Безвременската оперска класика „Травијата“ од Џузепе Верди на сцената на Националната опера и балет на 20. февруари

Безвременската опера „Травијата“ од Џузепе Верди, ремек-дело кое плени со својата страст, драматургија и незаборавна музика, ќе биде изведена на сцената на Националната опера и балет на 20. февруари 2026 година, со почеток во 19.30 часот.

Инспирирана од романот „Дамата со камелии“, оваа опера раскажува човечка приказна за љубовта, жртвата и судирот со општествените норми.

Диригент е гостинот од Италија, Лоренцо Бицари, режијата е на реномираната германска режисерка Верена Штојбер, создавајќи моќна продукција чиј главен фокус е сценската динамика и визуелната префинетост.

Сценограф и костимограф е Софија Шнајдер (Германија), кореограф: Саша Евтимова, концерт-мајстор е Јане Бакевски, а хор-мајстор е Јасмина Ѓоргеска.

Во улогата на Виолета Валери ќе настапи Наде Талевска, во улогата на Алфред Жермон – Благој Нацоски, Жорж Жермон – Марјан Јованоски, а во останатите улоги: Марика Поповиќ, Александра Лазарoвска Василевски, Кристијан Антовски, Драган Ампов, Никола Стојчевски, Невен Силјановски, Игор Гиновски, Тихомир Јакимовски, заедно со хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на Националната опера и балет.

„Травијата“ е еден од столбовите на светскиот оперски репертоар – дело во кое Верди со извонредна музичка чувствителност ги обликува ликовите и нивните внатрешни борби, создавајќи опера која и денес длабоко ја допира публиката и останува актуелна на сцените ширум светот и кај нас.  

Промотивна објава

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести