По бројните критики од страна на спортистите-учесници на ЕМОФ 2025 за лошите услови во спортските сали, сместувањата по домовите министерот за спорт Борко Ристовски во интервју за Радио Слободна Европа меѓудругото се осврна и на организацијата.
Тој вели дека во личен разговор со претседателот на Eвропскиот олимписки комитет му било укажано дека државата ги нема потребните капацитети и комплекси за младинската Олимпијада.
„Лично имав разговор со претседателот на Европскиот Олимписки комитет во насока да укажеме дека како држава ги немаме тие спортски комплекси кои Олимпискиот комитет и Градот Скопје си го преземале како обврска со потпишување на договор за организирање на еден вака голем и масовен настан.
Ние предложивме или да се откаже Олимпијадата што за младинци што се одржува во Македонија, или таа да се редуцира на 1.000 учесници за коишто можеме како држава да дадеме гаранции. Бевме одбиени, бевме одбиени од причина што веќе било премногу касно за да се откаже Олимпијадата за младинци, што е и до некаде разбирливо, меѓутоа имаше обид и кажавме ние дека дека ние немаме капацитет за да за да организираме вака еден масовен настан.
Морам да додадам дека иако организацијата во одреден момент затаи, меѓутоа не беше на ниво катастрофално како што тоа сака да го прикажат поединци или опозицијата. И ете кога ќе угостите преку 4.000 дечиња, нормално е да има некои недостатоци. Не постои држава на светот или Олимписки комитет на светот или град на светот што може да го организира без недостатоци и тоа е во ред. Улогата на министерството беше чисто логистичка,“ вели Ристовски.
Според него, кога ќе потпишувате еден ваков договор за сериозна организација, мора државата да даде заедно со градот којшто е домаќин или Олимпискиот комитет да работи на организација барем минимум две до три години, за да се создадат услови за беспрекорно работење или функционирање, одвивање на оваа Олимпијада.
ЕМОФ Скопје пак, ја пренесе изјавата на првиот човек на Европските олимписки комитети Спирос Капралос дадена за македонски медиуми, во која тој организацијата ја оценува за одлична, а фестивалот за екстремно успешен.
Фото/Влада