БулМак свечено го одбележа 28 Август – Денот на рударите, заедно со десетгодишниот јубилеј од повторното отворање и обновувањето на производството во рудниците „Тораница“ и „Злетово“, информираат од таму.
Настанот, кој се одржа на Градскиот стадион во Крива Паланка, ги обедини рударите и тимовите од „Тораница“ и „Злетово“. На свеченоста присуствуваа сопственикот Николај Вaлканов, раководството предводено од Георги Вaлканов, директорот Владимир Темелковски, градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, раководителот на рудникот „Тораница“, Денис Ѓоргиевски, како и претставници на државните институции, локалната самоуправа, деловни партнери и соработници.


-Свеченоста беше посветена на рударите и на сите тимови кои со своето знаење, искуство, храброст и одговорност го овозможуваат непреченото функционирање на двата рудника. Беше оддадено признание на луѓето кои работат во јамите, флотациите, геологијата, одржувањето, лабораториите, транспортот, безбедноста, администрацијата и останатите служби вклучени во производствениот процес, велат од таму.
Во рамките на програмата, на 164 вработени им беа доделени јубилејни статуетки и награди за нивната долгогодишна работа, лојалност и придонес во обновувањето и развојот на „Тораница“ и „Злетово“. Признанија добија и најдобрите рудари, кои со својата професионалност, дисциплина и одговорен однос претставуваат пример за своите колеги.
-Пред повторното отворање, двата рудника се соочуваа со прекинат производствен процес, запоставени објекти, застарена механизација и неизвесност за иднината на работните места. Со вложување капитал, знаење и организација, производството беше обновено, стручните кадри беа зачувани, а рудниците повторно станаа значајни економски и општествени столбови на Крива Паланка и Пробиштип.
Денес БулМак обезбедува работа за околу 700 лица. Во последните десет години, 45 милиони евра се инвестирани во современа механизација и опрема, со цел унапредување на производството, зголемување на ефикасноста и подобрување на условите за работа. Дополнителни 15 милиони евра се вложени во заштита на животната средина, преку проекти и мерки насочени кон одговорно управување со природните ресурси и намалување на влијанието од производствените процеси, посочуваат од таму.
Значајни резултати се остварени и во производството. Во изминатиот период, „Тораница“ произведе и преработи повеќе од 2,6 милиони тони руда, од кои се добиени над 144.000 тони оловен и цинков концентрат. Зад овие бројки стои заедничката работа на рударите, инженерите, геолозите, механичарите, електричарите, преработувачите и останатите стручни тимови.
-Една од главните пораки на свеченоста беше дека производствениот резултат има вистинска вредност само кога е постигнат со безбедна работа и со грижа за здравјето на луѓето. Проверената опрема, јасните процедури, целосната лична заштита и добрата комуникација се основа на секоја успешно завршена смена.
Традиционалниот рударски поздрав „Среќно“ ја изразува меѓусебната грижа и обврската секој рудар да внимава на сопствената безбедност и на човекот кој работи покрај него.
Во наредниот период, компанијата ќе продолжи со технолошко унапредување, стручни обуки и подобрување на работната средина. Посебно внимание ќе биде насочено кон пренесувањето на знаењето и искуството од поискусните рудари на новите генерации.
Работењето на „Тораница“ и „Злетово“ има значајно влијание и врз развојот на локалните заедници. БулМак годишно плаќа околу 1,5 милиони евра концесиски надоместоци кон државата и општините Крива Паланка и Пробиштип, обезбедувајќи директен финансиски придонес за реализација на локални проекти и подобрување на јавните услуги.
Компанијата поддржува и проекти од областа на културата, спортот, здравството, образованието и локалната инфраструктура, со што придонесува за подобрување на условите за живот во средините во кои работи.
По повод нивниот празник, БулМак на сите рудари им посакува добро здравје, безбедна работа и спокојно враќање дома по секоја смена.
Честит Ден на рударите! Среќно!, велат од таму.














