Демант и јавно извинување до семејството Сипковски

На писмено барање на семејството Сипковски, еМагазин ја отстрани содржината со наслов „Поранешниот ракометар на Вардар и модел, Мартин Сипковски…“.

Во допис упатен до нашата редакција, Дејан Сипковски, во име на семејството Сипковски, известува дека во текстот „се изнесени невистинити и тешки тврдења со кои грубо се нарушува угледот и честа на покојниот Мартин Сипковски, како и на неговото семејство“:

„Во текстот се наведуваат сериозни и неосновани обвинувања за наводни кривични дела и активности, без наведување на конкретен и проверлив извор, ниту официјален документ или изјава на надлежен орган. Таквото известување претставува клевета и навреда во смисла на член 6 и член 7 од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета.

Дополнително, согласно член 8, став 2 од истиот закон, во случај на навреда или клевета на починато лице, тужба може да поднесе неговото семејство – во овој случај јас, Дејан Сипковски, како татко на покојниот, бидејќи со објавените тврдења е директно повредена нашата чест и достоинство.

Со ова барање Ве повикувам во најкраток можен рок (веднаш) да доставите:

Точен извор на информациите и фактите наведени во текстот (вклучувајќи службени документи или официјални изјави на надлежен орган);

Или, доколку не располагате со такви извори, да објавите јавен демант и јавно извинување до семејството Сипковски, најдоцна до понеделник, 13.10.2025 година.

Во спротивно, ќе бидам принуден да поднесам тужба за клевета и навреда против вашиот медиум и одговорното лице и ќе барам максимална парична отштета за причинета материјална и нематеријална штета, во согласност со член 18 од Законот.

Напоменувам дека поседувам материјални докази (принт-скринови, архивирани линкови и копии од вашата објава), кои ќе бидат приложени како доказ во постапката, доколку не ја повлечете содржината и не објавите демант и извинување во наведениот рок.

Случајот ќе биде пријавен и до Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), како институции надлежни за санкционирање на вакви повреди на новинарската етика и интегритет.

Очекувам писмен одговор во наведениот рок“.

Редакцијата на еМагазин му се извинува јавно на семејството Сипковски поради пропустот, со уверување дека не постоела намера да му се нанесе штета на честа и на угледот на семејството.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести