По осум успешни години на чело на Халкбанк АД Скопје, главниот извршен директор Билал Суџубаши ја продолжува својата професионална кариера како прв човек на Halkbank Katilim во Турција, информираа од Банката.
Одборот на директори на Халкбанк Туркије во мај оваа година донесе одлука за формирање партиципативна банка со филијали, назначувајќи го Суџубаши со неа да раководи во наредниот период.
Суџубаши е на чело на Управниот одбор на Халкбанк АД Скопје од 2017 година, а неговиот мандат лани беше продолжен за нови две години. Во текот на неговото раководење, Халкбанк ја зацврсти својата позиција на македонскиот банкарски пазар и се етаблираше како растечки и стабилен бренд што ја реализира својата глобална визија преку понуда на иновативни производи и услуги, паралелно со континуирано зголемување на довербата од страна на клиентите, што е најголемиот показател за успешноста, посочуваат од таму.
Кога Суџубаши застана на чело на Банката, на крајот на 2016 година активата на Халкбанк изнесуваше 582 милиони евра, а 2024 година банката ја заврши со актива од 1.852 милиони евра како резултат на органски раст, зголемена деловна активност и силна доверба на пазарот. Халкбанк денес е една од системски значајните банки во земјата која чекор по чекор се приближува до трите најголеми банки, велат од таму.
Банката изминатите години бележеше постојан раст на депозитната база и на кредитирањето, остварувајќи значајни профити. 2024 година Банката ја заврши со кредитно портфолио од 1,17 милијарди евра, што е за речиси 170 милиони евра повеќе од 2023, депозитна база од 1,325 милијарди евра, што е раст од 241 милиони евра и остварена нето добивката од над 30 милиони евра.
-Халкбанк како предводник во дигитализацијата на банкарскиот сектор во земјава, во изминативе години посвети големо внимание и на воведување услуги базирани на новите технологии и меѓу првите воведе низа дигитални производи и иновации.
Халкбанк е и прв избор за новоформирани компании, препознатлива по својата иновативност и лидерска позиција во воведување нови услуги.
Под водство на Суџубаши, Банката посвети и сериозно големо внимание на општествената одговорност и поддршка на заедницата, станувајќи препознаена како еко ориентирана институција и како банка која придонесува за отворање и решавање на низа општествени и социјални теми. Но, најважно од се, Халкбанк под неговото раководство стана препознаена како бренд и компанија која се води и функционира во согласност со својот слоган – Важни се луѓето, велат од таму.