Повеќе или помалку познати факти за изградбата на Св.Цар Константин и Елена, храм кој што ќе биде осветен утре

Изградбата на Св.Цар Константин и Елена, храмот кој што утре во центарот на Скопје ќе биде осветен, почна да се гради во 2012 година од страна на градежната фирма АД Бетон, а конечно, по 13 години, храмот е довршен и подготвен за свечено отворање и осветување.

По долг период на застој, благодарение на едно благочестиво семејство од Скопје, кое со љубов и посветеност вложи финансиски средства, храмот добива завршница и денес претставува духовен и културен белег на градот.

Во целиот процес беа вклучени многу луѓе – архитекти, инженери, уметници, работници и дарители – кои несебично и со голема посветеност работеа на реализација на овој монументален објект.

Автори на новоосветениот православен храм „Св. Цар Константин и Елена“ во Скопје се архитектите Искра Лековска и Владимир Лековски, од архитектонското студио ЛЕЛЕЛЕЛЕ.

Во 2008 година тие победија на меѓународен конкурс за идејно решение, распишан од страна на Министерството за култура, по што во наредните две години го изработуваат основниот и изведбениот проект.

Зачетник на идејата за возобновување на црквата „Св. Константин и Елена“, која била срушена по катастрофалниот земјотрес во Скопје во 1963 година и се наоѓала во центарот на градот, е епископот Антаниски Партениј.

Оваа идеја ја пренесува преку неговите духовни чеда од кабинетот на министерот за транспорт и врски Миле Јанакиевски, кој на драга волја ја прифаќа и ја предлага на тогашниот премиер, Никола Груевски.

Груевски, на неговиот фејсбук-профил исто така потсети дека му ја пренел идејата на архиепископ Охридски и Македонски и на Јустинијана Прима, г-дин г-дин Стефан, ја дал иницијативата до Владата и помагал во изградбата се до 2018 година.

„Кога заминав од Македонија, време во кое црквата и камбанаријата веќе беа изградени, фасадата веќе беше целосно поставена на црквата и се уште не беше поставена само фасадата на камбанаријата, а внатрешното фрескосување беше завршено над 50%, како што ми кажаа уметницие кои ги посетив во последните недели пред моето заминување од Македонија.

Се заедно мислам дека беа завршени приближно над 80% од објектот.  Со смената на власта и особено со моето заминување од Македонија во 2018 година, активностите целосно запреа. Новата власт ја гледаше таа црква како некој мој личен проект, и наместо да помогне да се заврши истата и да станат дел од тој грандиозен проект, водеше некаква истрага за тоа како се обезбедувале парите за градбата, од која ништо не се изроди,“ пишува меѓудругото Груевски на фејсбук.

Тој информира дека на фрескоживописот работеле руски, украински и македонски уметници, а потсетува и на протестите и контрапротестите кои се случија во врска со обновувањето на овој храм.

Кои се архитектонските и уметничките особености на храмот

Фасада: изработена од стотици уникатни и различни блокови од травертин, неслучајно избрани за да бидат во дијалог со спомениците од минатото – Камениот мост и Старата чаршија кои се во непосредна близина на овој објект.

Во долната зона е изведена резба која стилизирано ја симболизира виновата лоза и Евхаристијата, како суштински мотив на христијанската вера.

Перфектната изведба на фасадата е дело на македонската фирма „Крин КГ“, која со својата мајсторска изработка овозможи храмот да добие монументален, но и суптилно симболичен изглед.

Куполи: тие се изработени од некородирачки инокс во златна боја, со уникатна просторна форма на лушпите, што е единствена во светот. Одсјајот од лушпите на малите куполи се пресликува во внатрешноста и волшебно игра околу фреската на Господ Исус Христос Пантократор, создавајќи возвишено духовно доживување.

Ѕвона: како и сите архитектонски и уметнички детали во храмот, и ѕвоната се дизајнирани од Искра Лековска и Владимир Лековски, со орнаментални мотиви кои се присутни низ целата црква. Текстовите на ѕвоната се предлог на Архимандрит Кирил од Бигорскиот манастир и се изведени со благослов на игуменот, Епископот Партениј, а орнаментите и натписите се уметнички обработени од Дарко и Елена Дуковски.  

Самите ѕвона се лиени во прочуената леарница Grassmayr во Инсбрук, Австрија, а системот за ѕвонење и автоматиката ги изработи  ѕвонарот Денис Латишев од Молдавија. Со својата големина тие претставуваат најголемиот сет на ѕвона на Балканот, каде што најголемото ѕвоно тежи 8,5 тони – воедно и најголемото црковно ѕвоно на Балканот.

На секое ѕвоно има натпис со молитва кон светителот кој е претставен на него, а на едно од ѕвоната е испишан свечен натпис: „Боже, чувај ја татковината наша света Македонска и нашиот благоверен народ“.

Пред нивната монтажа на кулата, ѕвоната беа свечено осветени од Архиепископ Охридски и Македонски и на Јустинијана Прима г-дин г-дин Стефан на  9 септември 2015 година, а првите кои ги ѕвонеа беа монасите од Бигорскиот манастир, специјално повикани да ги проверат и да ги испробаат нивните звуци.

Ова е вториот сет ѕвона во Македонија, со безвременски и возвишен звук, кои се ретки по својата акустика и силаи освен во Бигорскиот манастир, сега и во овој храм во Скопје ќе може да се доживее истото возвишено чувство што тие го создаваат.

Живопис: изведен во духот на православната иконографска традиција, со современ пристап, од зографот проф. Лариса Бондаренко со нејзината тајфа, кои создадоа возвишена и духовно длабока атмосфера.

Мозаик: изработени од природни камења, мозаиците се дело на најдобриот македонски мозаичар и зограф Дејан Кратевски. Со префинета уметничка изведба, тие ја збогатуваат фасадата на храмот со претстава на светители, добро познати и блиски на македонскиот народ, создавајќи богата духовна слика на надворешноста.

Внатрешност: во средиштето на храмот доминира еднореден иконостас по византиски типик, по проект на авторите на црквата, а изработен од најквалитетниот мермер од Прилеп.

Иконостасот е инспириран од ранохристијанските и средновековните црковни мотиви од Македонија, претставувајќи продолжение на богатото духовно и културно наследство. Иконите од иконостасот ги изработи познатиот македонскиот уметник и  иконописец Малка Конеска.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

(Фото) Како изгледа храмот „Св. цар Константин и царица Елена“, кој што ќе биде осветен

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести