Пишува Архимандрит Кирил Бигорски
Постои еден парадокс во историјата на уметноста кој Аристотел го наслутил, но никогаш не го формулирал до крај: комедијата. Во својата најчиста форма таа е сестра на трагедијата, и двете се хранат од истиот извор: човечката ранливост во време-просторот и местоположбата на поединецот сред џунглата на општеството.
Постои и еден момент во животот на секоја култура кога таа мора да се соочи со сопственото огледало. Не со огледалото на митот или на официјалната историја, туку со она посурово, понепријатно огледало: меморијата и сатирата. Новиот документарен филм на авторот и режисер Илија Ико Каров, К-15 од другата страна, е токму такво огледало и таква есеистичка вистина содржана на филмска лента.
Поканата што ја добивме како монашко братство да ја проследиме премиерата во МНТ, не беше само љубезен гест од страна на творецот, туку чин на доверба и вовед во една филмска медитација. Оти, овој филм не се гледа како обичен документарец; тој се живее и се сведочи. Како што секое културно и уметничко дело е текст што бара читател кој знае да го дешифрира, така и овој интервизуелен документарен состав.
Самиот негов наслов веќе функционира како семиотички клуч. „Од другата страна“ не е само топографска ознака што упатува зад сцената или зад камерите, туку е и еден вид онтолошка позиција. Ико нè повикува да слеземе под површината на приказната, во археолошките слоеви каде што времето не е измазнето, туку наталожено. Таму, меѓу пукнатите фрагменти и прекинатите стратуми, во таа напластеност и несовршеност, филмот не реконструира, туку откопува.
Она што веднаш паѓа в очи на внимателниот гледач е драматуршката смелост. Филмот мајсторски го следи историскиот лак на највлијателната хумористична група во поновата македонска култура, преку она што во наратологијата би го нарекле обратна фокализација: не од сцената, туку од нејзината сенка; не од аплаузот, туку од тишината зад него; не од спикерот или нараторот, ами од најстариот сопатник на легендите од К-15 – нивното комбе „Хјундаи“ од ’85. Kaров не се потпира догматски на хронолошка линеарност која би го претворила делото во една сувопарна енциклопедиска статија. Наместо тоа, тој избира една mise-en-scène која функционира како пролог и епилог истовремено: тројцата актери, Васко Тодоров, Љупчо Бубо Каров и Бранко Огњановски, седнати среде „она што останало од К-15“.
Таа импровизирана сцена, која е истовремено рушевина и светилиште, е чиста визуелна метафора: театар без театар, сцена без илузија. Овој визуелен лајтмотив, кој се враќа низ филмот како рефрен во балада, го носи целиот товар на наративот: присуство во отсуство, траење во исчезнување. Тоа е местото каде што вонвременското и вонпросторното дело на К-15 се судира со минливоста.
Монтажата, маестрално изведена од Бранко Блажевски, е суптилно асоцијативна и заслужува посебна пофалба. Таа не брза да објасни, туку дозволува смислата да се наталожи. Архивските снимки не се вметнуваат како илустрации, туку како контрапункт, одговор или прашање на она што се говори во сегашноста. Во одредени секвенци, монтажниот ритам намерно се „крши“, создавајќи дисонантен темпорален ефект кој ја одразува внатрешната пукнатина меѓу смеата и заморот, меѓу комичноста и трагичноста.
Кинематографијата на Ико е веќе препознатливо аскетска, прераснувајќи во визуелна филозофија. Камерата, мошне вешто маневрирана од Илија Жоговски, не се наметнува; таа набљудува. Интервјуата се снимени со светлина која не ласка и не митологизира, туку остава сенки и брчки на лицата, сакајќи да ги покаже хероите како луѓе кои минале низ нешто, а не како поп-стар икони. Од друга страна, архивскиот материјал е обработен со внимателна реставрација којашто ја прифаќа патината. Зрнестата структура на VHS касетите и несовршениот кадар стануваат сведоштво, а не недостаток. Посебно впечатлива е употребата на long take во миговите на емотивно откровение; Каров не се плаши од тишината, туку ѝ дава простор на меморијата самата да се искаже.
Она што го прави филмот исклучително авангарден и фасцинантен е неговата способност да ја артикулира трагедијата, „тонењето“, без да падне во патетика и безнадежност. Ова е филм што зборува за тоа како едно општество знае да се смее, но не знае да се грижи; како создава легенди и митови, а потоа ги остава нивните творци сами со сопствената тишина.
Тука се чувствува субјективната рака авторот, не само како режисер, туку и како сведок. Како син на Бубо Каров и дел од самиот екосистем на К-15, тој го поминал овој процес со стоичка смерност. Со внатрешна дисциплина и кинематографски такт, тој успева да биде истовремено близок и прецизен, емотивен и строг, комичен и смртно серозен, покажувајќи ја раната без да ја експлоатира.
Сепак, брендмаркот на „Дуо Трио“ – смеата, во филмот не е прогонета, ниту исчезнува. Таа е интегрирана како семиотички остаток, како неизбришлива следа од она што било, но и показ за она што сè уште е живо. Личните приказни се вплетени со таква мерка што трагичното не го поништува комичното, туку го продлабочува. Хуморот на К-15, тој препознатлив спој на апсурд и поука, на медиокритет и мудрост, на едноставност и длабочина, никогаш не бил само хумор и забава. Тој е поскоро херменевтика на македонското секојдневие. Форма на отпор, обид за поправање и начин на преживување. Хуморот на К-15 секогаш имал нешто од она што го нарекуваме „космичка комедија“: смеа која не ја негира трагедијата, туку ја опфаќа и ја надминува.
Лично за мене, овој филм беше исполнување на еден завет на благодарност. Исполнување на долг на поколенија и поколенија што пораснавме со К-15, но и принос кон нешто подлабоко: кон можноста преку хумор да се преживее една тешка, често апсурдна реалност во нашето општество. Без претерување ќе кажам: го доживеав како благодарствен дар за едно од најдобрите нешта што ѝ се случиле на независна Македонија, заедно со возобновеното општежително монаштвото. Зашто и едното и другото, на свој начин, знаат да ја разобличат општествената празнина и да ѝ дадат поука и смисла. К-15 не беа ни луксуз, ни излишност, туку егзистенцијална нужност.
Сценариото, кинематографијата, документарната искреност, непосредноста, комичноста, трагичноста, носталгијата, надежта и тивката радост – сè во овој филм е достојно за пофалба. К-15 од другата страна не е само филм за К-15. Тоа е филм за нас. За тоа што сме биле, за тоа што сме направиле со оние што нè насмеале, и за прашањето дали, конечно, знаеме да им кажеме благодарам на нашите добротвори. Едновремено елегија и химна, историја и сегашност, забава и духовно отрезнување. Гледајте го и дозволете му да ви ја раскаже приказната од опачината, зашто таму, во таа „друга страна“, ќе го препознаете и сопственото лице.













