На денешното рочиште за трагедијата во Кочани, одбраната на обвинетиот Александар Нацев, кого Основното јавно обвинителство го смета за вистински сопственик на агенцијата „Рубикон“, која ја обезбедуваше т.н. дискотека, кажа дека тоа не било точно.
Според неговиот адвокат Дејан Стојчев, Нацев бил вработен во фирмата како консултант од 2024 година, ангажиран поради неговата експертиза во областа на безбедноста, а не како лице со овластувања за раководење.
Одбраната на Нацев посочи и дека помеѓу “Рубикон“ и т.н. дискотека “Пулс“ не постоел писмен договор за физичко обезбедување, што било законски предуслов за одредување на одговорноста.
Стојчев подвлече и дека агенцијата делувала само како оператор на услуги, а не како субјект со целосна одговорност за безбедносните протоколи во објектот.
Нацев пак меѓу друго се пожали дека бил жртва на “медиумски и јавен линч“, дека била нарушена презумпцијата на неговата невиност во јавноста и дека бил цел на политизирани и неосновани клевети.
Правните застапници на фирмите „ММММ кафе“ ДООЕЛ и „Рубикон секјурити солушнс“ исто така меѓу друго посочија дека немало договор за соработка помеѓу агенцијата и „Пулс“, како и дека доказите на Обвинителството биле без доказна вредност.
Правниот застапник на третата обвинета фирма, „Венци“ ДООЕЛ Кочани, отфрли било каква вина за пожарот и поврзаност со нивниот проект за паркингот на т.н. дискотека и трагедијата.
Ова беа последните воведни зборови на одбраната на обвинетите за трагедијата.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Дали и присуството на цијанид било причина за смрт, прашуваат родителите на загинатите во Кочани
Фото: Нацев/Фејсбук














