Овој викенд, во недела, кралот на електронската и транс музика, Armin Van Buuren доаѓа во Македонија, во Битола на „Бит Фест“. Музичкиот спектакл од светски ранг, ќе се одржи на Стадионот „Петар Милошевски“, со почеток од 22:00 часот.
За големиот концерт на Ван Бурен очекувана e масовна посетеност како од сите градови низ Македонија, така и од сите соседи во регионот и Европа.
„Со целовечерна програма, која, покрај Armin Van Buuren ги вклучува и Laura Van Dam, Cyrillic и Sempre, Битола за прв пат во својата историја добива настан со А класа светски музички артист и продукција според сите светски фестивалски стандарди… а, земајќи ја предвид и природната убавина и атрактивност на градот Битола, повеќе од очигледно е дека оваа недела – сите патишта водат до Битола!“, стои во најавата на настанот од Авалон продукција.
За вљубениците во театарот, а посебно за децата и младите, во недела започнува и Програмата на 14 издание на Интернационалниот детски театарски фестивал „Битолино“. Театарските претстави и работилници ќе се одржуваат во Центарот за култура, според распоредот во најавената програма која ќе трае до 7. август.
На 5. август во рамките на „Бит Фест“, во 20:30 часот, во Културниот центар „Магаза“ ќе биде отворена изложбата „Декларација на вредност“ на уметникот Константин Солак.
На 7. август, Битола и „Бит Фест“ носат уште едно големо изненадување и незаборавно доживување. На Античкиот локалитет Хераклеја со почеток од 21:00 часот, публиката ќе има можност да проследи исклучителна вечер посветена на кларинетот, со врвните музичари кои оставиле белег на меѓународната сцена: Исмаил Лумановски, Благојче Трајковски, Горан Бојчевски, Благој Ламњов.
Работната недела на 8 и 9. август, со почеток во 21 часот ќе ја заокружи одлична музичка програма збогатена со 6 различни штандови со храна, во рамките на второто издание на Street Food Festival Bitola кој ќе се одржи на Платото пред ДМ маркет, кај Градската пошта.
Битолското културно лето „Бит Фест“, ќе трае до 31. август, а се реализира со поддршка од Општина Битола и Министерството за култура и туризам.
Фото: Општина Битола