни во моментот. Умот се смирува, телото реагира на боите, формите и движењата, а душата конечно добива простор да прозбори. Токму затоа верувам дека уметноста денес е повеќе од естетика – таа е алатка за исцелување, за поврзување и за враќање кон нашата автентичност.
Во еден свет кој нè тера да се движиме побрзо од природниот ритам, уметноста е тивок потсетник дека постои друг пат – пат на интеграција, хармонија и внатрешна слобода.
Неодамна се случи и една голема изложба, во HACPAC, што претставува ова искуство за вас?
Изложбата во HACPAC – Hackensack Performing Arts Center во Њу Џерси за мене е едно од најзначајните искуства досега. Тоа е простор со силна културна енергија, каде уметноста живее во дијалог со заедницата. Таму претставив серија дела кои ја носат мојата суштинска идеја – дека уметноста е алхемија, процес што ги спојува внатрешните светови со надворешниот израз.
Особено сум горда што петмина од најдобрите студенти на Art Mira Studio беа избрани да учествуваат. На нив им зададов задача да се инспирираат од едно од моите дела – „Energy Portrait”, и заедно со мене поминаа низ процесот како да создадат сопствено дело инспирирано од таа енергија. Тоа беше вистинска интеракција меѓу мојот свет и нивниот, каде јас ги водев, а тие носеа сопствен печат во творбата.
Настанот беше масовно посетен – се продадоа голем број влезници, а меѓу присутните имаше и мои македонски пријатели, како и Американци кои се дел од заедницата на Art Mira Studio. Публиката беше разновидна и топло ја прегрна изложбата.
Дополнително, изработив и едно празно платно со богата, релјефна позадина, на кое секој гостин можеше да остави свој потпис или знак. Тоа платно го нареков „Memory Canvas” – симбол на заедничкото искуство и жива меморија на настанот, која ќе остане со мене како сведоштво за тој уникатен миг.
Какви ви се врските со Македонија, и дали можеби имате некакви професионални планови за овде?
Врските со Македонија за мене се длабоки – тоа се моите корени, местото што секогаш ме инспирира и ме враќа кон автентичноста. Никогаш не знаеме што е следно, па затоа не правам строги планови однапред. Јас успешно си ја водам мојата кариера во Америка, таму каде што природно се отвораат можности, и верувам дека истото важи и за Македонија – ако дојде вистинскиот момент, ќе донесам дел од моето искуство во Македонија.
Голем плус е што голем дел од мојата работа се одвива онлајн, па така и македонските професионалци имаат можност да се приклучат и да добијат сертификација за мојот метод NeuroFloArt™ – на следниот линк.
Фото/Приватна архива







