На Универзитетска клиника за неврохирургија била извршена комплексна микрохируршка интервенција кај 57-годишен пациент со руптурирана аневризма на мозочен крвен сад, информираа од Министерството за здравство.
– Станува збор за операција која за првпат во Македонија е изведена со примена на интраоперативна флуоресцентна видеоангиографија. Оваа иновација е значаен чекор напред во модернизацијата на македонското здравство. Примената на интраоперативната флуоресцентна видеоангиографија ја зголемува безбедноста на пациентите и ја подобрува ефикасноста на хируршките интервенции, вели министерот за здравство, Азир Алиу.
Оваа иновативна метода претставува напредна техника која овозможува визуелизација на крвниот проток во реално време за време на операцијата, посочуваат од таму.
– Со примена на контрастно средство, хирурзите можат прецизно да ја проценат проодноста на крвните садови и да го потврдат целосното исклучување на аневризмата, што е клучно за успешен исход, појаснува д-р Благој Шунтов, специјалист по неврохирургија и раководител на тимот.
Инаку, хируршкиот тим се состои од: д-р Благој Шунтов, асистенти: д-р Мирко Мишел Мирчевски, д-р Влатко Атанасов, анестезиолошки тим: д-р Сања Ѓурчевска, д-р Радмила Панговска, мс Ирена Стојанова, мс Гордана Мицковска, мс Даниела Делова, инструментарки: мс Маја Спировска, мс Наташа Мирчевска.
Операцијата поминала без компликации, а пациентот се опоравува без потешкотии.
Фото: МЗ